Насилство

13.03.2018 20:00
Насилство

Го подржувам протестот на колегите. Владата, Министерството за внатрешни работи, обвинителството и судовите, не треба да чекаат вакви демонстрации за да реагираат по заканите што на Селмани му ги упати Беќир Асани и да ја исчистат општетсвената атмосфера од отровното зрачење на намножените гадови. Новинарскиот пресинг врз институциите мора да биде континуиран, дури независно од конкрените агресии, тој мора да биде насочен и кон атмосферата на менталниот и физички терор, а не само низ конкретните закани и насилства.

Но, можеби поважно од ова е да извршиме сериозна интроспекција и врз основа на неа да се обидеме да дојдеме до одговорен однос кон три става:
Македонија е длабоко асанизирано општество.
Медиумите и новинарите имаат многу сериозни одговорности за процесот на асанизација и за манифестациите на таа болест.

Промените во медиумите, уредувачки, сопственички, институционални, законски, се битен предуслов за успешна борба против овие појави и пројави.
Намерно тука не пишувам за одговорноста на криминилизираните елити како центар на македонската имплозија, затоа што е тоа јасно и затоа што сакав да се задржиме на нас самите.

Македонската медиумска сфера не е ништо друго освен една голема парада на разни насилници, терористи на духот, отровни кукли на злото, ебиветри и будали, на моменти маскирани во политичари, кои заедно со своите домаќини се форматирани во инкубатори на злото. Во рамките на вредносниот културниот и политичкиот хаос што го шират. Се што е колку-толку нормално е маргинализирано. Уништени се сите инстанци кои можат беспоговорно да арбитрираат во елементарните прашања на доброто и злото. Новинар може да биде и убиен, како што и беше убиен, па да испадне дека интересот и дебатата за неговата трагична судбина се претвора во фарса за криење на вистината.

Еве, денеска ќе протестираме против заканите на Асани, но веќе вечер на некоја телевизија, кај истите колеги кои денеска ќе протестираат, ќе се јави Солза Грчева, која во една малку поинаква форма, е многукратно поголем насилник од Асани.

Или оној Мицковски кој блокира цела држава, лаже, измислува и многу глупаво прикрива енормни и очигледни криминали на неговата партија. Миленко ќе се јави од некоја дупка Филип Петровски од трета, Ристо Никовски од четврта, ќе се прочита некое соопштение на Тарчуловски. Што е деуго ако не е најтежок вулгарен насилник самиот претседател на државата.

Се бори ли некој медиум против тоа насилство или се борат само против шлаканици и тупаници. Еве, им предлагам на сите новинарски инстанци да се собереме и да направиме една ваква интроспекција. И проекција, се разбира. Не сум голем оптимист, затоа што болеста е речиси несовладлива, но со некаква, макар хемиотерапија треба да се обидеме да ја третираме, ако веќе не можеме да го произведеме спасоносниот лек.

 Слика: Александар Дојранлиев