Чепкањето на МКЦ

20.06.2019 15:29
Чепкањето на МКЦ

Видно вознемирен, на полноќ Ѓорге Иванов држи прес конференција. Се обраќа до народот. Заборавил дека не е претседател и најавува дека ќе воведе воена состојба, додека за директор на МКЦ не биде назначен претставник од Хунзите.

Зоран Заев има поважна работа, не е сосема упатен, па го праќа Костадин Костадинов да изјави „студентите се во право“ и „едно општество за сите“, додека да се смири ситуацијата.

Никола Груевски влегува во гепек и се враќа накај Македонија, за да среди Валентина Божиновска да биде директорка на МКЦ.

Алекс Ружин пребројува колку букви има во називот Младински културен центар и нуди нумеролошко толкување: 23 букви. На старополтронски, тоа значи „како ќе каже партијата. Бени? Бени.“

За да не ескалира ситуацијата, доаѓаат странски олеснувачи како во 2001. Се постигнува компромисно решение: нов директор е Љубе Бошкоски. Веќе претерал со носење странски инвестиции, па желен е за нови предизвици.

Љубе вади жабица, распалува по малкуте преостанати новинари од културата, ја гаѓа МАНУ со зоља, МРТВ со минофрлач, комплексот факултети со хаубица, додека во позадина оди монолог од Петар Темелковски: КРАСТИ И УЛЕРИ СТРУПЕСТИ ДУШИТЕ ПРОДАДЕНИ ДА ВИ ГИ ВАДАТ! КРОКОДИЛИ ОСТРОЗАБИ УТРОБАТА ДА ВИ ЈА РАСКИНАТ!!!

Чад. Пепел. Прав.

Со гребаници на лицето, од облак прашина излегува Кораима Торес и со глас на Цветанка Ласкова извикува: Што ви требаше да го чепкате МКЦ? No toquéis a MKC (Centro Cultural Juvenil)!!!

А можеше да биде поинаку...

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото