Бројни македонски граѓани во „канџите“ на сиромаштијата

24.10.2023 10:01
Бројни македонски граѓани во „канџите“ на сиромаштијата

Извор: Дојче Веле

Инфлацијата се намалува, платите и пензиите растат, сиромаштијата се зголемува. Парадоксални се состојбите во македонската економија која од ден во ден турка во сиромаштија се` поголем број граѓани. Податоците кои се обелоденија во пресрет на Светскиот ден за искоренување на сиромаштијата отсликаа загрижувачки тренд. Дури половина милион граѓани на С. Македонија се обидуваат да преживуваат дневно со помалку од 200 денари. Бројка која расте и која според експертите е со тенденција да продолжи да расте. Тоа што државата го нема детално измерено веќе трета година го измерија невладините организации во студија која отсликува неповолни движења:

„Нашата студија покажува дека бројот на сиромашни во 2022 во државата драстично пораснал – за 24% кога се во прашање лицата кои живеат во екстремна сиромаштија и за 15%, кога се во прашање лицата кои живеат во умерена сиромаштија. Во 2023 година, бројките можат да пораснат за дополнителни 20-ина проценти, што значи дека бројот на лица во екстремна сиромаштија може да достигне до 86.000 (од 56.000 во 2021 година), а бројот на лица во умерена сиромаштија до 520.000 (од 360.000 во 2021 година)“, изјави за Дојче веле Бранимир Јовановиќ од Виенскиот економски институт.

Овие податоци покажуваат дека проблемот со сиромаштијата станува хроничен за македонската економија. Во услови на зголемена инфлација донекаде и очекувано, но од друга страна и помалку изненадувачки со оглед на се` она што низ годините се гледа и слуша од надлежните како политики и делувања во насока на поддршка и превенирање на состојбите.

Од зголемена минимална плата, повисоки пензии, до разни проекти за поддршка на социјалните случаи и ранливите категории граѓани. Дел од упатените „вината“ за состојбите ја гледаат во пост ковид последиците и ударот од инфлацијата. Но предупредуваат и на други фактори, како на пример поставеноста на политиките за справување со предизвиците:

„Она што кај нас се случува е недостаток на координација и посветеност кон намалување на сиромаштијата, наспроти парцијалното социјално и економско влијание кое го следиме низ различни политики, а за кои не се сублимира и евалуира како влијаат кон намалувањето на сиромаштијата. Ние веќе три години немаме ниту еден стратешки документ во кој нотираме пат преку кој ќе ја намалиме сиромаштијата, ниту пак има национална координација помеѓу институциите кои треба да влијаат на состојбата. Затоа иако може да се извадат позитивни промени во одредени сегменти, нема намалување на сиромаштијата на национално ниво. Економските предизвици не се ексклузивен проблем само за нашата држава, туку со нив се соочуваат сите земји, но она што е различно е системската поставеност на институциите кои се одговорни да влијаат врз состојбите, организирањето на правична дистрибуција на приходите, најчесто од данок и приоретизирање на намалувањето на нееднаквостите“, предупредува во изјава за Дојче веле, Билјана Дуковска, претседател на Македонската платформа против сиромаштија.

Тапкање во место

Мултидимензионалноста на сиромаштијата според Дуковска претставува проблем за кој не се возможни ниту брзи, ниту едноставни решенија, туку бара комплексен сет од политики кои меѓусебно се надополнуваат и го поддржуваат лицето кое се наоѓа во ризик да се доведе во состојба кога може достоинствено да работи, социјално да се вклучи и културно да се интегрира. Но ако циклусот не е затворен или процесот не е доволно долг, тогаш влијанието на некоја од причините која довела до сиромаштија е само парцијално и не го решава проблемот.

„Ако се гледаат бројките, последните официјални статистики кои Државниот завод за статистика ги има објавено за 2020 година и се споредат со останатите Европски земји, евидентно е дека многу заостануваме во намалувањето на сиромаштијата и кај нас процентот е скоро половина повисок од европскиот. Не се бележи ни значителна промена кај процентот на лица кои се во ризик од сиромаштија. Ќе биде погрешно ако кажам дека сме во состојба на мирување. Евидентни се напорите на Министерството за труд и социјална политика во развојот на социјални сервиси кои треба да им помогнат на семејствата да надминат социјални ризици кои ги оддалечуваат од пазарот на труд или не им дозволуваат поголема општествена интеракција. Ги следиме и државните мерки кои интервенираат во насока да се ублажат ценовните шокови или да се надополнат семејните буџети кај најранливите. Сепак, за жал, станува збор за еднократни или краткотрајни мерки кои иако се од помош, не даваат значителен придонес кон намалувањето на сиромаштијата“, укажува Дуковска.

Замрзнати цени, повисоки плати

Влошените трендови според дел од упатените се последица и на поинтензивниот раст на цените во споредба со примањата на граѓаните. Според економистот Бранимир Јовановиќ државата има механизми на располагање за да интервенира:

„Кумулативно од крајот на 2021 до сега, инфлацијата изнесува 25%, што е повеќе од растот на пензиите, социјалната помош и платата, кои се зголемени помеѓу 15-20%. Конкретните мерки кои државата треба да ги преземе за да спречи раст на сиромаштијата поради поскапувањата, или барем да го ублажи истиот, се: да ги зголеми сите видови социјални издатоци – социјална помош, детски додаток и пензии, барем за онолку колку што изнесува инфлацијата; да обезбеди посебен антикризен надоместок до граѓаните кој ќе го покрие растот на цените; да ги зголеми минималната плата и платите во јавниот сектор, барем за онолку колку што изнесува инфлацијата; да ги ограничи цените на одредени стратешки производи, како храната и енергијата, со цел да ја ублажи инфлацијата“, смета Јовановиќ.

Фокус на најранливите

Интервенцијата се наметнува како нужна, но дилемите се дали таа да биде широко или целно позиционирана. Според претседателката на Македонска платформа против сиромаштија, фокусот треба да биде насочен пред се на лицата кои живеат под линијата на сиромаштија:

„ Социјалната реформа која се промовираше во 2019 година требаше да направи мобилизација на различни чинители и да ги фокусира кон градење на „безбедносна мрежа“ која нема да дозволува понатамошно деградирање на достоинството на корисниците во системот за социјална заштита, туку нивна финансиска поддршка (сегашната гарантирана минимална помош) и континуирано зајакнување за активација на пазарот на труд, која треба да им донесе примања кои се повеќекратно поголеми од социјалната поддршка која ја земаат и можност за кариерен развој. За жал, гледано од сегашната перспектива, иако има зголемување на социјалните примања тие не ја следеа инфлацијата и не ја извршија својата основна улога на финансиска безбедност која ќе ги поттикне корисниците да преминат во следната фаза“, укажува Билјана Дуковска.

Иако вели не може да тврди со бројки, ваквата ситуација според Дуковска ги турка корисниците кон нерегулирана работа и прекршување на нивните права. Активацијата споре неа не се случувала за време на Ковид пандемијата, а и сега е мал бројот на активирани корисници, што повторно ги доведува во незавидна состојба на долгорочна невработеност и живот со минимум средства кои не се доволни ниту за покривање на основните потреби.

„Оттука политиките на повисоки плати и пензии, всушност само ги поддржуваат пошироките семејства на примателите, но не гарантираат и подобар живот за примателите, во услови кога скоро 22% од нашите граѓани се сиромашни, очекувано е бројот на вработени сиромашни не само по приход туку по параметар со колку члена на семејството се дели тој приход, да биде сериозно голем. Да, ние се застапуваме за почитување на човековите права, плати и пензии доволни за квалитетен живот, но подобрување на генералната благосостојба не е возможна доколку не се случуваат паралелни интервенции и не се интервенира и во образованието, вештините, социјалните услуги и подобрување на условите во локалните заедници. Состојбите може да се подобрат само ако процесите за креирање на политиките се организираат со значајно учество на експерти по искуство кои ќе работат заедно со стручните лица од областите и креираат патоказ во кој ќе ги интегрираат сите важни аспекти кои влијаат на сиромаштијата, и потоа доследно да се применуваат независно од партиските интереси. Потребна ни е сеопфатна стратегија како да се интегрираат постоечките политики и национална координација со фокус на намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост“, посочува Дуковска.

Антикризен пакет во најава

Од Владата велат дека се фокусирани на политики за поддршка и помош на сите категории граѓани. Како последно, се најавува сет антикризни мерки кои треба да бидат наменети за најранливите категории. Станува збор за пакет кој според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ќе изнесува околу 70 милиони евра:

„Ние веќе имавме пакети и мерки. Имавме енергетски додаток кој се даваше на пензионери со ниски пензии. Имаше пакети, но фискалниот простор не дозволуваше да имаме дополнителни мерки. Сега остануваат денови до обзнанувањето на новиот пакет на антикризни мерки во кои ќе се опфатат сите ранливи категории“, истакна Битиќи во синоќешната дебата на Телевизија 24.

Преговорите со ЕУ би помогнале

Дел од упатените сепак не се преголеми оптимисти дека владините политики проследени со конкретни финансиски мерки ќе ги дадат посакуваните резултати. Клучно е велат да има и јасна, зацртана политичка волја, со јасен фокус на приоритетите. Дополнителен поттик се гледа и во процесот на преговори со Европската унија кој би ги адресирал и останатите критични точки:

„Со години повторуваме дека намалувањето на сиромаштијата е политичка одлука. Тоа значи дека користењето на државните механизми, нивното менување и прилагодување во насока на намалување на сиромаштијата е возможно само ако тоа се постави како приоритетна цел. Не дека социјалните политики не се познати тука, или дека тие се почитуваат еднакво и соодветно низ цела Европа, туку важно е каде ќе се постави фокусот. Нашиот, како држава е поставен на зајакнување на економијата, што само по себе не е погрешно, но во контекст на намалување на сиромаштија не води директно кон подобри резултати. Капацитети имаме, но важно е во која насока се организираат. Преговорите со ЕУ се добра рамка, систематизација на направено и потребно кон прилагодување на заедничката политика и секако можноста да се користат дополнителни фондови кои многу би ни помогнале. Не треба да се изостави и влијанието и на други фактори кои директно сега ја влошуваат ситуацијата, како на пример енормната корупција која се соочуваме, дигитализација и енергетска транзиција кои не се осетливи на социјални разлики, децентрализација и регионализација, а кои во преговорите ќе мора соодветно да се адресираат и унапредат, со што индиректно ќе се подобрат и состојбите во социјалната сфера“, смета Билјана Дуковска од Македонската платформа за сиромаштија.


Слики: Brad Stumpf