1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пет, 06.12.2024 13:59
Извор на текстот: Дојче веле
„Ром сум и тотално геј. Јас сум тоа што сум. За тоа никому не морам да му се оправдувам, ниту морам некому да му се докажувам.”
За Вилијам Била таквиот личен став е поврзан и со обѕири кон другите: „Навистина мислам дека свесно треба да избегнуваме да им нанесуваме штета на други луѓе. Тоа е дел од Хипократовата заклетва до која може да се придржува секој човек, а не само лекарите. Особено ние Ромите и нашите активисти треба да го имаме тоа предвид кога се бориме за нашите права и положба.”
Вилијам (51) е роден во САД како син на хемичар и на медицинска сестра. Како дете ги гледал сериите „Далас” и „Династија” и се инспирирал од американскиот сон на 1980-те и 1990-те години. Среде атмосферата на глорифицирање на моќта и парите и тој посакал да стане богат. Се нашол на победничкиот пат благодарение на своите родители кои ги поддржувале неговите соништа, но и со помош на своите способности, вели тој. Одличните оценки придонеле да добие две стипендии на најдобрите економски универзитети на светот, на њујоршкиот универзитет „Стерн Скул Оф Бизнис” и Универзитетот Чикаго.
„Тогаш престанав да си ‘сонувам’, станав порационален, мислев да се биде ефикасен е најдоброто нешто што може да го направам. Денес сметам дека тоа повеќе ме ограничувало и повторно повеќе се радувам да откривам и осознавам нови работи, независно од тоа дали идејата кога било може комерцијално да се претвори во пари."
Вилијам го завршил факултетот и конкурирал кај „Ернст и Јанг” со цел да го освои светот на големите финансии во Њујорк. Но, сѐ излегло поинаку, па по едно интермецо во браншата за регрутирање, самиот завршил како „хедхантер” на квалитетни кадри и се преселил во Прага. И така отсекогаш сакал да работи во странство, па продолжил со патувања по разни градови, учел јазици, меѓу другото и германски и француски.
Вилијам Била
„Никогаш не се водев по правила како треба да изгледа кариерата"
Претходно, во мултиетничка Америка, неговото потекло никогаш не играло никаква улога, но сексуалната ориентација во тоа време не ја тематизирал. Подоцна, во Прага, се случило спротивното. Имало големи дебати за Ромите, но прифаќањето на хомосексуални мажи од привилегирани западни земји се чинело дека воопшто не е проблем.
„Можеби никаде вистински не припаѓам, но научив секаде добро да се чувствувам”, вели Вилијам. Како и на секое друго место, и тој во своето опкружување искусил нетолеранција и покрај фактот дека Ромите и Синтите и самите се маргинализирани и се соочуваат со разни форми на дискриминација. Тогаш веќе не бил толку сигурен дали навистина сака да се ангажира, но потоа увидел нешто за разноликоста на својот народ.
„Можам да ги поддржувам сите кои имаат прогресивни ставови. Важно е да се увиди дека ‘Ромите’ се многуслојни и не може хомогено да се дефинираат. И кај нас има многу различни луѓе, култури и политички ставови."
Иднината на Ромите, според Вилијам, лежи во нивната со столетија докажана способност за адаптација на постојано променливите и опасни услови. „Способноста да се препознаат системски шеми и - врз база на тоа знаење - да се делува”, заклучува Вилијам.
На тоа Ромите и историски гледано биле секогаш присилувани, бидејќи од позиција на моќ биле исклучувани од системот. Во систем кој се базира на страв, жртвите се претвораат во сторители преку обвинувањата за неприлагодување, при што самиот систем воопшто и не дозволува интеграција, објаснува Вилијам.
„Оваа иронија не е случајна и лесно може да се разбере ако ви е познат концептот на ‘антициганизам’. Човек не може никако да се избори против системот ваков каков што е. Мора да го менува одвнатре – преку силата на иновација – или да го заобиколи. Ако знаеш дека правилата се против тебе, немаш друг избор освен да го прилагодиш начинот на размислување ако сакаш да преживееш!“
„Ние сме авангарда“
Вилијам објаснува дека Ромите како народ и Европејците покажале доволно издржливост и истрајност за да си го зачуваат идентитетот и културата – без притоа држава да стои зад нив. Поради нивното искуство како народ, Ромите и Синтите можат да послужат како почетна точка за идни општествени сценарија, смета Вилијам.
„Ние сме авангарда. Сѐ повеќе луѓе се обидуваат да избегаат од секојдневието како фантазија на мејнстримот. Нашите луѓе тоа го практикуваат отсекогаш, до ден-денес.“
Дали политиката конструктивно ќе ги искористи тие искуства и вештини е многу интересно прашање за идниот општествен развој, смета Вилјам. Историски гледано, Ромите и Синтите ја преживеале секоја можна криза и она што денес се воспева како нова и динамична животна форма, за нив е веќе виден начин на функционирање.
„Дали Европа ќе се реши да научи нешто од нас или овој потенцијал и понатаму ќе биде потиснуван, е само прашање на волја.“
Слободната волја отсекогаш играла голема улога за овој 51-годишник – и во однос на религијата. Откако прво бил католик, потоа протестант, па атеист, тој денес се опишува како „ниту религиозен ниту духовен“ и најрадо се потпира врз самиот себе. Сепак смета дека во овој Универзум ништо не е случајно. Оној кој сака да ги сака другите мора да почне од себеси. „Кога ќе ви се случи нешто убаво, прифатете го и речете си дека сте го заслужиле. Потоа ќе следат уште многу добри нешта.“
Вилјам Била повеќе од 20 години советува клиенти за прашања поврзани со стратешко планирање и проект-менаџмент, меѓу кои и големи мултинационални компании, консалтинг фирми, невладини и владини организации.
Слики: Delaine Le Bas