Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (9) - Реинголд, Бодлер, Турние, Платон, Кант, Шекспир, Стендал

03.01.2018 18:19
Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (9) - Реинголд, Бодлер, Турние, Платон, Кант, Шекспир, Стендал

ХАУАРД РЕИНГОЛД

„Зборот ваби значи многу нешта, но најголемиот број Јапонци знаат што е ваби кога ќе го видат“, вели Џереми Тарчер во книгата ’Тие имаат збор за тоа’. „Генерално, зборот означува вид груба спонтаност, онаква каква што може да се види во еден рустичен раку сад или некаква минималистичка калиграфија на стар мајстор.“ Ми се чини дека ваби истовремено е и убавина и негација на убавината како канон. Нешто како невидлива убавина.

Целиот груевизам, на пример, лесно се опишува со едноставниот француски збор gachis (се изговара: гаши). Gachis е именка која означува хаос заради некомпетентност, или „уништување значајни можности преку чиста дезорганизација и површно размислување“. Французите, се разбира, имаат одделни зборови за неред, неуредност и глупост, но гаши е збор кој ги обединува сите тие карактеристики означувајќи ја состојбата кога деструктивната некомпетеност добива зачудувачки големини.

А зошто груевистите го прават ова гаши?! Од немукает?! Евреите би рекле, од штам. Хебрејскиот збор „штам“ грубо може да се преведе како „без никаква причина“, или „затоа што е тука“, или „го правам тоа зашто така функционира космосот“. Пример, обична улична сцена од Ерусалим: „Јоси, зошто мочаш на тротоарот?“ „Штам, мамо.“ Соодветен македонски превод на „штам“ можеби е: онака. „Онака, мамо.“

„Му го земавме стравот“

БЕНЈАМИН, КАФКА, БОДЛЕР

„Како тој можел да преживее во ваква атмосфера?“, се прашува Валтер Бенјамин за Кафка. „Кој знае“, се прашува Бодлер кон средината на 19 век, „дали огрубувањето на нашата природа е единствената препрека која нè спречува да го почитуваме опкружувањето во кое дишеме?“ Можеби Кафка или Бодлер развиле некои специјални вештини на дишење под стакленото ѕвоно? Да не го искусат своето опкружување, за да не го доживеат? Да не го доживеат – за да не умрат од него. Но, сеедно умирале, токму од таквото секојдневие, од немањето воздух.

Запис со црн чад врз бел чад

ТУРНИЕ, ПЛАТОН, КАНТ

Еден од моите омилени писатели, Мишел Турние, има интересен и поетичен концепт за „конечно сивото“. Приказната оди вака: Историјата на Кантовиот парадокс со ликот во огледало во одредена смисла започнува уште кај Платон кој во „Тимај“ ќе го истакне огледалното пресвртување на страните: кога левата станува десна, а десната лева. Фотографот, меѓутоа, располага со можноста наместо предметот чијшто лик се одразува да го преврти самиот негатив на филмот. Со вртењето на филмот така се добива и промена на страните, левата доаѓа на десно, десната на лево, но исто така и црното се претвора во бело и обратно. Тука сега се појавува - сивото. Во пресвртувањето на црното и белото, вели Турние, сивото исто така трпи промени, но во степен дотолку помал колку што повеќе се приближуваме до средното сивило во коешто црното и белото се сосема урамнотежени. Тоа средно сиво е оската околу која се врти инверзијата, оската која притоа не се менува, останува конечна. Дали кој било, прашува Турние, се обидел да го одреди тоа конечно сиво, отпорно на сите преобразби?

Поетика на кривотворењето

ЕНТОНИ КРОС

Сите Руси главно се мошне кавгаџиски луѓе кои меѓусебно се напаѓаат како кучиња, користејќи жестоки, груби зборови... Ништо почесто не им излегува од устата од изразите како што се „курвин син“, „кучкин син“, „кур“, „да ја ебам мајка ти“, кон што уште додаваат „в гроб“, и слични скандалозни зборови. Вака не се однесуваат само возрасните и постарите луѓе туку и малите деца кои уште не знаат ни за Бога, ни за мајка, ни за татко, а веќе зборуваат „еби се“ дури и на своите родители, како што и родителите истото тоа им го зборуваат на своите деца.

Адам Олеариус, 1646 година (наведено во: Ентони Крос, Русија во западните очи, 1971)

Русија - европски панголин

ШЕКСПИР, СТЕНДАЛ

И уште една работа деновиве сфатив во нашава весела стварност во која вистината станува, како во Кралот Лир, „пциште што мора да се прибере во дувлото“: проблемот на комедијантите-господари од типот на Венко Андоновски не е во нивното евидентно и гротескно неразбирање на политиката и историјата туку во нешто, според мене, уште пострашно: во лошиот вкус. Лошиот вкус води во злочин, велеше Стендал.

Рибокучопили од дното на мочуриштето

Слики: Вася Ложкин

ОкоБоли главаВицФото