Бибер – трет регионален конкурс за краток расказ

23.01.2019 10:21
Бибер – трет регионален конкурс за краток расказ

Со задоволство ве известуваме дека е отворен третиот регионален конкурс за краток расказ – Бибер.

Првите два конкурси Бибер беа на тема помирување, а овој пат темата е проширена. Покрај расказите што го тематизираат помирувањето во контекст на наследството на војните и насилството во земјите од поранешна Југославија, предвид доаѓаат и раскази што можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон намалување на омразата и разградување на предрасудите, антивоени раскази, раскази што се занимаваат со соочување со минатото, кои ја разградуваат сликата за непријателите, храбри раскази што се осмелуваат да одат во „непријателски“ чевли, раскази што ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите.

Ги повикуваме авторките и авторите што пишуваат на албански, македонски, босански, црногорски, хрватски или српски јазик да ни пратат свои раскази. Повикот се однесува на афирмирани авторки и автори, како и на оние што досега немаат објавувано.

Најмалку дваесет избрани дела ќе бидат објавени во повеќејазичен зборник.

Конкурсот е отворен до 10. 06. 2019.

Жирито го сочинуваат Лејла Каламујиќ, Румена Бужаровска и Шкељзен Малиќи.

Жирито ќе избере и три раскази што ќе освојат награда. Одлуката на жирито ќе биде објавена до крајот на октомври 2019 година.

Со овој конкурс, исто така, сакаме да придонесеме кон културата на преведување и објавување на автори/ки од нашето најблиско соседство и да ги поддржиме ангажираните автори/ки да продолжат да влијаат врз општествените промени.

Конкурсот го организира тимот на Бибер со Центарот за ненасилна акција Сараево – Белград.

 

Повеќе информации за условите на конкурсот и наградите можете да најдете на страницата на Бибер http://biber.nenasilje.org