Сексистичкото секојдневие во постфеминистичкото доба

26.01.2018 02:22
Сексистичкото секојдневие во постфеминистичкото доба

Списанието The Nation во 2007 година објави дека девојките можат да прават сè што прават и момчињата – и тоа подобро. Истата година, еден текст во Њујорк Тајмс се занимаваше со неверојатните девојки кои постигнуваат многу, имаат самодоверба и растеле знаејќи дека можат да прават сè што можат и момчињата, што впрочем се сведува на тоа дека кога ќе пораснат можат да бидат сè што ќе посакаат.

Но, и покрај растечкиот позитивен став на медиумите спрема девојките и движењето „girl power“, во бројни канадски средни училишта, младите девојки се нашле во своевиден времеплов кој ги вратил во конзервативизмот. Имено, во разговорите што ги воделе со научниците од 2010 до 2013 година, девојките често ја споменувале склоноста на момчињата (невкусно) да се шегуваат со нив кога ќе слушнеле нешто што не им се допаѓало и ги омаловажувале кажувајќи им нешта како: „Направи ми сендвич“.

Таквите и слични таканаречени сендвич-шеги не се резервирани само за училишните клупи. Шона Померанц и Ребека Раби се професорки на Катедрата за студии за деца и млади на Универзитетот Брок во Канада, а во своето шестгодишно истражување безброј пати слушнале шеги како што се сендвич-шегите. На почетокот на оваа година, ја објавија книгата Паметни девојки: Успехот, училиштето и митот за постфеминизмот која се состои од интервјуа со 57 девојки на возраст од 12 до 18 години во училиштата од Јужно Отнтарио.

Истражувањето покажа дека ваквите изрази и шеги не биле изолирани случаи само во едно училиште или во една група пријатели, туку голем број девојки од различни основни и средни училишта споделувале слични искуства. Една девојка рекла: „Отидов на кошаркарска аудиција и станав за да се потпишам на списокот и сите ми збореа да се вратам во кујна“.

Нејзината вистинска реакција била лутина, но најпосле прифатила дека денес едноставно нештата се такви: „Момчињата се такви и поминуваш преку тоа. Не ми пречи, но е мошне стереотипно.“

Померанц и Раби напишале бројни книги за културата на девојките и свесни се дека нивните животи не наликуваат секогаш на прекрасните приказни што се нудат во медиумите. Иако авторките навистина слушнале многу за алфа-девојките, единствените играчи во машкиот хокеарски тим, девојките кои ја балансираат популарноста и академскиот успех, девојките кои остануваат будни за да бидат сигурни дека ги извршиле сите училишни обврски, медиумите ја пласираа идејата дека општеството почнало да дише во постфеминистичка клима. Авторките секако очекувале дека ќе слушнат приказни за непријатната родова динамика, но не биле нужно подготвени на сексистичките изјави кои враќаат во педесеттите години.

Неколку девојки кои учествувале во истражувањето знаеле да им се спротивстават на сексистичките пораки и јасно можеле да ја видат границата помеѓу шегата и омаловажувањето. За жал, поголем број девојки не биле склони јавно да кажат дека момчињата се сексисти. Имено, не сакале да ги сметаат за „кучки“, премногу отворени или дури и грди. Таквото спротивставување би ги направило феминистки, а таа етикета би била потенцијално погубна за нив. Имено, таа носи премногу импликации: дека си пуританка, дека не знаеш да се шегуваш, дека ги мразиш мажите или дека си кучка. Полесно е да премолчиш и само да се насмееш.

Но, Померанц и Раби откриле уште еден неочекуван пресврт: девојките не ги перцепирале секогаш таквите шеги како сексизам, туку мислеле дека тоа е нешто што не би требало да го сфаќаат сериозно. Меѓутоа, на училиште шегата ретко е само шега. Шегите често се исткаени од повеќе нивоа на импликации поврзани со расата, популарноста, оценките или нешто слично што тинејџерите го користат за да се деградираат меѓусебно.

И покрај културните поместувања и извештаите за таканаречените „алфа-жени“ кои укажуваат на тоа дека жените се понапреден или попаметен род, сексизмот и натаму е секојдневие во политиката, Холивуд, но и на работните места и во училиштата. Се поставува прашањето: зошто приказните за женската моќ и наративите за таканаречената „girl power“, воопшто постојат кога не се во согласност со реалното искуство на девојките?

Померанц и Раби сметаат дека на девојките влијае постфеминистичкиот поглед на родовата нееднаквост и тезата дека девојките го „водат“ светот и дека сексизмот насочен кон жените веќе не постои.

„На девојките им се зборува дека се еднакви, а можеби и подобри од момчињата“. Со тоа се реферира на истражувањето кое покажало дека девојките постигнуваат подобри оценки по сите училишни предмети. Но, истражувањето од почетокот на годината кое го спроведоа научниците од Универзитетот во Илиноис, Њујорк и Принстон покажа дека уште на возраст од шест години девојчињата почнуваат да веруваат дека генијалноста е резервирана само за мажите. Според истражувањето, девојчињата исто така веруваат дека, за разлика од момчињата, немаат вродени способности заради кои би можеле да добиваат подобри оценки на училиште.

