Коце кај Гоце

06.05.2016 03:51
Коце кај Гоце

Премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот Коце Трајановски вчера во црквата „Свети Спас“ во Скопје ја одбележаа (положија цвеќе на гробот) 113-годишнината од смртта на големиот македонски херој Гоце Делчев. Нивниот партиски шеф, поранешниот премиер Никола Груевски, во случајов постапи многу поискрено, пореално, па и почесно: не се појави со нив. Ако не сакал да учествува во оваа церемонија, зашто таа не може да биде ништо друго од обично лицемерие, тогаш бил сосема во право.

Единствен начин да му оддадат почит - ако воопшто се достојни за таков чин - на големиот учител е Груевски, владината делегација и другите цвеќиња од венецот наречен злосторничко здружение да клекнат пред гробот и да му се извинат за тешкиот пораз што им го нанесоа на Македонците во културниот натпревар меѓу народите. За расистичките, глупави песни што се пееја во името на Гоце под диригентство на преродбениците. За кичерајот од споменици (веројатно бронзениот Гоце сам би се стопил од срам кога би можел да го види - од коњот на кој е качен! - друштвото околу него) и фасади на скопскиот плоштад и за многу други „предавнички проекти“ со кои ја обележаа, ја жигосаа или, најточно, ја закопаа македонската култура. По овој културоцид таа уште долго време не ќе може да се квалификува, камоли да се натпреварува на кое било поле, во која било цивилизирана лига на народите.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото