Оддел за рекламација на мажи

22.11.2017 13:51
Оддел за рекламација на мажи

Тоа утро рано отидов во својата ординација на клиниката и, додека се подготвував за дневните обврски сркајќи го своето нескафе, вратата се отвори и внатре влегоa еден маж и една жена.

Ги препознав. Жената ни се обрати пред околу три месеци. Тој покрај неа беше нејзиниот сопруг кој беше побегнал пред година дена. Низами Онеј набрзинка го створи тој човек од нигде и ја преплави жената со среќа.

Жената се приближи кон мојата маса; беше напната, делуваше како да не знае што точно сака да каже.

„Повелете“, реков. „Како можам да Ви помогнам?“

Кутрата женичка прилично ми се доближи и со тенок глас рече:

„Сакам да го вратам Неџати. Ќе го примите ли назад?“

„Да... Ќе го примаме назад. Но, под еден услов: не може да биде вратен по набавната цена, знаете.

Жената за момент се двоумеше, па рече:

„Да, ќе го вратам. Не се ускладивме. Ништо не беше како што се надевав.“

Снижувајќи го тонот, додаде:

„Како да е фелеричен. Несреќна сум, а и тој е несреќен. Не можевме да го обновиме некогашното заедништво. Тој порано беше многу цврст маж, а сега сосем спротивно. Порано никогаш не ми угодуваше, никогаш не бев сигурна во неговата љубов. А сега, пак, ми пружа многу внимание. Јас се бев навикнала на неговото старо јас. Се гушам. А и тој е несреќен. Како што кажав, ни другите работи не одат баш... Синоќа седнавме, заедно одлучивме и еве, дојдовме ваму“, рече.

Господин Неџати стоеше позади, гледаше пред себе, ни глас не пушти.

Извлеков еден формулар од фиоката. Ѝ реков на жената:

„Ве молам, ова пополнете го и потпишете се. Пополнете набрзина со пенкалово, Ве молам...“

Жената го пополни формуларот и го потпиша.

Го зедов формуларот, го прегледав, па се свртев кон жената:

„Во ред, госпоѓо“, реков. „Само, повеќе не полагате никакво право над него, да знаете... Нека Ви е со среќа... Пријатно!“

Откако жената излезе, оставајќи го човекот тажно да ја гледа отпозади, го притиснав специјалното копче на телефонот пред мене.

На другата страна се огласи господин Низами:

„Да.“

„Господине Низами, има рекламација. Го презедов. Тука е... Покрај мене“, реков.

Господин Низами рече:

„Одведете го во чекалната. Нека се запознае со другите. Нека се опушти. Да видиме што сè ќе се збидне до вечер“, и ја спушти слушалката.

Се свртев кон човекот и реков:

„Господине Неџати, Ве молам, појдете со мене.“

Поминавме низ еден долг клинички ходник. Влеговме во една широка чекална што беше одвоена од нас.

Околу масата во собата во фотелји си седеа седум-осуммина; некои разлистуваа списанија на масата, некои, вазнати во аквариумот на ѕидот отспротива ги посматраа црвено-црните јапонски рипки кои мирно пливкаа во водата.

Штом влеговме, собата се раздвижи. На човекот крај мене му реков:

„Господине Неџати, повелете, седнете во чекалната. Запознајте се со другарите.“

Тие кои беа во фотелји потстанаа. Еден по еден му се претставуваа на новодојдениот.

„Господине, јас сум Реџеп Кираз. Овој младич е Хидајет Имре. Оние двајца другари таму дојдоа вчера – господин Мунтеким и Авни Ѓурбуз. Господин Мемдух – генерал-мајор и Вејсел Ибар. Другарот во аголот е Џезми. И продавачот на вода – господин Ајетулах...“

Господин Неџати се ракуваше со тие кои седеа. Кој како се претстави, си се врати на местото. Господин Мемдух, генерал-мајорот, на сите им понуди цигари Вооружени сили, а потоа почнаа да зборуваат меѓу себе.

Реџеп Кираз праша:

„И Вас ли Ве вратија?

„Да. Дојдов утринава.“

Продавачот на вода, господин Ајетулах, горко се насмеа и рече:

„Сине, сите ние овде сме вратени. Ама нема врска. Тоа суштество што го нарекуваат жена испадна дека било чудовиште. Јас сум среќен што се спасив.“

Длабоко повлече од цигарата и го издува чадот кон аквариумот.

Вејсел Ибар рече:

„Мојана направи проблем од тоа што сум слеп на едното око. Па вика порано сум ја гледал само со едно око додека сме воделе љубов; па одеднаш капнувала солза од ќоравото око. Па порано сум водел стада овци на пасење како американски каубој... Па добро сум свирел кавал. Еден куп глупости. Не ме интересираше стадото овци, што да правам? Ми се качи на глава затоа што сум седел дома. Сè ми извади низ нос. Другари, јас по своја волја дојдов ваму.“

Хидајет Емре рече:

„Трите месеци кои ги поминав со жена ми беа вистинска катастрофа. Нејќам ни да се присетувам. Зошто не сум се занимавал со политика како порано, зошто не сум имал амбиции, зошто не сум заработувал, зошто не сум знаел да возам, зошто не сум бил домар во куќниот совет... Секој ден слушав едно те исто. Одвај побегнав и дојдов ваму“, го заврши своето излагање.

