Ангела Меркел: владеењето на Хитлер - постојано предупредување за Германците

01.02.2013 10:26
Ангела Меркел: владеењето на Хитлер - постојано предупредување за Германците

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека доаѓањето на Адолф Хитлер на власт пред 80 години претставува „постојано предупредување“ за Германците и потсети дека демократијата и слободата не доаѓаат сами од себе. „Ова треба да биде постојано предупредување за нас Германците“, рече Меркел на отворањето на изложбата во Берлин посветена на доаѓањето на Хитлер на власт на 30 јануари 1933.

„На динамичното општество му се потребни луѓе кои се почитуваат едни со други, кои преземаат одговорност за себе и другите, општество во кое луѓето донесуваат храбри одлуки и се спремни да прифатат критика“, додаде Меркел. Таа повтори дека Германија е вечно одговорна за нацистичките злосторства.

Канцеларката, која ја отвори изложбата на местото на некогашното седиште на Гестапо, потесети дека на Хитлер му биле потребни шест месеци „да ја поништи секоја различност“ во германското општество. Таа нагласи дека голем дел од германското општество го поддржал или барем го толерирал режимот на Хитлер.

„Подемот на националсоцијализмот беше можен затоа што елитата и голем дел од општеството учествуваа во тоа или барем го толерираа“, изјави Меркел. Таа потсети дека студентите и професорите во 1933 во Берлин учествувале во нацистичкото спалување на книгите на еврејските и марксистичките писатели, вклучувајќи ги делата на Карл Маркс, Сигмунд Фројд и Томас Ман.

По повод одбележувањето на доаѓањето на Хитлер на власт, германскиот парламент одржа специјална седница посветена на жртвите од нацистичкиот режим. Изложбата „Берлин 1933, на пат кон диктатурата“ преку фотографии, насловни страници од весници и плакати ги прикажува првите месеци од владеењето на Хитлер. Фотографиите го прикажуваат пожарот во германскиот парламент, Рајхстагот, на 27 февруари и првите мерки против Евреите на 1 април, почетокот на бојкотот на еврејските дуќани, лекари и адвокати. „Германци, бранете се! Не купувајте еврејско!“, пишува на еден од плакатите.

За директорот на документациониот центар на отворено „Топографија на теророт“, Андреас Нахман, изложбата ја претставува „дневната ерозија на демократските институции“ во првите месеци на нацистичката катастрофа, која ќе ја разори Европа и ќе однесе помеѓу 40 и 60 милиони животи, меѓу кои и шест милиони Евреи.

Извор: Danas

ОкоБоли главаВицФото