Преиспитување на системите на опресија

25.07.2019 11:59
Преиспитување на системите на опресија

 

 Периодот на годишните одмори често го користиме како прилика за минување време во различни музеи. Шетајќи по музеите и ова лето, добро е да се присетиме и на некои проблематични аспекти кои и самите институции главно ги занемаруват, а тоа е првенствено прашањето на деколонизацијата. Иако овој проблем се разгледува веќе долго, последните години посебно се интензивираа расправите за чекорите кои музеите мораат да почнат да ги преземаат за да останат релевантни и да можат да продолжат да ја остваруваат својата јавна функција. Прашањето на деколонизацијата исто така е едно од централните прашања на документот кој го објави Одборот за дефиниција на музеите, перспективи и потенцијали, во склоп на повикот за поднесување предлози за нови дефиниции на музеите кои во подобра мера би ги опфатиле комплексните предизвици на општеството во 21 век. Одлука за новата дефиниција ќе се донесе на Генералната конференција на ICOM во Кјото во септември оваа година.

Прашањето на деколонизацијата на музеите е широко и коплексно, а она на што музеолозите често предупредуваат е дека „репрезентацијата не е исто што и деколонизацијата“ и не постои брзо и ефикасно решение кое би ја избришало повеќевековната колонијална традиција. Музејските институции притоа можеби најдобро го доловуваат целиот спектар на идеолошки проблеми со кои се среќаваме во тој процес. На пример, колекциите на многу музеи се вкоренети во колонијализмот, често како наследство од донаторите кои се збогатиле од трговијата со робје или други облици на колонијална експлоатација. Многу колекционери го гледаат своето собирање на уметност како начин за зачувување на културата на поединени народи за кои се верувало дека ќе исчезнат. Од тука делумно произлегуваат и денешните проблеми на музејските колекции кои културата на малцинските и домородните народи ја третираат како наследство од минатото и често ги прикажуваат во етнографски музеи наместо во уметнички галерии. Таквата дистинкција само ја зацврстува идејата дека тие култури повеќе не живеат и немаат континуирана традиција.

Некои институции веќе направиле одредени чекори и почнале да развиваат стратешки планови за нов развој на концепти за своите колекции или дури потполна преобразба на самите институции. Најчесто се работи за променет однос кон човековите остатоци кои треба да се третираат со одредена почит. На пример, канадскиот историски музеј започнал да соработува со домородните заедници со цел да добијат поцеловит поглед на постоечките колекции. Сепак, кустоската Шахин Касмани предупредува дека некои чекори кон деколонизацијата може да потфрлат и наместо тоа да продолжат да ги реплицираат колонијалните обрасци и ставови. „Не е доволно само да се повикаат поединците од маргинализираните заедници во музеј за да помогнат да се подобрат нивните колекции“, објаснува Касмани, „треба да се преобрати целиот систем“.

Предуслов за деколонизацијата секако е вклучување на различни перспективи во креирањето на колекциите и донесување одлуки внатре во институциите, како и односот кон човечките остатоци и артефакти од посебно значење со почитта која ја заслужуваат. Но, деколонизацијата исто така се однесува и на достапноста на музеите, која секако вклучува финансиски можности на посетителите, но и идејата дека музеите мораат да се обраќаат на сите, наместо само на образованите членови на општеството, што е најчеста пракса. Прашањето на користење на терминологијата исто така е нешто на што можеби не би обраќале вниманите, но понекогаш токму користењето на терминологијата во каталозите и изложбите означува каква порака музеите сакаат да пратат и кому притоа се обраќаат. На пример, користењето на терминот „затворенички“ наместо „концентрационен логор“ носи силна порака и јасно се определува спрема одредени историски случувања. Истото се однесува и на музејските текстови кои ги следат изложбите и артефактите. Тие по правило се претставуваат како неутрални, но за пораките кои сакаат да ги пренесат многу е важно од која перспектива се пишувани. На крајот, најважни се токму колекциите и артефактите кои музеите ги прибираат, бидејќи, како и текстовите, колекциите се еднакво политични.

Американската активистичка организација Decolonize This Place, на пример, еднакво се бави со потребите на првите народи на Америка, како и афроамериканските и прашањата на слободна Палестина, и со политиките на надоместоци на уметниците и музејските работници и влијанието на музеите врз гентрификацијата. Така, организацијата одржала бројни протести со кои повикувале на враќање на артефактите на заедниците од кои се одземени. Предупредувале на гентрификацијските проблеми кои ги предизвикуваат музеите во локалните заедници, како и на поврзаноста на некои музеи со антипалестински акции.

Со оглед на тоа што Хрватска нема колонијално минато во иста смисла како западноевропските земји, прашањето на деколонизацијата често го доживуваме како нешто што не нѐ засега изрично. Но кога би се обиделе да се присетиме колку често во хрватските музеи сме имале прилика да видиме некој артефакт од ромската култура или историја, а тоа да не била тематска изложба, веројатно би останале прилично разочарани. Истото се однесува и на големите музејски институции за кои не можеме баш да речеме дека имаат пракса да ги претставуваат авторите, или да презентираат дела од малцински или маргинализирани заедници, или дека таквите дела претставуваат значаен дел од нивните трајни колекции. Со оглед на сѐ пооскудните ресурси со кои музеите кај нас раполагаат и сѐ поголемата потреба за нивна комерцијализација, и истовремено со недостатокот на системска расправа за наведените недостатоци, тешко е да се верува дека што било во тој поглед ќе се промени.

Начинот на кој некои институции пристапуваат кон процесот на деколонизација главно овозможува да се насети дека не постои јасна визија за тоа што тој процес точно подразбира. Искрениот пристап кон деколонизацијата пред сѐ би требало да го вклучи преиспитувањето на музеите како навидум објективни заштитници на малцинските и домородните артефакти и култура, посебно во контексот во кој европските (западните) култури имаат право на завршен, објективен суд за другите култури.

Извор: Kulturpunkt.hr

Слики: Decolonize this place 

ОкоБоли главаВицФото