Авни Ѓурбуз рече:

„Жена? Не дај боже да се повтори! Прво ме удави со таа нејзина љубов. Потоа, на нејзините барања им немаше крај... Феминистка била, не знам ти што... Секоја ноќ јас миев садови, сосе престилка. А ни во сексуална смисла не можевме да се ускладиме. Е до овде ми дојде. И уште без срам ме доведе и ме врати.“

Господин Мунтеким рече:

„Не се јадосувај, сине. Ти си се спасил по кратка постапка. А мојата беше патолошки љубоморна. Па – што гледаше низ прозор? Па – зошто врската се прекина кога јас кренав слушалка? Кај беше утрово? Кај излегуваш? Што си се загледал? На што мислиш, Мунтеким, на што мислиш во овој миг? Ме уби во поим, ме исцеди како лимон, разбирате... Башка, беше грда жена. Мене Господ ме спаси, сине.“

Господин Ајетулах, продавачот на вода, рече:

„Мојата беше прислужничка. Работеше за дневници. Одеше и по канцеларии. А таму па ја замрсила работата. Се сплеткала со некој работник. Па ми доаѓа таа мене: ’Господине Ајетулах, ти си стар... Жарот ти згаснал... Господине Ајетулах, не ме прегрнувај како труп. Господине Ајетулах, ти си, изгледа, фелеричен... Господине Ајетулах, имаш некоја фалинка.‘ Една вечер ѝ реков: ’Бог да те казни‘. Ѝ влепив шлаканица. И ете, следното утро ме доведе и ме врати!“

Вејсел Ибар рече:

„Батали го тоа, чичко. Ќе се најде жена што ќе знае да те цени.“

Господин Мемдух, генерал-мајорот, започна:

„Мојата не ми даваше ни да здивнам. Западнав во гужва: деца, внуци, снаи, зетови, потрчко, шофер... Не се навикнав, трокирав. Ми се смачи... Без престан се гушам. А госпоѓата по цел ден се фризира во воениот дом, си оди на собиранки. А дома една дисциплина, една дисциплина... Па една ноќ ѝ реков: ’Жено, ќе полудам, врати ме назад‘. А таа, не ми рече ли: ’И онака за ништо не те бива!‘? Притисокот ми скокна. Одвај го сниживме со Флудекс. Ете, сега сум овде, ама сум мирен“, рече.

Откако извесно време ги слушав мажите во повратничката соба, си се вратив во канцеларијата.

Таму секој ден слушав разни прикаски. Мажите опишуваа еден потполно поинаков свет; некои кротко си седеа додека пуфкаа со цигарите, а некои воскликнуваа: „Се спасив!“

...Телефонот непрестајно ѕвонеше. Ја кренав слушалката, закажав еден состанок за четири месеци. Го внесов во компјутерот. Токму кога си палев цигара, влезе една прекрасна жена.

Мора да го имаше парфемот Дива, тој новиот мирис од Унгаро... Бундата ѝ се влечеше по под, а црвената коса ѝ беше распослана на рамената.

Помеѓу прстите со долги, жар-црвени нокти, држеше еден прамен коса. Ми го подаде и рече:

„Роберто... Еврејско потекло... Маслинест тен, зелени очи, тенки долги прсти... Чувствителен како авганистански ’рт. Живеевме невенчани. Доста помлад од мене... Разбирате. Има дваесет и пет. Пред два месеца отиде, исчезна заедно со окер Јагуарот кој му го подарив.“

„Во ред, госпоѓо“, реков. „Ги внесов забелешкиве во компјутер. Ве молам, приквечер свратете со едно одело од господинот Роберто. Ќе Ви го испорачаме лично. Но, заборавете го окер Јагуарот.“

„Тоа не е битно“, рече жената.

„Одлично“, реков. „Пријатно.“

Додека таа излегуваше, внатре влезе една друга забрадена жена. Проверив на мониторот. Тоa беше госпоѓа Хаџер.

„Камо влакна, примерок коса?“, прашав.

„Не прашувајте, нема. Ништо не можев да најдам од оној нашион. Што ќе правиме?“

„Само минута“, реков. Притиснав копче на телефонот. На другата странa се јави господин Низами. Накратко му ја образложив ситуацијата.

„Нема... Не... Ништо... Дури ни едно единствено влакно...“

Господин Низами рече:

„Повикајте го Реџеп Кираз.“

Се свртев кон госпоѓа Хаџер:

„Имаме на располагање еден добродушен, зрел господин. Се намачил. И тој заслужува да биде среќен. Го сакате ли?“

„Зошто да не?“, рече. „Би се венчал?“

„Госпоѓо Хаџер, ако ти се допадне човекот, ќе го натераш да се венчате“, реков. „Де пробај.“

По десет минути ја примив уплатата, ја заклучив касата и ги испратив госпоѓа Хаџер и Реџеп Кираз.

Таман да го ѕирнам весникот, телефонот заѕвони.

„Ало“, реков. „Може да закажете состанок дури за четири месеци, госпоѓо. Но, ако Ви се брза, имаме расположливи кандидати. Да... Имаме воено лице. Еден генерал-мајор... Човек за почит. Здрав, секако. Во ред, Ве молам свратете за половина час. Пријатно, госпоѓо.“

Ја спуштив слушалката.

Запалив цигара.

Разбирате, нели, таква е оваа наша работа – нема време ни за минутка одмор.

 

Превод од турски: Наташа Чевик
Слики: Јохан Бариос

ОкоБоли главаВицФото