Некои работници во ЕУ не можат да си дозволат греење во зимските месеци

06.10.2021 01:12
Некои работниците во ЕУ не можат да си дозволат греење во зимските месеци

Заради премногу ниските плати и растот на цената на енергијата ширум Европа речиси три милиони луѓе во Европа не можат да си дозволат греење во својот дом и покрај тоа што се вработени, покажува анализата на Европската конфедерација на синдикати. Станува збор за 15 проценти од европските работници чии плати не се доволни за греење во зимските месеци, а зголемен е и уделот на такви работници во последниве 10 години во 10 држави членки. Со оглед на скокот на цената на електричната енергија ширум Европа, на работниците им се заканува уште поголем пад во енергетска сиромаштија. Во просекот од 15 проценти на ниво на ЕУ влегуваат некои држави членки во кои греење не можат да си дозволат многу поголем процент од работниците: Кипар (45,6 проценти), Бугарија (42,8 проценти), Литванија (34,5 проценти), Португалија (30,6 проценти), Грција (28,7 проценти) и Италија (26,1 процент). Во споредба со 2009 година, во 10 држави членки е зголемен уделот на сиромашни работници кои не можат да си дозволат греење. На прво место е Хрватска (зголемување за 16,5 проценти), а следуваат Кипар (зголемување за 10 проценти), Литванија (зголемување за 7,9 проценти), Словачка (зголемување за 7,8 проценти), Шпанија (зголемување за 6 проценти) и Италија (зголемување за 5,2 проценти).

Неможноста да си дозволат греење во зимските месеци е една од деветте ставки кои ја дефинираат материјалната депривација, како и неможноста за заминување на еднонеделен одмор надвор од местото на живеење. Во двата случаи, причината е во зголемувањето на уделот на сиромашните работници во ЕУ и во фактот дека минималната плата, дури и ако постои, во бројни држави членки е толку ниска што не ги извлекува работниците од сиромаштија. Синдикатите го повикуваат Европскиот парламент да ги заштити работниците од енергетска сиромаштија со воведување „праг на пристојност“ во нацрт директивата за минимални плати која би обезбедила законски пропишаните минимални плати да гарантираат пристоен животен стандард. Конкретно, синдикатите се залагаат минималната плата да не може да изнесува помалку од 60 проценти од просечната плата, односно 50 проценти од просечната плата во секоја држава. Во моментов 20 држави членки на ЕУ имаат законски пропишани минимални плати под ова ниво, а моменталниот нацрт на директивата за минимални плати не би го променил тоа. Заменичката на секретарот на Европската конфедерација на синдикати, Естер Линч, изјави: „Во Европа милиони лошо платени работници мораат да избираат помеѓу тоа дали ќе ги затоплуваат своите домови или ќе го прехранат своето семејство или ќе платат станарина, и покрај тоа што работат полно работно време. Тоа е неприфатливо и ја поткопува поентата на постоењето минимална плата. Време е Европа да се погрижи минималната плата да значи дека никој веќе не мора да се грижи ако го вклучи греењето, и да поработиме на зголемување на стапките на колективно преговарање за да се постигнат праведни плати“.

Цените на енергенсите се во постојан пораст, а работниците во Европа се сè посиромашни: помеѓу 2010 и 2019 година во 16 членки на ЕУ е зголемен уделот на сиромашни работници за 12 проценти, а според последните податоци приближно секој десетти работник во Европа живее под линијата на сиромаштија, односно има приход понизок од 60 проценти од просечниот приход. Младите работници, мигрантските работници и вработените со привремени договори се најмногу погодени од ризик од сиромаштија, иако сиромаштијата се зголеми кај сите категории вработени, вклучувајќи ги и вработените на полно работно време и со трајни договори за работа.

Еден од клучните фактори кои влијаат на износот на минималната плата е нивото на колективно преговарање: податоците покажуваат дека износот на платата (минимална) во Европа е тесно поврзан со тоа дали работниците се покриени со колективен договор. Во девет од десет држави од ЕУ со најниска просечна плата и минимална плата (Бугарија, Романија, Литванија, Латвија, Унгарија, Полска, Словачка, Чешка, Хрватска, Естонија) 7 до 30 проценти од работниците добиваат плата одредена од колективното преговарање. Од друга страна, во седум од десет држави од ЕУ со највисоки плати (Данска, Ирска, Шведска, Луксембург, Белгија, Финска, Холандија, Германија, Франција, Австрија) повеќе од 70 проценти од работниците добиваат плата договорена според колективните преговори. Заради тоа европските синдикати во борбата против сите облици на сиромаштија се залагаат за ширење на колективното преговарање за платите, како и на проширување на опфатот на правото на минимална плата на сезонските работници, работничките во домаќинствата, младите работници и сите други категории работници кои во многу држави од ЕУ немаат право на минимална плата.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.bilten.org/