За каубојците, Индијанците, Србите и Албанците

20.03.2012 14:03
Zа каубојците, Индијанците, Србите и Албанците

Не знам како е денес, но јас и моите другари од детството најмногу игравме каубојци и Индијанци. Читав многу книги за Индијанците, а најмногу го сакав Карл Мај. Кој не го сакаше? Тој беше еден од писателите со најголеми тиражи и најопширни описи во историјата на светската книжевност. Неговите книги се испечатени во над 200 милиони примероци на повеќе од 40 јазици. Таканареченото „критичко-историско издание“ на неговото целокупно творештво од 1987 година опфати 120 тома.

Иако во пубертетот просто не можев да се заситам од неговите приказни за Индијанците, долго не знаев дека тој се занимава и со делови од мојата земја. Два негови романи носат наслов „Во клисурите на Балканот“ и „Низ земјата на Арбанасите“. На прв поглед би можело да се помисли дека станува збор за Албанија, но Мај не споменува доволно географски податоци врз основа на кои може точно да се лоцира каде се движат неговите јунаци: малку низ Косово, а претежно низ Македонија.

Огромниот книжевен успех на Карл Мај (роден 25 фебруари 1842, како петто од 14 деца, неговиот татко бил сиромашен ткајач; умрел на 30 март 1912), на почетокот од неговиот живот не се ни насетувал. Мај бил избркан од учителското училиште бидејќи украл шест свеќи. Набрзо потоа е осуден на шест недели затвор бидејќи од еден другар украл џебен часовник. Почнува да живее како скитник, се занимава со ситни измами и кражби за на крајот да го осудат на четири години затвор, која ја отслужува од 1870 до 1874 година, значи, веќе како триесетгодишник. Дури во затворот почнува да пишува, списанијата му објавуваат раскази, набрзо потоа и романи, кои на почетокот ги нарекувал патописи, иако во времето кога ги пишувал не знаел ништо за земјите со кои се занимавал, туку се потпирал на податоците од еден единствен лексикон.

Карл Мај како Олд Шетерхенд

Неговиот главен јунак во книгите за Индијанците е Олд Шетерхенд, а во земјите на истокот Кар Бен Немзи. И двајцата се Германци, луѓе без маани и страв, кои наоѓаат по некој пријател и ги победуваат сите непријатели со необична леснотија. Како дете, секако, не забележував дека сè што е морално и победоносно кај Карл Мај е поврзано со Германците. Уште помалку го разбирав чудното возбудување – на кое, меѓутоа, денес лесно се повикувам, присетувајќи се на ноќните читања кога сум имал 10-12 години – возбудување кое ме обливаше кога ги читав описите на сцените меѓу Олд Шетерхенд и Винету како се бакнуваат во уста или описите на скалпирање и мачење. Многу подоцна сфатив дека Карл Мај, најверојатно потсвесно, без никакви намери, успешно ги иритира макар и најмалите пубертетски и адолесцентски поттици на хомосексуалност и садизам-мазохизам.

Денес мислам дека во тоа е тајната на неговиот книжевен успех, бидејќи во последните книги, каде што си замислува дека е голем писател и се обидува да создаде неколку филозофски поетски дела, во романите „Ардистан и Џинистан“ и „Мир на земјата“, веќе тоа го нема, а неговата дотогаш верна публика не ги прифаќа; од него очекувале нешто друго.

На врвот на својот успех, Карл Мај ќе тврди дека Олд Шетерхенд и Кар Бен Немзи се „воени имиња“, денес би рекле „псевдоними“ на докторот Карл Мај од Дрезден и почнува да се поистоветува со своите ликови. На крајот дури и отворено тврди дека лично ги доживеал авантурите кои им ги припишува на своите јунаци. За да не го тужат и да не одговара кривично затоа што се претставува како „доктор“ што всушност и не бил, успеал опскурниот „Universitas Germana-Americana“ од Чикаго да го прогласи за почесен доктор.

Разбојници Скипетари

„Погледнете ги Албанезите, Арнаутите, Скипетарите, Мирдите и сите тие народности и нивните поединечни племиња, меѓу кои секој има свој клан со свои сопствени закони, правила и права... Секое село се наоѓа во војна со соседното село. Секое население мора со друго да реши некој проблем поврзан со кражба, разбојништво или крвна одмазда. Тоа е вечна војна, и се разбира дека на крај ќе победи најголемиот насилник, најлошиот злосторник!“ На друго место читаме: „Скипетарите не ги бива за ништо!“ На трето место е наведено дека во нивната земја постојано мораш да стравуваш дека ќе те нападнат разбојници, за потоа да се дојде до заклучок: „Тоа се најбезобразните и најопасните злосторници, какви само што можат да постојат на светот, вистински Скипетари, храбри до лудило, лукави како рисови, сурови и брутални...“

Ова не го зборува српски националист за Албанците, туку така во својата книга Карл Мај ги опишува Скипетарите, низ чија земја се пробива неговиот херој без маани и страв, Кар Бен Немзи. Мај во останатите книги опишува негативни и грозни Индијанци, но и благородни и храбри Апачи и нивниот поглавар Винету. Позитивен „Скипетар“, меѓутоа, не измислил.

Во еден ироничен натпис за еден германски весник, своевремено му препорачав на нивното воено раководство да им става во ранците на сите војници, кои се пратени во мировна мисија во Македонија и на Косово, книги на Карл Мај за Балканот, за да знаат да се однесуваат и да му парираат на својот „земјак“ Кар Бен Немзи.

Ги проверив на карти и сите места низ кои јава Кар Бен Немзи со својот верен слуга Халеф. Не е комплицирано. Го наоѓаме Дојранското езеро, се споменуваат реката Струмица, Брегалница, Крива Река, Треска и Вардар. Денешното Скопје на некои места се споменува како Skopia, понекогаш под неговото турско име Üsküb. Мај не знае дека тоа е истиот град, но во овој контекст тоа не е ни важно. Во секој случај, го следиме неговиот пат од Грција преку источна Македонија, па на северозапад до Призрен. Според писателот, сите предели се населени претежно со неговите Скипетари, значи Албанци.

За Македонија и Македонците, Карл Мај не знае ништо, најверојатно не ни чул за нив. Во времето во кое тој живее и пишува, сите овие предели се дел од Турција, или подобро речено, од Отоманската империја, која е цврст и незаобиколен политички, а според тоа и географски фактор.

Кога на тој терен се пишува за „ортодоксни католици“, Мај многу греши и покажува голема површност, За православната црква не знае ама баш ништо. За него, како полуобразован Германец, христијанството се дели на католичко и протестантско, па дури и со тоа одвреме-навреме има проблем. Да ја разлистувал малку посериозно својата единствена „стручна“ лектира, својата енциклопедија, би наишол на поимот „грчко-ортодоксна“ вера, како што тогаш најчесто се нарекувало целокупното православие.

Во два од своите романи, чие дејство се одвива на Балканот, Карл Мај неколку пати споменува ликови со бугарска, а понекогаш и српска народност. Нивните имиња понекогаш се логични, „вистински“, но понекогаш се измислени и незамисливи.

(...)

Карл Мај како Кар Бен Немзи

Садо- мазо Балканци

Уште на училиште во Кралството Југославија ми е всадено дека Македонија е цивилизирана земја, иако за неа учев како за „Вардарска бановина“, но и дека Албанија е нешто страшно, диво и егзотично. Значи, јас и Скипетарите на Карл Мај ги замислував во некаква дивина. Во книгите на Карл Мај за Балканот се редат авантура по авантура, се јава, се јава, се јава... Кар Бен Немзи сите свои нови познајници успешно ги убедува дека христијанството е подобро од исламот, но има и описи на мачења и сечења, а истите се прикажани исцрпно и сликовито што нема сомнеж дека тука станува збор за изразито садистички сцени кои, секако, би биле забранети за младината. Германскиот писател и есеист Арно Шмит, освен во односот на Олд Шетерхенд и Винету, хомосексуалните сцени ги препознава дури и во описите на природата – на пример, во мошне честиот опис на клисури меѓу полукружни брегови во кои се влива пенлива река. Може да се рече дека Шмит во приказните на Мај за Скипетарите поретко препознава хомосексуалност, отколку кога пишува за Индијанците.

Не се сетив, всушност, не ни имав идеја дека Карл Мај пишувајќи за Балканот, мисли на Македонија, кога пределот меѓу Битола и планината Пелистер го запознавав не само пешки, туку и ползејќи токму како див Индијанец или Скипетар: Тоа го правевме во училиштето за резервни пешадиски офицери на Југословенската народна армија, во која служев во 1954 година, и го викавме „движење на терен“. За историските релации да бидат целосни, треба да додадеме дека во текот на својата посета на античка Грција, римскиот император Нерон пеел и во амфитеатарот во денешна Битола, а некои 1800 и повеќе години потоа Кемал-паша, подоцна познатиот обновувач на Турција како Кемал Ататурк, бил командант на истата касарна во која и јас „служев“.

Кој тоа таму коле

Сакам само да кажам дека ја познавам таа земја. Или мислев дека ја познавав. Непријателството меѓу Србите, Македонците и Албанците тогаш не го забележував. Дали е можно воопшто да не постоеше? Кога повторно после години како млад новинар правев интервју за охридските резби, еден албански мајстор ме испитуваше за Унгарците. Имал некои роднини во Суботица и планирал да ги посети, но се плашел од тоа патување на север бидејќи слушнал дека Унгарците се дивјаци кои за ситни пари може да заколат човек. Се обидов да му објаснам дека тоа се само муабети, дека и јас сум од тие краеви, а баш напротив дека кај нас Албанците важат, учтиво реков „за нескротливи и со врела крв“. Стариот мајстор беше изненаден: „Зарем ние? Па, ние сме најмирниот народ на светот! Не, не, јас сум слушнал... Унгарците се крвожедни...“ И тогаш за првпат сфатив, „дивјаци“ се оние кои недоволно ги познаваме.

Какви ли се Ирачаните? Иранците? А Авганистанците? Курдите? Таму ситуацијата никако не се смирува. Во животов имам запознаено само еден Авганистанец. Мојата жена, токму на првиот ден на католички Божиќ, 25 декември 1992 година, во Виена падна и си ја скрши раката. Мисирката веќе беше во рерната. Морав да ја однесам во болница, да ѝ ја оперираат скршената рака. Доцна вечерта, можев да ја посетам. Ме изненади тоа што дежурниот лекар, иако перфектно зборуваше англиски со виенски акцент, изгледаше малку азијатски. Морав да прашам: „Извинете, господине докторе, од каде сте вие?“ Тој, врз основа на податоците, од историјата на болеста, знаеше кои сме и по малку патетично одговори: „Јас сум исто така од една несреќна земја како и вие Србите. Знаете, јас сум од Авганистан!“ Ми раскажа дека неговиот татко бил дипломат во комунистичкиот авганистански режим, дека тогаш студирал и останал во Виена, и дека било логично како муслиман по вероисповед да дежура на голем христијански празник.

Една од жртвите од нападите на терористите на облакодерите во Њујорк, шеф на мијачите на прозорци со малечка канцеларија на 110 кат, на која бил многу горд, бил Албанец, за волја на вистината, ниту од Албанија ниту од Косово туку од Улцињ во Црна Гора. Католичката светица од дваесеттиот век, Мајка Тереза, исто така била Албанка, но од Македонија. Се сомневам дека светицата и перачот на прозорци можеле да знаат дека писателот со најголем тираж на светот, Карл Мај, нивниот народ го опишувал како дивјачки Скипетари.

Ќе си играат ли некои деца во Приштина или Белград Срби и Шиптари наместо каубојци и Индијанци, како што децата во бивша Југославија си играа партизани и Германци? Се надевам дека нема! Не знам зошто, но мислам дека тоа не би било нормално.

(Од необјавената збирка есеи „Норма и нормално“.)

Извор: vreme.com

Слични содржини

Балкан / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Балкан / Книжевност / Култура / Историја
Општество / Книжевност / Став
Книжевност / Стрип / Култура

ОкоБоли главаВицФото