Понатаму, Померанц и Раби сметаат дека реакциите на девојките на сексистичките етикети се од исклучителна важност зашто ни покажуваат какви сме како општество. Некои девојки имале проблеми зашто не сакале да им бидат непривлечни на момчињата, но и на другите девојки. Истражувањето од 2014 година дошло до заклучок дека 14-годишничките имаат чувство дека мораат да се прават помалку паметни отколку што се за да не ги одбиваат или заплашуваат момчињата. Раби за тоа вели дека популарната женственост е на тежок пат:

„Некои девојки рекле дека не смеат да се покажат како премногу паметни. Не смее да се забележи дека постојано креваш рака. Не смеат да те сметаат за сезнајка и бубалица. Важно е да се грижиме за социјалниот живот“. Со други зборови, полесно е да се прифати коментарот за сендвичот.

Ваквиот став дека интелигенцијата и убавината се исклучуваат меѓусебно, е нешто со што професорите и негувателите се борат долги години. На девојките се гледа или како на паметни, или како на убави, заради што сè повеќе се охрабруваат да се обидат во СТЕМ областите. Иако, бројот на жени во овие области пораснал од осумдесеттите години, тие денес и натаму окупираат помалку од 25 проценти од работните места во оваа гранка.

Проблемот е уште потежок за црните девојки кои сексизмот го доживуваат поинаку од латино девојките, азијатките или белите девојки. Како што пренесува The Atlantic, црните девојки почесто се суспендирани во училиштата од белите, а воедно се подложни и на построги казни. За искуствата на црните девојки зборуваа професорката по социологија Ленс Ханон и психологот од организацијата At The Well, Мелиса Ликен, велејќи дека кога црна девојка не си го држи јазикот за забите, тоа кај многумина буди страв од нејзината пренагласена машкост и агресивност. Во разговор со студентите, Мелиса Ликен забележала дека многумина споделуваат слични искуства, но зборот „сексизам“ ретко постои во нивниот вокабулар. Па, така, многу девојки рекле дека повеќе би сакале да учат СТЕМ предмети, но од тоа ги одвраќале стручните соработници, а истото важи и за напредните предмети:

„На девојките им се зборува дека треба да слушаат предмети од пониско ниво или наместо на универзитет да студираат на државните факултети кои се помалку престижни“, рече Ликен.

Црните девојки се обидуваат да ги мотивираат да учествуваат на конференциите на At The Well на универзитетите како Принстон кои се наменети за нивно зајакнување. На овие конференции девојките запознаваат нови луѓе и остваруваат врски, но и сфаќаат дека уште некој го споделува нивното искуство и дека не се сами.

Померанц и Раби заклучиле дека групите за поддршка и родителите имаат исклучително голема улога кај девојките и нивниот начин на соочување со стресот, притисокот и тегобите. Вакви и слични групи како Girls in Stem, Girls Who Code или Black Girls Code имаат силно влијание на чувството на вредност кај девојките зашто им дозволуваат непречено да уживаат во својот успех и да се вклучат во пријателски натпреварувања без чувство на срам пред успехот.

И покрај тоа, постфеминистичките идеи опстојуваат: на пример, повеќе од 45 000 луѓе ја „лајкувале“ Фејсбук групата „Жените против феминизмот“. Во февруари годинава, книжевничката Џеса Криспин во својата книга Зошто не сум феминистка го обвини крахот на феминизмот за разводнување на неговата порака. Имено, Криспин тврди дека феминизмот станал бренд, речиси популарен начин на живот, притоа како пример ја споменува маицата на Диор на која пишува „We should all be feminists“. Во согласност со тоа, истражувањето на јавното мислење на Харвард од 2016 година меѓу Американците на возраст од 18 до 29 години покажа дека и покрај тоа што речиси половината од испитаниците го поддржуваат феминизмот, само 37 проценти од жените навистина се сметаат за феминистки.

САД исто така доживеаја јакнење на феминистичките политики, особено после претседателските избори во 2016 година. Текстот во Њујорк Магазинот зборува за улогата на сексизмот во резултатите од изборите. Имено, три милиони луѓе протестираа еден ден по инаугурацијата на Трамп, а дури 13 000 жени оттогаш изразија интерес за кандидирање на следните претседателски избори.

Ќе треба уште време за да се согледа дали таква реакција ќе се појави и кај девојките. За жал, засега сè уште се во оковите на парадоксот на културните очекувања и медиумските пораки кои ги поврзуваат со родовите улоги и стереотипите. Останува надежта дека наскоро ќе влеземе во времеплов кој наместо во конзервативизам ќе нè одведе во ново храбро доба.

Слики: Kelly Reemtsen

Извор: https://www.huffingtonpost.com

ОкоБоли главаВицФото