Дали времето може да застане?

29.11.2018 01:21
Дали времето може да застане?

Дали некогаш сте искусиле непријатна, натприродна ситуација, тешко замислива освен во сериите како Зона на самракот – ситуација која навистина е настрана, непоимлива и длабоко застрашувачка за човечкиот ум – дека времето во кое постоите запрело?

Тешко дека сте доживеале. Затоа, ајде да се обидеме нешто што, ако го читате ова и постоите, сте морале да искусите, нешто што би требало да биде поприродно, а впрочем, нешто сосема спротивно – дали сте почувствувале како тече времето?

Обидете се да почувствувате сега. Запрете, останете на овој параграф, не правете ништо, оставете ги настрана неволјите и тековните мисли, додека просторијата околу вас мирува, нештата и луѓето молчат, звуците се оддалечени. Времето е тука, зар не? Тече. Го чувствувате? Чувствувате ли дека поминува и постои, како некоја секундарка неизбежно, со вас и без ваз, сепак отчукува, дека точките на екранот одново се освежуваат, дека светот се поместува околу вас, дека постои во еден, па во следниот момент? Дека и вие необјасниво сте повлечени со него?

„Тоа е времето, познато и блиско. Обземени сме со него. Со итањето на секундите, часовите, со годините кои нè фрлаат кон животот, а потоа нè влечат во ништожност“, вели интригантниот италијански физичар и писател Карло Ровели, автор на светскиот бестселер „Order of Time“, научнопопуларна книга која буквално од ден на ден освојува стотици илјади нови читатели, а која на виделина го извлече времето како тема и го претстави како – најголемата мистерија на модерните науки.

„Сосема вчудоневиден, во книгите по физика што ги читав како студент, го открив следното: времето функционира значително поинаку отколку што ни се чини. Но, исто така, во истите тие книги открив и дека ние сè уште не знаеме како впрочем функционира времето. Природата на времето можеби е најголемата преостаната мистерија“, смета Ровели.

Тој во младоста бил хипик и револуционер, потоа физичар и истражувач, а од неодамна и популаризатор кого го споредуваат со Хокинг.

Сега Ровели е фатен во костец со прашањето за кое во науката ретко се разговара отворено, а кое, ако добро размислиме за тоа што не го знаеме, навистина е една од најголемите мистерии за филозофијата, физиката и цела низа природни науки. Ровели ги анализира другите отворени прашања како што се природата на умот, потеклото на универзумот, судбината на црните дупки или сржта на функционирањето на животот на Земјата и покажува дека во секое од нив постои „нешто есенцијално што продолжува да нè враќа на природата на времето“.

Што е времето? Наводно уште Свети Августин рекол дека добро знае што е времето сè додека не треба директно да одговори на прашањето за тоа. Угледниот филозоф Милош Арсениевиќ во, за наши прилики, единственото и наградувано дело „Времето и времињата“, објавено 2003 година, вели дека можеби не може да се каже што е времето, но дека може да се оди во друга насока.

„Може да се разгледуваат разни поединечни прашања поврзани со времето, кои се не само подобро дефинирани од самото прашање 'Што е времето?', туку на нив релативно успешно, иако не лесно, може и да се одговори. Тие прашања се однесуваат на системот, типологијата, метриката, насоката и текот на времето, како и на неговиот онтолошки статус“, вели Арсениевиќ, чија нова книга „Модалноста и времето“ излегува наскоро“.

Англискиот автор Јан Томпсон, пак, поттикнат од авантурата низ времето на Ровели, потсетува дека Аристотел во времето гледал мерка за промена: ако ништо не се менува, времето не постои. Но, Исак Њутн самоуверено заклучува дека постои апсолутно „вистинско време“ кое неуморно отчукува ширум вселената. И кое воопшто не може да застане, што најмногу личи на доживувањето кое го имаме за времето.

Ако универзумот сосема би се замрзнал, ако остане без движењето, времето ќе продолжи да отчукува во визијата на Њутн. Меѓутоа, со теоријата на релативитетот, Ајнштајн покажува дека нашето доживување на времето не е правилно и дека нема едно „сега“ туку дека ги има повеќе, како и дека просторот и времето се неодвоиви. И зависат од набљудувачот.

„Го населуваме времето како што рибата живее во вода“, вели Ровели. „Нашето постоење е постоење во времето. Неговата свечена музика нè милува, го отвора светот за нас, нè застрашува и успива. Универзумот се движи кон иднината, повлечен од времето и постои во склад со поредокот на времето“.

Слики: Amy Dayie

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото