„Мастилна мапа“ на Марија Ралповска и „Пештера“ на Максим Ристески

18.05.2023 14:12
 „Мастилна мапа“ на Марија Ралповска и „Пештера“ на Максим Ристески.

 „Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2022 година. Денес објавуваме извадоци од романите „Мастилна мапа“ на Марија Ралповска, и „Пештера“ од Максим Ристески. Претходните извадоци прочитајте ги овде.

„Мастилна мапа“, Марија Ралповска, „Арс Либрис“

„Дваесет и деветти мај. Мојата интуиција ми кажува дека има нешто смрдливо околу Роберт Бошков, освен ѓубрето што го собира низ градот. Има некој криминален лик и чуден поглед. Ќе го следам неколку дена, сигурен сум дека крие нешто.“

„Триесет и први мај. Роберт живее сам во една барака во Дебар маало. Вози фиат браво, постар модел на автомобил.Деновите ги поминува исто. Спие до 14 часот, потоа пазарува во блискиот маркет и се враќа дома. Порачува храна со достава од една сендвичарница и се излежува пред телевизорот со неколку пива. Околу 19 часот се подготвува и оди на работа во Комуналното претпријатие. Се враќа наутро околу 8 часот. Ќе продолжам да го следам“.

„Трети јуни. Роберт измрда од рутината.Само што планирав да излезам од автомобилот и да си земам кафе, но тоа очигледно ќе почека.Одржувајќи растојание и пропуштајќи по две-три возила меѓу нас, го следев. Излеговме од градот и по еден час возење, тој скршна од автопатот и почна да се движи по една патека што водеше кон Скопска Црна Гора. Морав да го паркирам автомобилот и да продолжам пешки, веќе немаше други возила и постоеше можност да ме забележи. Ги зедов двогледот и пиштолот со мене и трчав низ шумата. Гледајќи во неговиот автомобил, а не пред себе, се сопнав, паднав и ги скинав новите пантaлони. Се надевам дека кога ќе го фатам лудаков, ќе добијам нови. Успеав да држам чекор и да се движам по скратени патчиња, додека патот по кој возеше Роберт, правеше поголем круг низ шумата.

На крајот, тој се паркира пред една голема темнокафеава куќа, на четири ката и изработена од дрво, убаво скриена од љубопитните очи. Се искачив повисоко и се скрив зад едни грмушки. Набљудував со двогледот. Роберт влезе внатре, се качи на вториот кат и се задржа околу половина час.Зад завесите на прозорецот успеав да забележам женска силуета.Тие кратко разговараа, а потоа жената излезе од собата. Роберт остана внатре, но веќе не можев да го видам.

Роберт си замина, а јас чекав извесно време пред да влезам во куќата. Ме пречека една жена, облечена во бели пантaлони, бела кошула и бели кломпи. Русата коса ѝ беше собрана во пунџа и носеше бело венче на главата. Ми личеше на медицинска сестра и тоа се потврди кога жената застана зад бирото во ходникот и ме праша дали сакам да посетам некого или имам закажан состанок со докторот.Успеав да останам сам неколку минути и да го проверам компјутерот на бирото. Внатре пронајдов досиеjа со различни имиња и презимиња на луѓе. Го отворив првото и набрзина прочитав дека на мажот му била извршена трансплантација на црн дроб.Тој вчера бил пуштен дома, а уплатата на парите за операцијата била целосна. Во другото досие се работеше за дванаесетгодишно девојче на кое му биле трансплантирани бели дробови. Последното досие што го отворив пред да се врати медицинската сестра беше за трансплантација на срце што допрва требаше да се случи.

Се вратив пред неговата куќа и го пронајдов Роберт на троседот пред телевизорот со парче пица во раката. Конечно го купив кафето и додека го пиев, размислував за местото. Дефинитивно, тоа беше некаков вид приватна клиника, можеби дури и нелегална.А,кој беше пациентот што го посети Роберт? И од каде вработен во Комуналното би имал толкава сума пари за да плати некаков третман на тоа место?“

„Четврти јуни. Соседите не знаат ништо за Роберт освен дека е повлечен и чуден. Тој се доселил во куќата пред три години и оттогаш живеел сам и никој не доаѓал да го посети. Утре наутро ќе ја подготвам документацијата за да побарам налог за претрес и налог за следење на електронските комуникации од јавниот обвинител. Нема да имаме доволно за да се одобри претрес и во куќата во шумата. Ќе мора нешто друго да се смисли за таму. Ќе ѝ се јавам на Елена, можеби е време да извршиме уште еден разговор со Роберт.“


„Пештера“, Максим Ристески, „Или Или“

Владимир Јонов беше на небо додека обедуваше лосос на скара „спарен“ со „пино ноар“, во приватноста на патничкиот простор што ја гарантираше бизнис класата на летот до Њујорк, платен од Pax Mundi. Додека потоа ја пробуваше масажата вградена во седиштето и прелистуваше „инфлајт“ магазин, неочекувано се сети на Стефан, кому пред две седмици му се пофали со исклучително ласкавата покана од Америка. Помисли дека линкот до Стефан - да се сети токму на него, одел преку стилизираниот тигар вешто вметнат во лого од индиска туристичка кампања што го виде во магазинот.

Потоа зеде да ја „прелистува“ филмската понуда на 24 – инчниот екран од системот за забава во текот на летот; и како во знак на сеќавање на средбата со Стефан во зоолошката градина покрај величествениот тигар, се одлучи за „Големата убавина“ на Паоло Сорентино. Но, беше премногу возбуден за да може да ја задржи концентрацијата повеќе од неколку минути, иако за филмот што го немаше гледано, веднаш сфати дека е од категоријата „мора да се гледа“.

Возбудата во форма „полн со себе“,како што самиот си ја формулираше, додавајќи си „со право“, силно ја почувствува уште кога стигна на аеродромот. И претходно не му недостасуваше самодоверба, но сега на евидентно успешните луѓе - бизнисмени, странци, некои од нив и познати личности кои оддаваа највисок животен стил чекајќи ги или бркајќи своите летови, гледаше како на „ситни риби“. И да кажеше некому, немаше да му поверува дека патува со билет во еден правец (таков навистина му испратија) како избраник на Pax Mundi за менаџирање на светот, со сѐ што тоа не само можеше да значи, туку неспорно значеше.

Беше доволно култивиран за да не ја истура полнотата со себе, туку на негово големо задоволство да ја остави да тече фино, однесувајќи се пољубезно од вообичаеното со разновидниот персонал на аеродромот. А тоа му се враќаше во истата мера.Ги немаше небрежните тонови што обично ги чувствуваше како навредливи и го исполнуваа со бес (кој, додуша, не го покажуваше директно) кога ќе ги чуеше при комуникацијата со вработените по шалтери или на други работни места каде лице в лице треба да се олицетвори паролата „муштериите на прво место“.

Откако ја исклучи „Големата убавина“ си го пушти „Tubular Bells“ на Мајк Олдфилд. И одново помисли на Стефан. На благодатта што тогаш толку уверливо ја почувствува и ѝ се препушти кога се сретнаа во зоолошката градина додека патуваа накај Кипријан... Се обиде, но не му успеа дејствително да се сети на таа благодат, иако неодамнешна; онака како што и во зима би се сетил на вкусот на лубеница.

„Слободата што ја дава Бог е апсолутна. И по наша, најиндиректно, најсуптилно покажана одлука да се повлече од нас, Бог нѐ ослободува од себе, го брише секое наше сеќавање на него. Колку и да си во моментот на ‘фреквенција’ со Бога, штом, на пример, се сетиш на некого што го мразиш; и ти се провлече мисла, желба во тој правец, веднаш паѓаш. Без разлика што намерата ја маскираш со ставот ‘нека биде според Божјата промисла’...
Нема никакво наметнување – Бог се повлекува без трага, совршено почитувајќи ги нашите избори. И дури и она што во состојба на благодат ни се открива како поуверливо, пореално и поцврсто од камен- како поважно од сѐ друго; веќе во првиот момент кога ќе прифатиме мисла или чувство неспојливи со Бога, ни изгледа сосем неуверливо, бледо, ако воопшто и ни останало во сеќавањето...
Тоа не се податоци кои може да се научат или запаметат. А е единствениот начин да ја примиме живата и апсолутна вистина...

Па, така е и во односите со луѓето. Доволно ли ни е да знаеме, да го имаме податокот дека со одреден човек сме си поминале убаво? Или сакаме пак да бидеме со него? Со личност која ја сакаме најмногу, сакаме да бидеме цело време.

ОкоБоли главаВицФото