Слатко од моркови

27.05.2021 13:59
Слатко од моркови

Додека ние растевме, сите се храневме здраво, помалку или повеќе исто, со свеж зеленчук купен дента на пазар, без пестициди, со вистинско месо од најблиската касапница, без додавана боја, без хормони и без антибиотици. Риба од рибарница. Тазе уловени пастрмки, а шараните пливаа и се туркаа во големи аквариуми.

На мајка ми ѝ беше забрането да спрема шаран кому самата лично му ја беше одредила судбината и долговечноста покажувајќи со прст, велејќи „еве овој“. Тогаш „рибарот“ го ловеше со мрежа и му го кршеше черепот си дрвен чекан.

Тетка ми беше непослушна, а и гурман, па понекогаш ќе се појавеше со пакет новинска хартија на кој пишува „Комунист“, а внатре шаран кој те суди и проценува со големите мртви очи. Страва.

Ни денес не јадам шаран. Конзервирана храна никс. Мајка ми беше голем поборник на здрава исхрана, особено инсистираше на моркови како зеленчук, заради богатството со витамини и разни алфа и бета каротини. Затоа, поради мојата вродена кратковидост и повреденото око на Јане, морковите во разни форми беа чест додаток во јадењата што ги спремаше милата ми мајчичка, особено што сите имавме различни вкусови па обично имаше избор меѓу две јадења.
Но, моркови сите пројадовме и ги засакавме во сите форми на подготовка. Ситно сецкани во тава со ориз, ситни или крупни тркалца за супа или турли тава, надолжно сецкани за тава со компири, чушпајз или карамелизирани како прилог со похувани шницли или ќофтиња. Ситно рендани во салата. Со риба, бела каша и грашок или боранија со моркови, нормално.

И мојата Ивана ја наследи кратковидоста, па традицијата продолжи. Моркови. Одам кај неа пред некое време, вели: Нема да бидам дома неколку дена, земи од фрижидер тоа што останало, да не фрлам храна. Гледам, многу моркови, па ги зедов. Доаѓам дома, отворам фрижидер, внатре моркови. Го отворам другиот, веќе има моркови, одам на тераса и во дрвените гајби со компири и кромид, моркови. Што да правам што да чинам, мисли главо милчевска ‒ и им смислив. Па сум сварила едно слатко, најубаво на свет! А како што со Ковидов немам гости, сама го суредив. Личи малку на слатко од тиква ама е многу поубаво.

Така ученикот го надмина својот учител.

И уште нешто за мајка ми: кога почнав во салатите да ставам чиа или киноа таа реагираше: „Оти клаваш вакви зрнца, сигурно се скапи.“ Ич не се скапи, ѝ велам. А многу здрави биле. „Е па затоа не се скапи, ич не се вкусни. Само ја расипуваат салатата. Не ми е во природа да јадам вакви семки и зрнца. А ако се зрнца, повкусно е кавијар“. Мислиш?, велам, па двете почнуваме да се смееме.

 

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото