Ненаситно око

11.03.2016 02:06
Ненаситно око

Тоа што Никола Груевски не е премиер, сега деградиран на ниво на партиски лидер на ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не ѝ пречи на Владата. Таа и понатаму, како ништо да не се случило, беспоговорно спроведува сè што нему ќе му текне. А бидејќи не му текнува ништо, тој и вчера промовираше уште шест нови мерки и повторно за младите.

Првата мерка изгледа интересна: државата, што ќе рече сиромашниот народ - значи не богатиот Груевски, не богаташите од неговата „фамилија“ властодршци, уште помалку неговата пребогата партија - ќе плаќа за „ласерска корекција на диоптрија за студентите од 18-26 години кои имаат проблем со видот“. Бидејќи бившиот нема ни срам пред стручњаците ни перде на очите, не гледа никаква пречка токму тој да објасни што е што: „Ласерската корекција на диоптријата е безбедна успешна метода со која се добива јасен и прецизен вид. Оваа гранка на офталмологијата вклучува неколку процедури кои ја подобруваат способноста на окото и ја елиминира потребата од носење леќи“, објасни Груевски, иако според квалификациите единствено што може е да биде пациент.

Но, на овие и на сличните проекти сите гледаат со сосема друга диоптрија. Очигледно е, дури и за тие што имаат проблем со видот, дека ова се последните, очајнички обиди за спас на пациентот. Процедурата со која ќе се коригира ненаситноста во неговото лакомо око ќе мора да ја плаќа сам, лично.

Извор: Слободен печат
Слика: Марко Ковачевски

ОкоБоли главаВицФото