Книжевен разговор со писателот Мухарем Баздуљ

26.10.2017 13:44
Книжевен разговор со писателот Мухарем Баздуљ

Издавачката куќа „Готен“ информира дека на 27 октомври, со почеток во 20.00 часот во клубот „ГЕМ“ ќе се одржи книжевен разговор со писателот Мухарем Баздуљ. Водител на разговорот ќе биде Владимир Јанковски.

Мухарем Баздуљ во текот на октомври е гостин на резиденцијалната програма на издавачката куќа „Готен“ – „Апсолутно модерен“.

На средбата ќе се разговара за творештвото на Баздуљ, при што посебен акцент ќе биде поставен на неговиот роман „Кукла од марципан“. Романот во превод на Ристо Лазаров неодамна го објави издавачката куќа „Везилка“. „Кукла од марципан“ минатата година влезе во најтесниот избор за Ниновата награда. Темата на романот е животот на чешката актерка Лида Барова. Романот ја следи приказната за нејзината популарност, вљубеноста во мажите меѓу Прага и Берлин, при што централна е приказната за нејзината љубовна врска со Јозеф Гебелес. Следејќи ја животната приказна на Барова, авторот создава голем број странични приказни, мајсторски раскажани и вметнати во главниот тек на раскажувањето.

Мухарем Баздуљ (Травник, 1977) е писател, новинар и преведувач. Досега има објавено петнаесетина книги, меѓу кои неколку романи, збирки раскази и есеи. Книгите му се преведени на англиски, германски, полски и македонски јазик, а некои негови раскази се преведени на уште десетина јазици. Помеѓу другите, добитник е на наградите „Станислав Сташа Маринковиќ“ и „Богдан Тирнаниќ“. Меѓу книгите што ги превел од англиски јазик влегуваат дела од Пол Остер, Марк Томпсон, Ален Гинзберг, Џек Керуак и Џони Кеш. Живее во Белград.

Разговорот со Мухарем Баздуљ е дел од книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“, програма која се реализира под покровителство на Европската мрежа за превод и книги Традуки.

 

ОкоБоли главаВицФото