Интервју со Такеши Китано

29.06.2010 10:06
Такеши Китано

Во живо, 63-годишниот јапонски филмаџија – кој кариерата ја започна 1989 г. со филмот „Насилниот полицаец“, а врвот го доживеа во 1997 со ремек-делото „Огномет“, освојувајќи Златен лав во Венеција и низа друга светски награди – не делува застрашувачки како во своите жестоки и насилни филмови: низок е, симпатичен и малку необичен за Јапонец, па повеќе наликува на Киргистанец или припадник на некој друг народ од азискиот дел на поранешниот СССР.

 
Тресењето на рамениците и фацијалните тикови се последица на тешката мотористичка несреќа од која едвај извлече жива глава и мораше да прави операција на целото лице. Последниот негов филм, „ Outrage“, во Кан имаше светска премиера, и наједноставно може да се опише како режисерско враќање на жанрот кој го прослави: насилна гангстерска драма за јапонската мафија. Китано, пак, не смета дека филмот претставува негово навраќање кон заштитниот жанр и теми.
 
„За мене тоа не е враќање кон корените“, ни вели тој на почетокот на разговорот. „По деценија драми, комедии и арт-филмови посакав промена. Филмовите се како храна, не можете постојано да јадете една иста, а јас токму тоа го правев последниве десетина години. Филмовите кои во меѓувреме ги режирав не постигнаа комерцијален успех како што се надевав, па беше време за промена.“
 
Можеме ли сега да очекуваме дека следниве години ќе продолжите да снимате „јакуза“ филмови како што во изминатите десетина години им бевте верен на уметничките драми?
 
Веројатно не е случајно што како автор наеднаш се свртев кон други теми и уметнички преокупации во оној миг од животот кога од маж на средни години преминував во човек на зрела возраст. Таа преобразба не е најпријатна и носи доста стрес и психолошки притисок. Кога денес ќе погледнам наназад, сфаќам дека мојата трилогија „Takeshi’s/Славата на филмаџијата/Ахилеј и желката“ е всушност приказ на менталната и физичка преобразба од средовечен маж во човек на зрели години. А сега, кога се чувствувам опуштено како стар човек, повторно сум подготвен за филмови од типот на „ Outrage“.
 
„Outrage“ изгледа како конечен удар во „јакуза“ поджанрот: во филмот сите гангстерски организации се пресметуваат една со друга речиси до целосно уништување.
 
Речиси сте во право! Овој филм е како патолошки извештај за состојбата на јапонската организација јакуза. Имав чувство дека снимам документарец за уништувањето на шумските инсекти кои меѓусебно со убиваат и јадат до уништување бидејќи згрешиле според природните закони.
 
Како и вашите претходни гангстерски филмови, и „Outrage“ е многу насилен и крвав, а неколку сцени се посебно впечатливи по својата гротескност и суровост. Уживате ли лично во таквите сцени или сметате дека (вашата) публиката сака да ги види?
 
Насилството во моите филмови нема некоја посебна психолошка комплексност, нема некаква филозофија и длабоко значење, тоа едноставно е дел од секојдневието на гангстерското подземје кое го прикажувам. Нивниот природен ред и егзистенција навистина се како оние на инсектите: нема милост, туку само сурова борба за опстанок и територија. Сакав да го прикажам и лудилото на мафијашката еволуција: колку и да се убиваат меѓусебно, по нив ќе дојдат млади луѓе кои повторно ќе се убиваат меѓусебно, и така во круг.
 
 
Може ли тоа да се преслика на јапонското корпоративно и капиталистичко општество кое исто така е сурово и немилосрдно, иако користи поинакви методи?
 
Апсолутно! И не само на јапонското, туку и на глобалното општество. Доволно е да се исфрлат оружјето и насилството и ги имате истата интеракција, конкуренција, филозофија на размислување, борба за моќ и територии како во гангстерското подземје.
 
Дали припадниците на јакуза и нивната организација денес се исти како пред дваесетина години? Вие лично ги познавате, бидејќи за време на 1990-те, кога ги снимивте најпознатите мафијашки филмови, често бевте во контакт со нив.
 
Припадниците на јакузите не се никаква тајна во Јапонија. Можете да ги сретнете на улица, а многумина од нив носат и одела со амблеми на гангстерската организација на која и’ припаѓаат. Тие не се кријат. Кога снимате филмови за нивниот живот и работа, не можете да ги заобиколите дури и да сакате, бидејќи порано јакуза контролираше голем дел од индустријата за забава. Денес сликата е малку поинаква, но и понатаму се доста моќни. Дури и некои високо позиционирани политичари признаа дека биле блиски со нив.
 
Кога последен пат сте имале можност да се сретнете со некој од нив и да разговарате?
 
Ги познавам премногу добро, така што немам потреба да се среќавам со нив. Денес го познавам тој свет многу добро, така што можам да ги портретирам без дополнителни истражувања и нови информации.
 
А што мислат тие за прикажувањето на нивните животи и работа? Дали некогаш ви го искажале своето мислење за вашите филмови?
 
Немаат ништо против кога ги прикажувам како опасни и насилни типови кои сејат страв и со кои нема шега, тоа им годи, тоа претставува комплимент за нив бидејќи така и се доживуваат самите себе си. Дури и кога ги прикажувате како полудени убијци и психички нестабилни личности, немате проблем, но доколку би се сплеткал со нив, би се потсмевал и ги прикажал како смешни, тоа не би било добро и сигурно не би им се допаднало. Тие себе си се доживуваат многу сериозно и сè додека ги прикажувам како опасни и моќни типови, немам никакви проблеми. Таквиот јавен имиџ им одговара бидејќи сакаат сите да се плашат од нив и да влеваат стравопочит.
 
 
Што им велите на оние кои го критикуваат вашиот експлицитен приказ на насилството? Вашиот нов филм некои го етикетираат како апокалиптичен во тој гангстерски микроконтекст.
 
Моите филмови ја портретираат јапонската гангстерска организација, па многу нормално е да бидат насилни, тоа е дел од нивната егзистенција. Доволно е да се погледнат ТВ вестите за да ја видите вистинската апокалипса! Погледнете што се случува во Авганистан, Ирак, Иран, Северна Кореја – тероризам и тајно создавање нуклеарно оружје, па потоа сите вулкански ерупции, земјотресите, истекувањето на нафта во Мексиканскиот залив, гладот во Африка и сл. Светот е многу пострашно место од моите филмови.
 
Размислувате ли понекогаш како насилството во вашите филмови влијае на гледачите? Мислите ли дека постои некоја скриена опасност во прикажувањето на насилството на филм, како што тврдат некои?
 
Тоа не ме загрижува и не мислам дека насилството на филм на кој било начин негативно влијае на гледачите. Не мислам дека некој може да стане насилен откако ќе изгледа некој мој филм или филм полн со насилни сцени од некој друг режисер. Често имам можност да го слушнам ова прашање и тогаш сакам да го поставам следново противпрашање: какви се последиците од филмовите од другите жанрови врз гледачите?
 
Дали луѓето се посреќни кога ќе изгледаат некоја романтична комедија, некој семеен филм или филм со среќен крај? Дали гледачите потоа се восхитени од животот и необично се среќни? Дали некоја трагична драма влијаела на расположението на луѓето на глобално ниво? Дали потоа сите биле депресивни и потиштени и сакале да извршат самоубиство?
 
Мислам дека нештата не се толку едноставни.
 
Извор: jutarnjilist.hr

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото