Хилари Патнам (1926-2016)

02.10.2017 00:41
Хилари Патнам (1926-2106)

Во последно време филозофијата е мошне непопуларна во Америка. Марко Рубио мошне грубо изјави: „Ни требаат повеќе заварувачи, а помалку филозофи“. Гувернерот Пет Мекрори од Северна Каролина исто така ја означи филозофијата како област што нуди „безвредни студии“ кои не даваат „никакви шанси луѓето да дојдат до работа“. Ширум нацијата постои неограничено воодушевување од СТЕМ1 дисциплините кои делуваат мошне исплатливо. Иако сите хуманистички дисциплини страдаат од презир, филозофијата и натаму привлекува несразмерно многу негативно внимание – можеби и зашто, и покрај тоа што изгледа бескорисно, исто така делува благо субверзивно, како закана за закоравените традиционални вредности.

Не било така секогаш. Во текот на историјата во Европа филозофијата секогаш одново била на удар на традициите и авторитетите. Меѓутоа, создавањето на Америка било поинакво: татковците основачи биле луѓе на Просветителството, задлабочени во идеите и делата на Русо, Монтескје, Адам Смит и древните Грци и Римјани – особено Цицерон и римскиите стоици. Како луѓе на просветителството тие биле горди што го одредуваат правецот на сопственото дејствување со разум и аргументи наспроти неиспитаните традиции. Нивната интелектуална независност и теоретска промисленост им послужиле добро кога дошол часот за основање на нова нација. Поминавме долг пат од корените, но не во добра насока.

На 13 март, Америка загуби еден од најголемите филозофи кои оваа нација некогаш ги дала. Хилари Патнам почина од рак во 89 година. Оние меѓу нас кои немале среќа лично да го познаваат Патнам како ментор, колега и пријател го паметат неговиот живот со голема благодарност и љубов, зашто Хилари не беше само голем филозоф, туку исто така и човечко битие со широка великодушност, кое навистина сакаше луѓето околу него да се истакнат, а не да бидат само статисти во неговото окружување. Но, исто така добро е додека жалиме да размислуваме за неговата кариера, и тоа што ни покажа што е филозофијата и што би можела да му понуди на човештвото. Иако, Хилари беше со брилијантен интелект, веруваше дека филозофијата не е само за ретки надарени поединци. Како двајцата од неговите омилени филозофи Сократ и Џон Дјуи (и да додадам, како и американските татковци основачи) мислеше дека филозофијата е за сите човечки битија, повик за будење на хуманоста во секој од нас.

Патнам беше филозоф со голема ширина. Како што пишуваше, Секоја филозофија која може да биде сместена во лушпа од орев, припаѓа токму таму. Во текот на својата плодна кариера Патнам разви детални и креативни гледишта за централните прашања во различните области на филозофијата. Навистина е тешко да се најде филозоф после Аристотел кој оставил креативен и суштински важен придонес во следните области: логиката, филозофијата на математиката, филозофијата на науката, метафизиката, филозофијата на умот, етиката, политичката мисла, филозофијата на економијата и книжевноста.

На овој список на Патнам треба да се додадат најмалку две области во кои Аристотел не се трудел позначајно, филозофијата на јазикот и филозофијата на религијата. (Со филозофијата на религијата Патнам се занимавал како религиозен Евреин кој разбирал дека јудаизмот бара живот со постојано преиспитување.) Во сите овие области со Аристотел споделувал едно длабоко убедување: дека сложените теми од човечкиот живот не треба да бидат нарушени за да се вклопат во барањата на некои претерано едноставни теории – дека она што Патнам го нарекувал бурно човечко дејствување треба да биде во контекстот во кој филозофските теории ја извршуваат својата работа.

Ова уверување го навело да им се спротивстави на многу интелектуални трендови на своето време: на филозофијата која се гордееше со симплификаторските и редуктивни занеси, од логичкиот позитивизам до последниот занес за компјутерско моделирање на филозофските проблеми. Патнам ја познаваше физиката како малкумина од нашето поле, но исто така знаеше дека е фатално да се сведува филозофијата на физиката: филозофијата е хуманистичка дисциплина. (Се сеќавам на извонредниот и длабокиот контракултуренкурс што го одржа на Харвард, во време кога влијанието на логичкиот позитивизам штотуку почна да опаѓа, а се викаше „Не-научно знаење“. Го опфаќаше етичкото знаење, естетичкото знаење и религиозното знаење и укажуваше на промашеноста на идејата дека физичкиот редукционизам може да ги замени овие нормативни области.) Неговата независност од интелектуалните трендови го водеше кон посветениот интерес за мислата на старите Грци, кои им делувале глупаво на позитивистите, но кои впрочем имале неколку добри идеи! Научил старогрчки за да може сериозно да го изучува Аристотел и го застапувал ставот дека Аристотел имал некои мошне важни согледувања во однос на умот и телото кои и современите мислители би требало да ги земат предвид.

Истовремено, повторно слично на Аристотел, никогаш не бил наклонет кон ирационализмот, никогаш не заговарал скептичен или омаловажувачки став спрема филозофското промислување: затоа што, како што нагласувал, обидот да го уредиме нашиот свет со дејствувањето на разумот е еден од најдлабоките и најпостојаните аспекти на бурниот човечки живот.

Повеќето филозофи многу зборуваат за тоа дека се подготвени да одат таму каде што ги водат аргументите, но главно запаѓаат во догматизам, бранејќи ги познатите гледишта по секоја цена, без оглед на причините на кои наидуваат патем. Начинот на филозофирање на Патнам е познат и по својата потполна кршливост. Зашто навистина ги следел аргументите каде што го воделе, често менувајќи ги своите гледишта; иако овие промени не биле извор на вознемиреност туку на длабоко задоволство, доказ дека бил доволно скромен и затоа вреден за својата сопствена рационалст. Во седумдесеттите држел часови по метафизика на Харвард со своите колеги Нелсон Гудман и В.В.О. Квајн. Другите двајца застапувале гледишта кои многу се разликувале од оние на Патнам и вешто ги бранеле. За Патнам оваа дебата станувала сè повозбудлива – дотолку што ги напуштал состаноците на катедрата среде ручек за да шета низ ходниците со Гудман. На крајот од семестарот неговото претседавачко обраќање во Американската филозофска асоцијација содржеше елегантен аргумент против самиот себеси – донекаде во духот на Гудман, но со одредени разлики.

Животот на разумот бил и е тежок. На сите нас, без оглед дали сме неупатени во филозофијата или сме професори по филозофија, полесно ни е да ги следиме догматските гледишта отколку да размислуваме. Она што го нуди животот на Хилари Патнам на нашата нација е, мислам, благородната парадигма на постојана подготвеност самиот поединец да се подложи на критиката на разумот. Нашата земја, основана од љубителите на аргументите стана игралиште за демагози и шарлатани (карактери кои и Платон добро ги познавал). Сега кога изгубивме еден од великаните на нашата нација, ајде да размислиме за тоа.

Марта Нусбаум е американски филозоф. Предава на Правниот факултет и Катедрата за филозофија на Универзитетот во Чикаго. Автор е на бројни книги за етиката и социјалната филозофија.

(1) СТЕМ – акроним од зборовите Science, Technology, Engineering and Mathematics – наука, технологија, инженерство, математика.

Слики: Anselm Кiefer

Извор: http://www.huffingtonpost.com

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Општество / Свет / Живот / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Наука / Култура / Теорија
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото