Европа е лицемерна, молчи за компаниите кои ѝ штетат на Амазонија

04.09.2019 00:47
Европа е лицемерна, молчи за компаниите кои ѝ штетат на Амазонија

Жоао Педро Стедиле

Жоао Педро Стедиле е бразилски економист и активист, еден од основачите на Движењето на руралните работници без земја (Movimento dos Trabalhadores Rurais Sem Terra, MST), организација која има 1,5 милиони членови, што го прави едно од најмасовните општествени движења во Латинска Америка. МСТ официјално е основано 1984 година, во време кога речиси 80 проценти од вкупната земјоделска површина на Бразил беше во рацете на големите земјопоседници, латифундистите. Оттогаш, организацијата континуирано се бори за доследна примена на членот од уставот, донесен после укинувањето на воената диктатура, според кој „сопственоста треба да извршува општествена функција“, а владата за таа цел има право на експропријација на земјата. МСТ во своите борби се служи со методи кои вклучуваат окупација на земја, упади во државните институции, па и уништување погони на мултинационалните компании кои се занимаваат со производство на ГМО семиња, заради што десничарските влади во неколку наврати се обидоа оваа организација да ја прогласат за терористичка и да ја забранат. Движењето е структурирано лабаво, без формално водство, а идеолошки се потпира на марксизмот, теологијата на ослободувањето и левичарските практики како директната демократија. Со Стедиле разговаравме за моменталната политичка, економска и еколошка криза во Бразил.

Амазонската прашума гори со рекорден интензитет, а меѓународната заедница најпосле за одговорен го прогласи бразилскиот претседател Жаир Болсонаро. Зошто Амазонија е во пламен?

Минатата година површината со соголени подрачја во регионот Амазонија порасна за 88 проценти, а за тоа постојат две основни причини. Пред сѐ, се работи за земјоделска граница преку која латифундистите се шират во јавните области како што се прашумите. Ги рушат стеблата и подметнуваат пожари за да одгледуваат стока или соја. Втората причина е доаѓањето на власт на Болсонаро, несомнен кандидат од екстремната десница. Тој уште во кампањата ветуваше дека нема да ги казнува оние што ја уништуваат прашумата, потполно го ослабна државното тело за надзор и се нарече „капетан моторна пила“ зашто во војска имал таков чин. Кога неодамна директорот на Државната агенција за вселенски истражувања ИНПЕ, која е призната во целиот свет, објави податоци за уништувањето на прашумите и со тоа му се спротивстави на Болсонаро кој упорно ги негираше истите, претседателот го смени директорот и на негово место постави соучесник во своите неодговорни политики. Сето тоа кај латифундистите создаде клима на неказнивост, па навалија со сета сила. Во Сојузната држава Пара дури го славеа „Денот на оганот“ за да го одбележат настанот во кој една група фармери подметнаа голем број пожари. Чадот кој минатата недела се создаде како резултат на бројните пожари во Амазонија, стигна до Сао Паоло, на речиси 3000 километри оддалеченост, се спои со струите ладен воздух и во градот едноставно се стемни среде пладне. Таа слика го заобиколи светот и стана симбол на огромната негрижа на владата на Болсонаро за човечката средина.

Логото на Движењето на руралните работници без земја

Потегот на десничарските влади

Откако Болсонаро стапи на должност пристигнуваат предупредувања дека би можело да се случи еколошка катастрофа, но овие предупредувања се игнорираа. Зошто?

Владата на Болсонаро е влада на екстремната десница во служба на меѓународниот финансиски капитал, а истиот тој капитал стои и зад водечките медиуми во светот. Значи, Болсонаро е функционален и потребен за остварување на тој план, заради што во тие медиуми, за да се прикрие неговата вистинска функција, се форсираше тезата дека тој, ете, е налудничав па не треба да го сфаќаме сериозно.

Дали можете да ни кажете нешто за влијанието на политиките на новата влада во однос на животните услови на индијанските заедници?

На истиот начин на кој владата го спречува државното тело за надзор на животната средина ИБАМА во Амазонија дејствува против латифундистите, таа ги поттикнува земјопоседниците да ја окупираат индијанската земја. Исто така, Болсонаро пред неколку дена буквално рече дека за време на неговиот мандат нема да биде легализирано ниедно ново индијанско подрачје, иако стотици такви барања се ставени на чекање. Вети и дека во Конгресот ќе испрати предлог закон со кој ќе дозволи експлоатација на рудите и дрвјата во индијанските подрачја, што во моментов е забрането. Ако помине овој закон, што е и можно зашто тој има мнозинство во Конгресот, тоа ќе биде трагедија за индијанските народи и за целата земја. Исто така, на чело на државната агенција за заштита на староседелските народи ФУНАИ сега има воени офицери, иако се работи за јавна институција која би требало да се грижи за индијанските народи, заради што се запрени сите здравствени и образовни програми за помош на староседелските заедници. На пример, претходно изолираните автохтони области ги покриваа кубански лекари, благодарение на програмата „Повеќе лекари“ која ја воведе поранешната претседателка Дилма Русеф, но владата на Болсонаро ги обвини кубанските лекари дека се „герилци“, па Куба ги повлече пред неговото стапување на должност. Оттогаш, овие области се без лекари.

На почетокот од јули беше потпишан трговски договор помеѓу Европската унија и латиноамериканската трговска унија Меркосур, а европските преговарачи ја пропуштија приликата на бразилската влада да ѝ наметнат построги услови за заштита на животната средина и работниците. Какво влијание ќе има овој договор?

Пред сѐ, тој договор е пропаганден потег на десничарските влади во Европа кои сакаа да му испратат сигнал на аргентинскиот претседател Маурисио Макри дека постои излез од економската криза во која се најде оваа земја. Овој договор не е во интерес на европските работници, а уште помалку на работниците и народите од областите од Меркосур и затоа се сомневам дека парламентите воопшто и ќе го ратификуваат. Тој го привилегира извозот на европските индустриски и земјоделски производи, а на земјите од Меркосур повторно им наменува улога на обични извозници на земјоделски и минерални суровини. Се надевам дека овдешните парламенти нема да го ратификуваат и дека европските работници ќе ни помогнат да му се спротивставиме, зашто извозот на земјоделски производи од Јужна Америка без данок и каква било контрола ќе доведе и до пропаст на многу европски земјоделци.

Амазонија стана интригантно меѓународно-правно прашање. Оние кои се залагаат за нејзина заштита сметаат дека меѓународните институции, како ОН, би требало да интервенираат зашто климатските промени се прашање на меѓународна безбедност, додека бразилската влада се повикува на принципот на територијален суверенитет и тврди дека Амазонија е бразилска сопственост. Какво е вашето мислење за оваа дилема?

Амазонија е огромна копнена површина над која власт имаат седум независни држави. Секоја од овие држави - Бразил, Перу, Боливија, Еквадор, Колумбија, Венецуела и Гвајана - имаат услови и легитимитет за зачувување на суверенитетот над оваа територија. Исто така, во овие земји постојат општествени сили кои се мнозинство и кои тежнеат кон зачувување на биодиверзитетот. На пример, ние во Бразил веќе со години се залагаме за политика на нулта дефорестација на Амазонија. Меѓутоа, проблем е тоа што во повеќето од овие земји моментално е на власт екстремната десница, но тоа е привремена и минлива состојба. Ако земјите и народите од Европа сакаат да ни помогнат да ја сочуваме Амазонија, не треба да се закануваат со интернационализација зашто тоа само ја зајакнува овдешната десница. Она што треба да го правите е да престанете со увоз на дрва, руди, соја и месо од областите на Амазонија. На тој начин ќе се запре растот на профитот и експлоатацијата која ја спроведуваат земјопоседниците кои се зависни од меѓународните извознички корпорации. Ако сакате да ни помогнете да ја спасиме Амазонија, помогнете ни да се бориме против компаниите како што се Bayer, BASF, Monsanto и Syngenta, најголемите произведувачи на отрови и хербициди кои ги загадуваат водите и тлото во Амазонија, па дури и дождовите кои доаѓаат оттаму.

Жаир Болсонаро

Длабоката криза на капитализмот

Владата на Болсонаро шири теории на заговор против невладините организации и спроведува организирани правосудни напади на опозициската Работничка партија (ПТ). Поранешниот претседател Луиз Инасио Лула да Силва е во затвор, неговата наследничка Дилма Русеф е отповикана, а неодамна и Фернандо Хадад, противкандидатот на Болсораро на претседателските избори беше осуден за малверзации. Дали овие стратегии успеваат да ја делегитимираат левицата?

Планот на меѓународниот капитал за излегување од економската криза се темели на идеите за присвојуање на природните ресурси, намалување на работничките права, приватизација на 133 државни претпријатија со вкупна нето добивка од 50 милијарди долари, приватизација на јавните услуги како што се здравството, образованието и пензискиот систем и целосно подредување на нашата економија на онаа на САД. За да го спроведат тој план, ги впрегнаа правосудството и медиумите и прво противзаконски ја сменија Русеф, потоа ја поставија марионетската влада на Мишел Темер, а потоа го поставија и Болсонаро користејќи механизми за манипулација насочени кон најсиромашните, ширејќи лажни вести преку социјалните мрежи со помош на технологијата која ја испорача израелски Мосад и луѓето кои ја водеа кампањата на Доналд Трамп. Значи, интересите на народите и државите се поразени, но оваа влада нема социјална база, а тој план на претставниците на капиталот може да помогне неколку компании повторно да остваруваат профит, но нема да ја запре економската криза ниту ќе го спаси капитализмот. Напротив, економската криза се продлабочува, од 2012 година нашата економија не расте, имаме повеќе од 20 проценти невработени, со половина работништво во услови на прекаријат. Повторно се вратија гладта, сиромаштијата и бездомништвото, додека шесте најголеми бразилски капиталисти заработуваат повеќе од 120 милиони најсиромашни Бразилци. Значи, се разбуди општествената нееднаквост во нашето општество, но тоа нема иднина, порано или подоцна народот ќе се освести и ќе ја зајакне социјалната борба. Засега е мирен, исплашен од сѐ што се случува, но мобилизацијата веќе е присутна меѓу студентите и професорите, а 58 проценти од луѓето сметаат дека Лула е невин.

За глобалното затоплување сѐ повеќе се зборува како за логична последица на деструктивната и експлоататорска природа на капитализмот, додека елитите одбиваат да го признаат тоа во намерата да ги заштитат своите интереси. Дали е можно да се запре климатската криза без промена на доминантниот економски систем?

Не постои едноставно решение. Капитализмот е предаторски систем кој во услови на криза прибегнува кон неограничени напади на природните ресурси, максимална експлоатација на нафтата, рудите, водите, шумите и биодиверзитетот. Секако дека би можеле да воведеме контроли и ограничувања за природните ресурси да се користат исклучиво во корист на општото добро. Еден од факторите кој најмногу ѝ штети на климата е употребата на пестициди зашто тие го елиминираат биодиверзитетот, ги убиваат сите битија освен сојата, пченката и памукот, предизвикувајќи нарушувања во дождливите периоди и климатска нерамнотежа. И покрај тоа, никој во Европа не зборува за затворање на компаниите како што се Bayer, BASF и Syngenta, што укажува на големо лицемерие во исказите кои доаѓаат оттаму. Но верувам дека меѓу младите и работниците полека се гради свест дека е потребно да се бориме против капитализмот. Тој веќе не претставува иднина за човештвото, туку назадување. Иако не знаеме што ќе се изроди од посткапитализмот, сигурно е дека се наоѓаме во историска и длабока структурна криза на капитализмот во економијата, општеството, вредностите и животната средина. Таа криза ќе трае долго, но човештвото секогаш успевало да изнајде енергија за да пронајде напредни решенија. Затоа сум убеден дека и овојпат ќе успееме да ги поразиме силите на десницата и да изградиме иднина која се темели на порамноправно, поправедно и посолидарно општество.

Извор: https://www.portalnovosti.com

ОкоБоли главаВицФото