Моралeн издив

07.12.2022 02:25
Моралeн издив

Етичкиот напредок произведува благотворен облик на догматизам. Во здраво општество не се дискутира дали силувањето и мачењето се прифатливи, зашто јавноста „догматски“ е уверена дека не се. Од друга страна, општеството чии лидери зборуваат за „легитимно силување“, како американскиот републикански конгресмен, или за оправданост на тортурата, покажува јасни знаци на морално опаѓање каде некогаш незамисливите постапки забрзано стануваат можни.

Да ја земеме, на пример, Русија денес. Видео снимката со сомнителна веродостојност која деновиве кружи на мрежите прикажува платеник од групата Вагнер која е поврзана со Кремљ, обвинет дека ја променил страната за да се „бори против Русите“, кого неидентификуван напаѓач го удира со чекан во главата. На прашањето да го коментира видеото објавено со наслов „Чеканот на осветата“, Евгениј Пригожин, основачот на групата Вагнер и близок сојузник на Владимир Путин, одговори дека „на песот му следува песја смрт“. Како што многумина забележаа, однесувањето на Русија станува слично со однесувањето на ИСИС.

Или да го земеме блискиот сојузник на Русија, Иран, каде млади девојки се уапсени заради протест против режимот, наводно се принудени на брак со затворски чувари кои потоа ги силуваат, зашто малолетничка не може легално да биде погубена ако е невина.

Или да го земеме Израел, кој гордо се претставува како либерална демократија, иако сè повеќе наликува на фундаменталистичките теократии од своето соседство. Најнов пример на овој тренд е веста дека Итамар Бен Гвир влегува во новата влада на Бенјамин Нетанјаху. Пред да почне да се занимава со политика, Бен Гвир беше познат по тоа што во својата дневна соба имаше портрет на израелско-американскиот терорист Барух Голдштајн, кој во 1994 година во Хеброн уби 29 палестински верници и рани 125.

Нетанјаху, израелскиот премиер со најдолг стаж до неговото сменување во јуни 2021 година, сесрдно го поддржува ваквиот распад на сите вредности. Така во 2019 година повика на „борба против растечкиот муслимански и левичарски антисемитизам во Европа, неколку часа откако неговата сопствена влада објави извештај во кој се вели дека најголема закана за Евреите во ЕУ претставува радикалната десница“. Зошто Нетанјаху го игнорира радикално десничарскиот антисемитизам? Затоа што се потпира на него. Западната нова десница можеби е антисемитска дома, но безрезервно го поддржува Израел како последна брана пред муслиманската инвазија.

И тоа е само една страна од приказната. Моралното пропаѓање е сè поочигледно и кај „разбудената“ левица (woke left) која е сè поавторитарна и понетолерантна. Таа ги заговара сите облици на сексуален и етнички идентитет, освен еден. Социологот Двејн Расел новата „култура на откажување“ ја карактеризираше како „расизам во време на мноштво без Еден“. Додека традиционалниот расизам го понижува натрапникот кој претставува закана за единството на Едниот (доминатната група), разбудената левица би сакала да му го прави истото на секој што не ги напуштил целосно сите стари категории на полот, сексуалноста и етничката припадност на Едниот. Сите сексуални ориентации и родови идентитети сега се прифатливи, освен ако сте бел маж чиј родов идентитет му одговара на вашиот биолошки пол од раѓањето. На членовите на оваа цисродна кохорта им се налага да се чувствуваат виновни само заради тоа што се, затоа што им е „удобно во сопствената кожа“, додека сите останати (дури и цисродните жени) се поттикнуваат да бидат она што сакаат.

Овој нов разбуден поредок е сè позабележителен во апсурдните епизоди од реалниот живот. Месецов, Ресурсниот центар за род и сексуалност на колеџот Гетисбург во Пенсилванија планираше да спонзорира настан во организација на студентите за сите оние кои се „изморени од белите цис мажи“. Планот беше учесниците да „сликаат и пишуваат“ за своите фрустрации со белите мажи на кои им е „удобно во сопствената кожа“. По негодувањата и обвинувањата за расизам, настанот беше одложен.

Има нешто парадоксално во тоа како разбудената флуидност се совпаѓа со нетолеранцијата и исклучувањето. Во Париз, на престижната школа École Normale Supérieure сега се дискутира за предлог во студентскиот дом да се резервираат одредени ходници исклучиво за лица кои ја избрале мешаната разновидност (mixité choisie) како свој сексуален идентитет, за да се исклучат цисродните мажи. Предложените правила се строги: на секој што нема да ги исполнува критериумите ќе му биде забрането да стапне во овие ходници. И, секако, тие правила водат кон уште построги ограничувања. На пример, ако доволен број лица го дефинираат сопствениот идентитет во уште потесни термини, и тие би можеле да побараат посебен ходник.

Нагласувам три одлики на овој предлог: тој ги исклучува само цисродните мажи, не и цисродните жени; не се заснова на никакви објективни критериуми за класификација, туку само на субјективно самоозначување; и бара понатамошни класификациски подподелби. Последнава точка е клучна, зашто покажува како инсистирањето на преобликување, изборот и разновидноста на крајот води кон некаков вид нов апартхејд, мрежа со фиксни, есенцијализирани идентитети.

Догмата на разбуденоста може да послужи како прототипска анализа дека вклучувањето води до забрани: под режимот на разбуденоста секој од нас може да биде откажан заради нешто што кажал или направил (критериумите се нејасни) или едноставно зашто е роден во презрена категорија.

Наместо да им се спротивставува на новите облици варварство, како што често тврди дека прави, разбудената левица е рамноправен учесник во него промовирајќи и практикувајќи опресивен дискурс без иронија. Иако се залага за плурализам и ги промовира разликите на нејзината субјективна позиција, местото од кое зборува е немилосрдно авторитарно, не трпи никаква дебата и наметнува произволни исклучувања кои некогаш се сметаа за недолични во толерантното, либерално општество.

Сепак, треба да се има предвид дека оваа збрка во голема мера е ограничена на стеснетиот свет на академската заедница (и разните интелектуални професии како новинарството), додека остатокот од општеството повеќе се движи во спротивна насока. На пример, во САД дванаесет републикански сенатори заедно со демократското мнозинство месецов гласаа за право на брак исклучиво на истополови парови.

Со својата имплицитна параноја, културата на откажувањето очајнички и очигледно е залуден обид на компензација за реалното насилство и нетолеранцијата кои сексуалните малцинства веќе долго ги трпат во нашите општества. Тоа е повлекување во културална тврдина, лажен безбеден простор чиј дискурзивен фанатизам само го јакне отпорот на мнозинството.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографите се од филмот Dogville (Lars von Trier, 2003)

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото