Партизанките

20.05.2022 00:36
Партизанките

Вера Ацева

Настапи време во кое животот од ден во ден, сè повеќе, се отуѓува од својата основна човечка цел, луѓето сè повеќе поживотинуваат, сè помалку се достојни да им се припишува атрибутот на човечноста. Сè е на продажба, сè може и треба да се отфрли, замени, промени, сè може да се купи и продаде за пари. Особено, во оваа наша порнографска цивилизација, ваквата дехуманизирана корпоративна логика важи за жените. И, нè учат дека треба да се прилагодиме на таа пазарноанимална филозофија на животот и дека треба, сите седум милијарди, покорно и беспоговорно, да ја прифатиме стварноста онаква каква што е – грда и неправедна.

Наспроти тоа, иако затскриена од неолибералните културтрегери, пред нашите очи стои поуката од нашите партизанки. Имено, до последната светска војна Македонија била вклештена во религиозно-патријархалните матрици на живот, а жените се наоѓале „затворени во кафез“ и спуштени на самото дно од општеството. Особено недостапен за нив бил политичкиот живот, а неписменоста кај македонските жени била речиси целосна. Поради кршењето на разните општественоекономски и културноцивилизациски решетки, борбата на партизаните и партизанките може и треба да се окарактеризира како борба е освојување на слободата! Освојување на национална, социјална, политичка, аграрна, образовна, културна и – слободата на жените. Нема никакви дилеми дека еманципацијата на жената во секој поглед, на овие наши македонски простори, почна за време на нашата Национално-ослободителна војна, кога жените не само што добија можност да се борат со оружје во рака, туку добија целосна рамноправност, добија право да гласаат и да бидат бирани, добија право да се образуваат, добија можности да бидат политички раководители, да бидат носители на општествената и политичка моќ, согласно своите знаења, способности и вештини.

Елпида Караманди

За првпат во нашата македонска историја на војните, жените беа масовно вклучени како рамноправни учесници во сите сегменти на борбата, Во борбените партизански единици тие беа еднакви во правата и должностите со своите машки соборци. Партизанското движење, организирано од комунистичката партија, во своите редови прифати жени на сите воени позиции. Дури и формализирано, во наредби до партизанските единици за организирање на „животот“, се отчитува почитта кон жената борец, па се барало „…Односот на другарите кон другарките да биде сосема ист како кон другарите – рамноправен, а никако понижувачки и потценувачки. Маж и жена не можат да имаат било какви (интимни) односи… а другар и другарка кои сакаат да стапат во брак, можат тоа да го сторат само преку Штабот…“

Добро е да се знае и памети дека политичката организација, во која жените биле организирани по родов принцип, и која им овозможи во тоа крваво воено невреме, широки јавни и политички активности, беше Антифашистичкиот женски фронт на Југославија – АФЖ. Со макотрпна и постојана работа на терен, раководните активистки на АФЖ создадоа женски политички јадра, кои ги поврзуваа жените една со друга во борбено единство и ја овозможуваа масовната просветна, политичка и културна еманципација на жените. Процесот на вклучување на жените во борбените единици почна веднаш по избувнувањето на ослободителната борба во есента четириесет и првата. Партизанките се покажаа како срчани и срдечни, борбени и бестрашни, чесни и солидарни, посветени и грижливи… Огромното мнозинство од нив манифестираа издржливост и бескомпромисна истрајност, како во борбата така и по окупаторските казамати, и крајна чесност. Нивната морална вертикала може и треба да биде прав пример во воспитувањето на луѓето во еден човечен и патриотски дух.

Фана Кочовска

Статистиките од тој партизански борбен македонски период не се прецизни, но сосема е евидентно дека жените сочинувале добар дел од борбениот потенцијал на партизанската војска, а секако уште поголем е бројот на оние кои, легално и илегално, работеле во позадина. Мотивите, за вклучување во борбата иако биле различни, сепак за повеќето од нив антифашизмот и борбата за национална слобода, за едно поправедно и похумано општество, беа примарните мотивациски фактори. Впрочем, меѓу партизаните голем дел биле предвоени комунистки и скоевки, кои идеолошко-политички и интелектуално биле најсилното јадро на женскиот дел на македонската партизанска војска.

Распадот на социјалистичка Југославија значеше и формирање „нови“ општества кои во ниту еден аспект не се покажаа попрогресивни, помодерни, побогати и поеманципаторски од социјалистичкото. Нашето македонско општество, опфатено со лудата и криминална првобитна акумулација на капиталот, разлигавено и омекнато нарекувана „транзиција“, и од неа нужно произлезените општа економска, ментална и социјална беда, свесно се откажа од антифашистичкото и комунистичко партизанско наследство. А, тоа беше, веројатно, највредната придобивка која овој народ и држава ја имаа од сето свое крваво и трагично минато.

Мара Нацева

На бранот од десничарскиот ревизионизам настапи програмиран заборав, намерно премолчување и демонизирање на антифашистичкото минато, а споменот на хероините партизанки од Национално-ослободителната и антиокупаторска борба, избледе и исчезна. Со светлосна брзина од колективната меморијата беа избришани овие храбри, паметни, пркосни и горди партизанки. Од деведесеттите години на минатиот век се изнегира и изгази секоја прогресивна идеја и пракса. Сè што со себе носеше хуманизам, рамноправност, братство, праведност и етичка доблесност, се прогласи за безвредно наследство на комунистичката левица и беше поништено и уништено. Затоа, за жал, сегашната стварност, особено во однос на жените, е реакционерна и клеро-фашизоидна. Феминизмот, вклештен во неолибералната идеолошка матрица, ја нема потребната борбена димензија и е ставен на „погрешни шини“ за да се занимава со маргинални и „безопасни“ теми од „женскиот живот“, па затоа е целосно јалов и нефункционален. И, секако, ќе остане таков сè додека не ја стави економската експлоатација на жените на супстанцијално место во својата теорија и практика.

Слики: Зоран Кардула

Извор: https://www.slobodenpecat.mk/

Слични содржини

Општество / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Историја
Општество / Став / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Спорт / Историја
Општество / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото