До коренот на потеклото

28.07.2010 10:02
ilinden.jpg

Затоа, Илинден мора да биде виден и доживеан не само како 66 години асномска државност, 107 години илинденска доблест, 1.000 средновековна македонска држава на цар Самоил, или пак 2.348 години од античката победа на Филип Втори Македонецот кај Херонеа. Илинден мора да биде виден и доживеан како вечен пат на македонската ослободена и разбудена свест до самиот извор на животот, преку светлината на сонцето, до коренот на потеклото.

Нестор Огинар, „Нова Македонија“, 27.07.10.

 

           

 
 
 
 
 

 
 
 

Илинден, симбол на македонскиот непокор

Останати вести

Заглавени!
Глума

 Печати | Прати ја страницата | Врати се назад

 

„Ако не изгорам, ако не изгориш, тогаш од каде ќе има светлина“ (Аристотел)

 

 
 

 

Не се вратив во Македонија по повеќе од четири децении лутање по светот за да бидам вовлечен во мрежата на толпа замаглени умови покриени со пајажината на малограѓански и теснопартиски провинцијализам. Ниту пак се вратив за да го делам примитивниот страв на оние што се плашат да го дочекаат утрешното изгревање на сонцето достоинствено, со исправена глава и широко отворени очи. Не дојдов во мојата татковина со обелени коси и бразди на челото за да ги слушам лелеците на оние што чекаат некој друг од страна да им донесе поарна иднина, под услов да заборават дека во оваа земја и пред нив живееле, страдале и твореле Македонци.

Во мојава земја дојдов зашто на зрели години осознав дека во мојот земен живот од сите вредности за кои сум сонувал, сум се борел и сум се залагал, Македонија е единствена што, како Пенелопа, ми остана верна, чиста, вечна и неменлива во овој лажен свет на менливи и минливи нешта што луѓето ги ткаат на разбојот од животот. И затоа, ова што го пишувам им го посветувам на оние Македонци кои имаат доблест своите секојдневни патешествија, грижи и неизвесности да им ги подредат, барем за миг, на мислата дека нашето утре ќе биде поарно од денес единствено ако најдеме волја во нас самите тоа првин да го посакаме, а потоа да го оствариме, жртвувајќи дел од личното за доброто на општото. Македонецот не е немоќен дури и кога се чини дека целиот свет околу него го изневерува и го напушта зашто во себе отсекогаш ја носел камената стоичка сила на своите предци и од магичниот извор на македонското трагично постоење тој знаел отсекогаш да ги собере чувствата, звуците, формите, боите и зборовите и од нив да направи човечка драма што ја изразува бесмртноста на својата волја за опстанок во театарот на животот.

Во таа смисла, Илинден претставува класична македонска трагична драма што од древнина во тој театар на животот, со вистински живи херои и хероини, вистински, живи, од крв и месо, кои од примерот на својата возвишена саможртва покажувале дека ништо не е посвето од татковината, од Македонија, дека ништо не е повозвишено и поскапоцено од слободата и човечкото достоинство. Во колективната свест на повеќемилионскиот македонски народ, разлеан како грст бисери низ сите меридијани на светот, Илинден не е само државен празник и предмет на дневната политичка прагма. Во таа заедничка македонска свест, Илинден го претставува централниот мит на македонскиот вечен стремеж да загосподари со својата судбина и да биде свој на својата сопствена почва. Илинден е симбол на македонскиот непокор и вечниот копнеж на Македонецот да се ослободи од иронијата на стравот, и не само оној страв што е природен дел од човекот, туку и оној што постојано му се наметнува однадвор. Затоа, Илинден мора да биде виден и доживеан не само како 66 години асномска државност, 107 години илинденска доблест, 1.000 средновековна македонска држава на цар Самоил, или пак 2.348 години од античката победа на Филип Втори Македонецот кај Херонеа. Илинден мора да биде виден и доживеан како вечен пат на македонската ослободена и разбудена свест до самиот извор на животот, преку светлината на сонцето, до коренот на потеклото. Тоа е единствениот пат кој ние Македонците мораме да го изодиме докрај, сите заедно, водени од еден ист патоказ ако сакаме да стигнеме до крстопатот од каде што јасно ќе ја видиме нашата иднина. Тоа е единствениот пат низ кој одејќи сите ние Македонците ќе мораме да го водиме разговорот меѓу нас самите, но и со другите народи и цивилизации чии судбини и истории се испреплетуваат со нашата. Во древниот театар на животот, Илинден е приказната за македонскиот Прометеј кој поттикнат од природата на своето човекољубие, му го дарил на човештвото огинот на животот верувајќи дека самиот човек е Божји дар што живее во неговиот храм на љубовта. Тоа е приказната за македонскиот Прометеј, кој за возврат на своето големо дело, бил распнат на полуостровот што од старина го нарекувале Мореа, од Шар Планина до Белото Море, од Преспа до вечниот Пирин. Илинден, тоа се луѓето, народот, црквата, Македонците, нивните солзи, воздишки, нивниот копнеж и надеж, нивниот живот и бесмртна свест на еден трагичен, но горд и достоинствен народ чија порака останува една единствена и непроменлива: Ние сме Македонци и нашата татковина е Македонија.
 
 

 

ОкоБоли главаВицФото