Ударна тупаница

02.07.2018 02:13
Ударна тупаница

Елена Феранте за вистинската политичка опасност во Италија и Европа.

Никогаш не сум била политички активна. Никогаш не сум организирала протестни маршеви или демонстрации, ниту пак сум им помагала за нивно организирање. Сум се задоволувала со учествување во иницијативи кои изгледаа итни и неопходни за општото добро. Во некои моменти бев навистина вознемирена и стравував за судбината на демократијата во Италија. Но, почесто ми се чинеше дека претерувам.

Никогаш не стравував од подемот на „Пет ѕвезди“ и мислам дека е бескорисен терминот „популизам“, кој денес ги опфаќа различните политички сили, стари и нови. Се чинеше дека движењето „Пет ѕвезди“ ги собира луѓето што беа незадоволни заради катастрофалниот начин на кој владите и од левицата и од десницата во Италија и ширум Европа, се занимаваат со економската криза и епохалните промени во кои живееме.

Никогаш не сум гласала за „Пет ѕвезди“: секогаш ми беше туѓ нивниот збркан, понекогаш наивен, а понекогаш банален јазик. Но и понатаму мислам дека е крајно погрешно да се претставува тоа движење како опасност за италијанската демократија и за Европа. Во отпорот кон „Пет ѕвезди“ ја пропуштивме вистинската опасност. Мислам на Лигата на Матео Салвини, многу подобро организирано и привидно припитомено со годините на владеење покрај Берлускони. Не го сакам Салвини. Не го сакам тоа што тој го претставува, како што не го сакам ниту она што на оваа планета го претставуваат луѓето на кои тој им верува: Путин, Трамп, Марин Ле Пен, Виктор Орбан и слични.

Салвини е продолжение на најлошите италијански политички традиции. Човек што често го потценуваат, којшто телевизиите го покануваат како гостин за да им ја подигне гледаноста, кој е сè поубедлив и остава впечаток на добродушен човек кој длабоко ги разбира проблемите на загрижените граѓани и знае кога е вистинско време да удри по маса со својата ксенофобична и расистичка тупаница.

Понекогаш со страв замислувам како консензусот за сè што претставува (и поттикнува) Салвини се шири и прелива во масовна бруталност која секогаш се заканува во кризни времиња и го спојува наизглед неспоивото: профитот и големите делови на општеството деморализирани од немаштијата и стравот од иднината.

Движењето „Пет ѕвезди“ ветуваше заздравување во Италија. Но неговите членови денес седат во собраниските клупи – со премиерот Џузепе Конте на чело и трпат тешки обвиненија што им следуваат на луѓето на власт. А токну Салвини наскоро прв ќе го фрли каменот.

Слика: Andrea Ucini

Извор: The Guardian

 

ОкоБоли главаВицФото