За Маркиз де Сад

28.07.2009 15:01
2462822-2-marquis-de-sade-2.jpg

Џиновската фигура на Маркиз де Сад, „огромна и ужасна” (Свинберн), комплементарна е на големата француска револуција, чиј современик беше и тој. И додека револуцијата се пресметуваше со историјата, немилосрдно пролевајќи крв во име на земниот прогрес, „божествениот Маркиз” се бореше со небеското устројство. Оттаму е и несразмерноста во целите, во количествата на пролеана крв, во злосторствата (во полза на Де Сад, се разбира). Зашто Сад беше прометејскиот ребел; револуцијата за него е само изговор, само бледа слика на неговиот метафизички грев. Оттаму несразмерноста, оттаму неговото незадоволство од неа, оттаму неговото барање за радикализација. „Французи, уште еден напор!” Неговата омраза кон институциите, на прво место кон религијата, само е површен знак и илустрација на неговата теза за свет без Бог. Бидејќи во тајната на настанокот, во смислата на светот не ни е дозволено да навлеземе, човековиот свесен живот е интелектуален скандал.

Маркиз де Сад со ваквиот свој однос кон теодицејата се нареди во наследниците на гностиците, на она нивно радикално крило кое светот го гледа како дело на лошиот дух, како победа на демонските сили над силите на доброто, па според тоа проповедале блуд, злосторство и воздржување од прокреација. Садовото повикување на рамнодушна природа, пред сè, е значи, последица на неговиот гностички песимизам што владеел во круговите на, нему блиските, енциклопедисти. Сад го радикализира основното прашање на филозофијата: има ли Бог?, што ќе рече, дали светот е осмислен концепт и, значи, со цел, или е производ на чиста случајност. Консеквенциите на неговото заклучување, негативно секако, се сразмерни на неговото монументално разочарување: ако нема Бог, ако човековиот живот е само привремена, куса и сурова авантура, а светот дело на апсурдот и на случајот, тогаш не само што е сè дозволено, туку злосторството е nec plus ultra во човековата природа. Злосторството, покрај тоа, е и акт на бунт, единствено дело по мерка на човековото сознание за светот, единственото нешто што колку-толку може да ја згасне човековата жед за вечноста, за никогаш недосегнатата смисла на постоењето. „Ако вечноста на суштеството е невозможна во природата, тогаш разочарувањето е еден од нејзините закони.”

Гностицизмот на Маркиз де Сад ја наоѓа својата спротивност првенствено во христијанството, зашто тоа е покорност, мирење со устројството на светот, принцип на утеха. Затоа Сад побргу ќе се определи за паганските богови, кои се само симбол на поединечните сили на битието, парцијални мистерии, слика на човековите страсти, за разлика од монотеистичкиот Бог, „кој исполнува сè со својата огромност”.

Ако Сад својот метафизички бунт го пренел и на земните предели, на историјата и на општеството, на моралот и на институцијата, и тоа е само дел од неговиот голем гностички бунт, споредно небо, видлив облик на онаа невидлива и само насетена борба, што се водела во душата на „божествениот Маркиз”. Доаѓајќи рано до тој фундаментален заклучок – дека нема Бог – Маркиз де Сад, парадоксално, наместо стоичко мирење со светот (какво што таквиот лаички став го диктира, бидејќи човек не може да се бори против Ништо), се определува за бунт. Ако зборот определува овде има смисла. Зашто тоа е повеќе крик на натажена душа, пискот на трошно месо, исто колку и свесен концепт, филозофска доктрина (гностичка). И што би било пологично да се избере во тој свет без Бог, како објект на бунтот, ако не токму месото, токму трошното човечко тело и идеологијата на злосторството. А, злосторството кај Сад е филозофска категорија како Декартовото цогито, вплеткување во работата на природата, единствен гест по мерка на човековиот бунт. Зашто, ако нема Бог, тогаш секој морал е лицемерие и секој живот е пораз, ни вели страшниот Маркиз. А, на сопственото сколастичко прашање: „Дали убиството во очите на природата е чин за осуда?” дава недвосмислен одговор: Не е! “Човекот посегнува по убиство токму поттикнат од природата, бидејќи таа тоа му го советува.” Во свет на сеопшт релативизам, во свет без минато и иднина, сладострастието е единствената сегашност; не осмислување, туку само исполнување на апсурдот на постоењето; не победа врз ништожноста, туку суверен гест на очајување, обид на смртникот, со пречекорување на забраната, да си извојува себеси дигнитет, низ сладострастието и злосторството да се афирмира како живо суштество наспроти суровата Природа и ужасот на рамнодушното небо. Затоа, поради таа преголема амбиција, поради таа претешка задача, сладострастието на Сад е тешко како кулук, задишано и болно, мономанијакално и монотоно, и покрај монструозната фантазија со која во екстатички грч тој ги спарува суштествата. Тука во сè се оди до крај, тука се блудничи како на Олимп и тука се принесуваат човечки жртви како на некој пагански ритуал. Во Садовиот свет Ерос и Танатос се фаќаат за гуша, тука претсмртно се дише и лелека, тука подеднакво бликаат крв и сперма. Во таа сеопшта копулација воздишките на страст и смртните воздишки се сменуваат и се мешаат, тука нема радост, нема qубов, копнеж и qубовни игри, сè е тука смртно сериозно, сè е тука тежок аргат, демонстрација на гностичката доктрина дека човекот е фрлен во светот како на ѓубриште. Ако подобро ги наслушнеме тие смртни врисоци и ако подобро ги погледнеме тие згрчени, задишани тела, ќе сфатиме, по некое нестварно осветлување, дека не само што сме надвор од овој свет, туку, јасно и недвосмислено, во пределите на Пеколот. Тоа е затоа што избраниот момент на Сад е веќе даден од аспект на вечноста, тој го доживува, тој веќе го гледа суб специе аетернитатис; телото сè уште ужива во радоста на своите функции, во својот деструктивен замав, но кожата само што не се распаднала, само што не станала вечен плен на вечниот адски пламен, како кај Данте. Но, овде нема Чистилиште и нема Рај, сè е ништо, шпанска надеж, а овие тела што се спаруваат, камшикуваат и колат се слика на еден релативизам што подеднакво ги поништува насладата колку и болката. Маркизовите копулации не се само сурови туку и мрачни ритуали, и ништо не е толку далеку од нив, рековме, колку што е qубовта и радоста на сакањето. Оттука, монструозните сцени на копулацијата, кои потекнуваат од Маркизовата вжештена глава, повеќе личат на мрачни средновековни мистерии, отколку, да речеме, на раблеовските ведри, пагански ритуали. Оргиите на Сад се одвиваат во таинствени замоци и во будоари кои, и покрај раскошот, делуваат голо и студено како операциона сала. Бидејќи Сад не знае за раскош на денот, за пејзаж, пејзажот не го интересира, како што не знае ниту за богатството на човековите ликови и психолошки состојби. Разблуденоста е предоминантна и единствена човекова особина која заслужува внимание, сите ликови, машки и женски, се само примерени претставници на хомо сапиенсот, без поблиски одредувања освен оние што се однесуваат на нивната (хипертрофирана) половост. Па и тоа, тоа распределување според родот, е истакнато во прв ред само затоа, во отсуството на моментот, во часот на сеопшта копулација, за да се открие дека и таа поделба е произволна и, значи, неважна, зашто границите меѓу родовите набрзо се бришат, секој се спарува со секого и на сите начини, а принципот машко-женско тука наскоро престанува да важи, како што низ инцестот се бришат и роднинските дистанци. Бидејќи овде, рековме, развратот е даден во чиста состојба, како сублимација; гола, не како голо тело, туку како гола идеја, како јасна теза: нема Бог, оф!

Во монструозната кореографија на Сад, во тој сеопшт инцест, се уриваат и социјалните огради, слугите и господарите се подаваат едни на други наизменично, извлекувајќи од тоа пречекорување на конвенцијата, од тоа прекршување на нормите, дополнителна сила за сладострастието (зашто само кршењето на законите, секоја пречекорена норма, содомијата, инцестот, мачењето, злосторството, служат само затоа да ги предизвикаат сетилата). Но само за момент; само додека господарот не ги консумира сите задоволства на вкрстувањето. На натамошниот пат слугата (слугинката) не може да го следи господарот, патот тука е тесен, над амбисот над кој треба да се пројде постои само една греда и на неа место за само еден човек: за господарот. Бидејќи тој пат води во смрт. Тоа е казната за вкрстувањето во кое слугата (слугинката) се впуштил, како што и тортурата сега веќе е само казна, бидејќи од неа сега сладострастието го извлекува само господарот. Во тоа Врховно сладострастие слугата, значи, не може повеќе да го следи господарот, тука сега повторно се воспоставува поранешната хиерархија, на која на момент се заборави. Правото на Врховно сладострастие го има само оној за кого блудот е религиски чин, ритуално принесување на жртвата (или негова пародија), филозофски постулат – за господарот. Само тој може да ги има прерогативите на Врховно суштество, само тој може да зададе смрт. Во Замокот, во тој логос во мало, тој го имитира механизмот на светот, го пародира апсолутизмот на Природата, нејзината суровост, нејзината рамнодушност. Затоа во светот на Сад нема милост, нема милосрдие, нема каење.

Бидејќи светот е недостижен – „зашто не му е дадено на човекот да допре до прапочетокот” – на просветениот гностик му останува само мимезисот на природата како чин на крајно очајување и бунт. Маркиз де Сад со тоа само ја радикализирал филозофијата на просветеноста, нејзиниот материјализам, нејзината виталност, нејзиниот внимателен атеизам. Тој на идејата за прогресот & го спротивставил својот песимистички концепт за човекот фрлен во светот: човекот тежи кон апсолутот и поради тоа за него нема утеха. Песимизмот на Сад е еден од најмрачните, најтемелните и најдеструктивните за кои знае филозофијата. Бидејќи додека песимистичките или фаталистичките доктрини во крајна консеквенца проповедале мирење со судбината, пасивност, нирвана, песимизмот на Сад е агресивен. Тој од разочарувањето извлекува лудило и има во него нешто од гневот на конквистадорите. За него човекот е куп месо, слепа страст, копулациска машина. Затоа во неговите дела сè е само грч и растргнување, болка, пот, крв и сперма, а единствениот човеков артикулиран збор, не оној што се јавува на вените на намачените жртви, туку оној што се оттргнува од градите на мачителот-сладострасник, е зборот „умирам”. И тој збор не е само метафора (метонимија) на врвното сладострастие, туку тој е супститут на сладострастието: да се доживее оргазам, тоа значи да се умре, зашто оргазмот е единствениот биолошки часовник кој отчукува точно време, секој оргазам е една мала смрт, да се сврши значи по малку да се умре, како што се вели: „Partir c’est un peu mourir“.

Делата на Сад, и покрај неговата безмерна еротска фантазија, се ужасно монотони, бидејќи тука „ништо не се случува”, после првата копулација само се зголемува бројот на партнерите и се менуваат figurae Veneris, а по првото злосторство, по првиот шок, сè почнува од почеток, сè се врти во круг, фигурите се умножуваат како што се умножуваат и врисоците и злосторствата (а главен и единствен хендикеп на секое еротско четиво е неговата репетитивност, неговата мономанијакалност). На Маркиз де Сад, значи, би можела да се примени истата онаа формулација што тој ја употребил зборувајќи за Волтер: „Немајќи други намери освен да ја стави филозофијата во своите романи, тој поради тоа напушти сè.” И Сад „напушти сè” , а неговите дела се само брилијантна илустрација на една единствена идеја, на една единствена опсесија: човековата егзистенција како пораз. „Добрината и порокот ќе се најдат во гроб заедно, една до друга”. Неговата разгорена фантазија го создава од една единствена материја, од човечкото месо (а неговите очи се сосредоточени на едно единствено ноќно небо, во nox microcosmica) она што средновековните анатомски атласи го сместуваат во круг чиј центар е во препоните, а обемот не му оди подалеку од папокот и од колената. Таа nox microcosmica прераснува кај Де Сад во голема вселенска тема без yвезди и без Бог, во Апокалипса.

Дубровник, јануари ’88

Слики: Кејт О’Брајан

„нема qубов, копнеж и

„нема qубов, копнеж и qубовни игри“ :)

Слични содржини

Книжевност / Уживање / Култура
Книжевност / Уживање / Култура
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Книжевност / Уживање / Култура
Квир / Книжевност / Стрип

ОкоБоли главаВицФото