Македонските уметници донираат 70 дела за Атина по пожарот

02.08.2018 12:45
Македонските уметници донираат 70 дела за Атина по пожарот

Македонски уметници ќе донираат околу 70 свои уметнички дела, кои во знак на солидарност ќе бидат испратени во Атина, по пожарите од 24 јули, во кои загинаа 91 жител.

Хуманитарната иницијатива „Донирај уметност“ на Фејсбук ја започна графичкиот дизајнер и активист Зоран Кардула.

„Сакам да ве известам дека иницијативата „Донирај уметност“ заврши.
Голема благодарност до сите уметниците кои се пријавија и донираа свое дело. Некои од донаторите имаа дилема дали нивните дела се доволно добри за да се најдат во колекцијата која ќе патува за Атина. Секое дело кое подарено со љубов и најдобра намера во знак на солидарност и пријателсто е повеќе од добро. Уште еднаш голема благодарност до сите нив и сите кои ја поддржаа оваа иницијатива“, напиша Кардула.

Од Град Скопје прифатиле колекцијата официјално да биде подарок од градот Скопје за градот Атина и ќе ги покријат трошоците околу испраќањето.

Во собраната збирка има графики, масла на платна, акварели, цртежи, неколку скултптури, дигитални илустрации и фотографии.