Кај што ќе удри ГРОМ, таму трева не никнува

15.09.2017 11:37
Кај што ќе удри ГРОМ, таму трева не никнува

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најави дека ќе поднесе „соодветна пријава“ против Стевчо Јакимовски. Смета дека градоначалникот на Општина Карпош го прекршил Изборниот законик (чл. 8), со тоа што поставил камен-темелник за нова градинка во населбата Бардовци.

На СДСМ, како на негова поранешна партија, би требало да ѝ е јасно тоа што им е јасно на граѓаните на Карпош: нема пријава што е доволно соодветна на штетите што ги прави и на манипулациите за кои е способен Стевчо. Со кршењето закони, дебитираше пред деценија и пол, токму кога беше министер од СДСМ. Тогаш пострашно и позагрижувачки од самиот противзаконски чин одекна неговото образложение: вчера да умрев, немаше да знам дека Македонија е демократска земја.

Пред четири години во манир на ситен калкулант и предавник ја напушти партијата – оттогаш дотогашните сопартијци ги вика предавници – на полноќ за да се кандидира за градоначалник и да формира партија ГРОМ. Оттогаш единствениот закон, всушност непишано правило, што доследно го почитува и го извршува по секоја цена е незаситната желбата на неговиот (нов) политички ментор и пастир Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ обвинет за тешки криминални дела, меѓу кои и за изборни измами. Не само што нему не му крши атер, туку целиот мандат го потроши работејќи за него и како него, трудејќи се да биде јаничар, поголем католик од папата, да го одбрани и да го задоволи на секој начин, на секое место и во секое време. Цената за таквиот негов ангажман ја платија граѓаните. Заштитен од ДПМНЕ, камен-темелникот на кој го гради новиот имиџ, Стевчо аздиса и почна да напаѓа во стил на друмски разбојник, па граѓаните мораа да се бранат дури и со ноќни стражи. Криминалот во градежништвото се подигна на квадрат, па некогаш најзелената општина преку ноќ стана најбетонирана. Како доказ дека таму каде што ќе удри ГРОМ, трева не никнува.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото