Книжевен прашалник за Борјан Заревски

16.02.2023 11:02
Книжевен прашалник за Борјан Заревски

 

- Вашето најрано сеќавање за книгата и за читањето?

Алфред Брем, „ Како живеат животните“, и Библијата – најдебелите книги во домашната библиотека. „Светот околу нас“. И еден учебник за учење англиски, некое сино, пластифицирано Оксфорд издание, го гледав како сликовница – првата средба со смртта, на четири, пет години. Коментар на баба ми: мајка ти има глупави книги, мислејќи на Библијата и учебникот по англиски.

 

-Која книга би ја нарекле книга на вашето растење?

Не е книга. Компилација на тврдо вкоричени изданија на „Галаксија“ од 1976 година. Дебела компилација.

 

- На кој/а писател/ка (или книга) редовно се навраќате?

Ернест Бекер: Denial of Death. Всушност, целиот Бекер. Каква таква врска со смртта: изобилни анегдоти, дигресии, ерудиција, асоцијации – унилатерален брат робот. Не се навраќам често на следнава, но често мислам на “Brother Animal” од Пол Роазен. Има таму една реченица: „Мојот талент не е доволно голем да ми овозможи живот каков што би сакал да живеам“ – ќе напише Виктор Тауск во прошталното писмо. Во некоја рака, како да се самоубил наместо мене. Кај Уелбек има една друга реченица на која мислам и ја употребувам: „Ќе кењам до крај!“

 

-Книга која никако не сте успеале да ја прочитате до крај?

Две, од Џојс: Улис и Бдеењето на Финеганците. Финеганските ирски цигани што ќе го разбудат „покојникот“ со мирисот на ракијата. Речници не читам до крај.

 

- Која книга би сакале никогаш да не сте ја прочитале?

Нема многу. Некоја за Master of Business Management. Беше црвено-црна, со пластични корици.

 

- Во светот на кое книжевно дело би сакале да живеете?

Гилгамеш. Хомер, во таа некоја, друидска, црногорска, фаза со харфи, лири или гусли, пред писменоста повторно да биде откриена. Или да бидам автор на законикот на Хамураби. Во својство на диктатор. Или барем писар. Да му ги поправам, невидливо, законите, на неписмениот. Како Абдула ибн Саад, ибн Аби Сар. Што му ги поправал стиховите, граматички и поетски, на Мухамед, неписмениот. Па си вели: ако овој е инспириран, и јас сум. Избегал во Мека. Абдула. Кога Мухамед ја освоил Мека, рекол: Бог забранува да се убива во овој град. Сем денес. Денес ќе го убиеме Абдула. Не ги грдам неписмените. Писменоста долго се вбројувала во трговските, инфериорни занаети. Се мисли, на пример, дека Буда бил неписмен, но образуван.

 

- Во кои ситуации жалите што немате книга при рака?

Кога немам Интернет. Но, ако снема, со години влечкам со себе едно постхумно, билингвално издание на „Ecce Homo”. Постои еден убав израз: постхумното „тело“ на Ниче.

 

- Да имате своја издавачка куќа, која книга или кој/а писател/ка прво би ја објавиле?

Нова книга, нов концепт за книга, хибридно напишана со вештачка интелигенција, насликана рачно од иконограф еретик, што прави анатомии, илустрации, илуминации, рубрикации и иницијали. Книга Фетиш, една на мајка.

 

- Која книга би сакале вие да сте ја напишале?

Не туѓа. Истата од претходното прашање. Не е напишана. „Машина за мислење!“ под псевдоним „Стенли Филтер“. Го сонував насловот, името на авторот и содржината. И издавачите како преговараат за форматот и тиражот. Беа тројца. Од тие, отсонуваните издавачи, само една е уште жива.

 

- Општо прифатено ремек-дело кое не ви се допаднало? И зошто?

Не читам повеќе од неколку страници, ако нешто не ми се со/допадне. Нешто од Аин Ранд, можеби. Не се ремек дела. Да Винчи Код немаше потреба ниту да биде напишана. Јас барем немав потреба некој да ја напише. „Ремек“ е унгарски збор. За master piece. Последново е дело, неопходно за занаетчиски премин од калфа во „мајстор“. Да влезеш во еснафот. И да оставиш „цех“, - синоним на еснаф, то ест да им платиш вечера на постарите мајстори. Peer to peer психологија. Ниту критичар, ниту публика. Технолошки инцест.

 

- За која книга (автор/ка) мислите дека сте ги откриле предоцна?

Интервјуа, со некои автори. И поети, како читаат своја поезија на глас. Ми се преврти светогледот околу пишаниот/кажаниот збор, ум, откога слушнав неколкумина како се рецитираат себе си. Од оние што се читаат со мисли, Бурдје, на триесет и пет, Веблен и Грамши, во истата бразда. Дарвин го открив предоцна: универзумот, животот, екосистемот и сѐ останато се целосно бесмислени и непотребни. Уште не можам да го објаснам тоа на брзина. Избегнувам да го спомнам.

 

- Да можете да приготвите вечера за пет писател(к)и, сеедно од каде се и дали ви се современици, кои би се нашле на масата?

Витгенштајн. Не е писател, но жмурел кога мислел. Го имитирале во жмурењето. Немал голема библиотека. Ми доаѓа да кажам - Томас Бернард, што се дупи фамилијарно со Витгеншајн, ама не! Ниче, постхумно, ама не! Џојс, сигурно - легендарна пијаница. Даклем, двајца. Џојс може на трезно да се фати само преку ден. Ако е вечера, поинаку ќе се одвива средбата. Со Хемингвеј. Ама не! Џојс и Бекет на маса, оди како писмо во пошта, Бекет ѝ бил дечко на ќерката на Џојс. Кога ќе дојде Бекет, ќе каже дека има само пола саат „на располагање“. Во пет сабајле ќе ни викне шампањско. Витгенштајн би им курчел. Кој знае... Тројца. Би сакал да го сретнам Роман Гари на само. Фалат двојца. Нај неразбран би бил Лајбниц. Директктно од Демокрит, преку Епикур. Статистички мозок. Јазик, математика и физика. Другиве се поети. Ако поети: Жижек. Лакан, не. Пикети. Маркс, не. Не очекувам ништо од Епикур. Од никого. Џојс да се поттикне на музика и етимологија, Бекет на buildng blocks of nonsense, Витгенштајн исто. Последниов напишал некаде дека “philosophy should be written like poetry“. Крај на синтаксата како и кај Бекет. Терминална фаза. Да си раскажуваат вицови. Да ги слушам. И Кафка. Неговиот сосед се бунел поради гласната смеа на гостите во станот на Кафка кога им ги читал на глас неговите раскази. Рандом. Always. Џојс, Бекет, Витгенштајн и Кафка. Како џокери, Роман Гари во име на Емил Ажар или Жижек, се менуваат на петтото музикално столче. Хенри Милер дофрлува од соседната маса. Еден православен, пијан „Шекспир“, исто... Чехов, на трета маса, не дофрлува, само слуша, а ние мислиме што мисли додека слуша. Кога ќе излеземе пивнати на улица „ ќе се браниме од светот со г’зот“ – тоа од Ажар.

 

- Како обележувате интересни делови во книга: белешки на маргините, „уши“, подвлекување со маркери, или...?

Со сите возможни средства. Препрочитуваните, ретки книги ми личеа на лампиони. Сум сечел страници во библиотеки. Тивко, брутално, со скалпел. Таму носев и рачен скенер, мал, закачен на лаптоп. Можеше да скенира ред по ред, стих по стих... и ги претвараше во букви што можеа да се едитираат „во живо“. Повеќе белешки отколку ум и време да им се навратам. Пруст употребуваше „пеперутки“, долепени ливченца, postits, да сиседоизнапишеш сам врз себе си. Да си ги коментираш белешките и потребата да си ги коментираш коментарите. Тетовирање на сеќавњето.

 

- Која книга би ја однеле на пуст остров, а која на отслужување доживотна затворска казна?

Јас сум веќе на пуст остров, отслужувам доживотна казна, како и сите други суштества. И таму и ваму, имам повеќе пдф, ако имам струја, отколку што имам време да ги прочитам.

 

- Што читате во моментов?

Тоа што го напишав.


  Слики: Brian Kershisnik  

 

За Борјан Заревски 

Борјан за Борјан: во трето лице еднина, детска, палеолитска граматика: Борјан е роден во Скопје, 1962 година, како белец, машко, цис-џендер. Со социолошко-родителски товар, како и сите. Фасциниран од лингвистика. Борјан сакал да стане психоаналитичар. Правел дидактична психоанализа во Париз со човек: режисер, глумец, сценарист и психоаналитичар. Конфликтна. Борјан се сети дека аналитичарот мислел дека Борјан намерно сонува „такви работи“ за да го импресионира. Аналитичарот. Петнаесет години подоцна, сосема случајно, синот на Борјан одел на психоанализа кај ќерка му на аналитичарот. Се скарале. Ѝ ги искинал белешките. Се отерале у пичку матер. Нема везе.

Борјан во Париз одел на часови по сликарство кај лекар што завршил медицина, без Борјан да може да му се сети на специјализацијата... истиот завршил теологија и ликовна академија. Лекарот. Ведар човек, има син што се вика Дионисиј. Ми даде совет: „Пробај да живееш една година, да спиеш во ист кревет, со девојка ти, без секс!“ Го послушав – оксиморон.

Фасциниран од анатомија, Борјан, не Дионисиј. Во поширокото, психотичното значење на зборот „анатомија“. Хронична автопсија.

Ова што следи е биографијата на Борјан напишана од ChatGPT:

Борјан Заревски е уметник што студирал различни дисциплини, вклучувајќи филозофија, теологија, антропологија и уметност. „Фокусиран“ на видео арт – форма што може да пренесе комплексни идеи или чувства, без драматургија или супер-херои.

Заинтересиран за естетиката на артистичката кооперација, веројатно соработувал со различни уметници, под влијание на луѓето што ги среќавал во Париз, за да се прават незавршени дела составени од повеќе ликовни форми. Употребува грешки, глич, пиксел сортинг, погрешни цитати и сѐ друго што му е на располагање, преферирајќи го бриколажот пред инженерскиот пристап, кој, веројатно, би му бил поконсеквентен. Делата на Борјан, веројатно, се изложувани во галерии и музеи, ширум светот. Поради мултидисциплираноста, веројатно, има единствен пристап кон епистоларната уметност и е сосема неупотреблив во рамките на пошироката, современа арт сцена.

Јас за себе: Еден професор по уметност на Сорбона, без да ме праша, ми го „поправи“ „статусот“ во „уметник“, на ФБ. Нема да го инкриминирам. Бев поласкан, тоа се случи после една целоноќна дискусија за Псеудо-Дионисиј Аеропагит. Нивната уметност. Исчезнува кога ја гледаш. Тоа треба да се види.

Не ми пречеше „уметник“. Одамна знаев дека уметниците се сиромашни како монаси - да се биде уметник не е никаква претензија, ако си пораснал со такви.


 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото