Ако не ви смрди, тогаш ништо

18.07.2017 15:31
 Ако не ви смрди, тогаш ништо

Насловот го позајмив и преадаптирав од српскиот портал „Пешчаник“, од неговиот сјаен слоган – „Ако ви е добро, тогаш ништо“. Навистина, ако се наоѓате во историска надолнина по која се тркала вашиот свет, и си поставивте задача со мисла и критика да реагирате на случувањата околу вас, која е групата граѓани на кои им се обраќате? Се разбира, тоа се оние луѓе кои – како и вие – не се чувствуваат добро во околностите на општествен регрес, зашто оние на коишто им е добро во доба на колективни несреќи, се токму гнасите што профитираат од нив, малата група јавачи на апокалипсата што триумфално галопираат по надолнината.

Тука се – за жал - и неопределено големата маса луѓе што на прашањето „како си?“ одговараат „викај: добро!“, зашто, кутрите, глумат дека им е добро, бранејќи се од општата неволја со индиферентност. Смрдеата во насловот, меѓутоа, беше потребна за да фрли светло на специфичната ситуација во која деновиве се наоѓа Македонија. Имено, тоа е ситуација во која изворот на неподносливата децениска партиско-мафијашка реа е присутен во сите институции и пори во општеството, но библиската земја, во еуфоријата на првите 100 дена од реформската влада, глуми како вмровската смрдеа на волшебен начин да исчезнала. И, иако македонското сонце на слободата сè уште секојдневно заоѓа – и пред саглам да изгрее! – зад планините политички и криминален измет, распослан по институциите и по јавниот простор, ние се однесуваме „посткризно“ опуштено, пуштаме да тече времето и глумиме како веќе засмрдениот леш на македонската демократија и планините вмровски гомна веќе воопшто и да не ни смрдат?! Како е тоа можно, што не е в ред со нас?

Вмровско мени

Непотребно сетило

Овој парадокс можеби можеме подобро да го разбереме со помош на најновите откритија на неуролошката наука за олфакторното сетило, како што науката го вика сетилото за мирис. Станува збор практично за „грдото пајче“ на човековите сетила, за најпотценетото и најобезвреденото човеково сетило, кое сите го сметаме безмалку за закржлавено и непотребно. А, испаѓа дека е токму обратното: сетилото за мирис во нашиот нос е веројатно најмоќното сетило со кое еволуцијата го опремила човекот! Веќе постојат докази дека бројот на различни мириси што човекот може да ги разликува се приближува до бројката од илјада милијарди, што е драматично повеќе од неколку милиони бои или половина милион тонови, со кои располагаат нашите „кралски“ сетила – видот и слухот.

Структуралната важност на ова сетило може да се илустрира и со фактот дека за него се „потрошени“ дури 5 проценти од нашиот вкупен генски запис. Човечкото сетило за мирис е толку прецизно, што може да го препознае мирисот од само неколку молекули што низ носот ќе влезат и ќе ја допрат нежната површина на сетилото, на „таваницата“ од носната шуплина. И, можеби најважното: сетилото за мирис е најдиректното сетило од сите пет што ги имаме. Видот, слухот, допирот и вкусот, мозокот ги преработува во сложени процеси, може да се рече, дури, дека тие – како што е случајот со најценетото сетило, видот – буквално се создаваат во мозокот.

Мирисот, меѓутоа, е директна хемиска реакција на физичко молекуларно присуство на материја; тоа е дразба што се прима толку директно и блиску до централниот нервен систем што може да се рече дека органот за мирис е дел од самиот мозок! Поради тоа, сетилото за мирис не лаже никогаш, се памети најдолго и далеку попрецизно од секоја друга меморија, а бидејќи се испраќа директно во хипокампусот и амигдалата – клучните подрачја во мозокот што управуваат со учењето, меморијата и емоциите, мирисните сеќавања несопирливо побудуваат слики, асоцијации и емоции.

Најинтересното за ова моќно, директно и „најискрено“ наше сетило е воедно и она најпознатото за него: дека чувствувањето на мирисите – дури и опасните или неиздржливо одвратните – исчезнува само по неколку минути, доколку сте во ситуација кога морате да останете во замирисаниот простор. Тоа во неврологијата се вика олфакторна адаптација, а всушност претставува механизам со кој мозокот буквално го „исклучува“ сетилото, откога ќе помине доволно време за да одлучи како да реагира на информацијата.

Кога ќе ти го изедат коњот

Смртоносна реа

Кои две сознанија од функционирањето на сетилото за мирис се од најголема важност за разбирањето на нашата системски и историски засмрдена ситуација? Првата е дека смрдеата е непосреден физички контакт на хемиски молекули со сетилото што е практично структурален дел од мозокот. Тоа, пак, буквално значи дека кога ви смрди на фекална канализација во строгиот центар на македонската престолнина, во сенката на јавната коњска карикатура висока 26 метри, тоа е зашто имате парче вмровско гомно што ви се залепило директно на мозокот.

Звучи вулгарно, валкано и одвратно? Тоа е затоа што се работи за сурова материјална вистина: фекалната контаминација што зрачи од вмровските градби и споменици, исто како и менталната смрдеа што избива од стотиците криминални и малоумни закони и други акти – да не го спомнувам зрачењето од негибнатата огромност на партиското присуство на ВМРО во јавниот простор – се лепи директно на нашите мозоци и непосредно ја труе нашата морална и човечка суштина. Адаптацијата на оваа смртоносна реа и нормалното однесување, кое е ништо повеќе од лажен основ за нашите кревки надежи, се само одбрамбен механизам што ги „исклучува“ информациите од нашите сетила, и на тој начин само го продолжува времето во кое сме изложени на разорното делување на контаминатот.

Еволуцијата го опремила човекот со фантастично ефикасно сетило што го информира разумот за присуство на опасни и штетни материи. Таа имала навистина слепо поверение во човековиот разум, зашто му овозможила да го исклучува ова скапоцено сетило, но воедно била немилосрдна кон оние што по грешка го употребиле овој прекинувач, зашто нив ги осудила на изумирање или живот во мизерија. Затоа, не смееме да се навикнеме на вмровската смрдеа, не смееме да оставиме времето да нè натера да го сметаме „Скопје 2014“ или скопската Casa del Fascio, Куќата на фашизмот во која е сместена вмровската штаб-квартира или самото ВМРО, како наша нормалност, зашто со време фекалната наслага на нашите мозоци ќе стане толку дебела, што ќе ја замени целата нивна содржина. А, конечно, ако не ви смрди – тогаш ништо!



Фрлените балетанки и балетанот

Слики: Александар Дојранлиев
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото