За договорот со ѓаволот

18.02.2013 12:40
За договорот со ѓаволот

Ако го сакаш „Американскиот сон“ , не оди до Америка, остани во Македонија и стани член на владејачката партија, ми рече еден мој соговорник, адвокат во години. Додека има сонувачи на „Американски соништа“ – ќе опстојува оваа власт, рече. Која секретарка не би сакала да стане министер? Кој актер не би сакал преку ноќ да стане ѕвезда? Која собарка не би сакала експресно да стане доктор на науки? Кој не би сакал од уличар да стане функционер? Кој мафијаш не сонува за трошење народни пари за лични интереси? Сè што треба да направи е само да потпише едно парче хартија – да направи договор со ѓаволот!

Постои еден македонски филм, „Светло сиво“, за изгубените судбини во транзицијата, кој зборуваше не само за продавањето на душата на ѓаволот туку и како ѓаволот да се надмудри - не за да се спаси душата - туку за да се стане „поголем“ ѓавол од ѓаволот! Одамна беше направен, кога Мирко и Славко, сè уште беа наши херои. Тој филм беше работен без надомест, со многу ентузијазам и верба во новиот уметничко-револуционерен бран. Тогаш младите режисери - студенти, автори на филмот, храбро го јавнаа тој бран, небаре искусни сурфери. Наши талентирани актери без страв скокнаа заедно со режисерите во непознати и длабоки води навестувајќи го македонскиот „Палп Фикшн“. Наивноста, љубовта, осаменоста на изгубените души во транзицијата, беа составен дел од приказните. Проектот беше поддржан од тогашното министерство за култура. Нашата верба во тој проект, и како актери и како вработени на Факултетот за Драмски Уметности (ФДУ), не остави нималку сомнеж кај надлежните дека ќе го претвориме во филм за пример. Во тоа време сè уште имавме впечаток дека внатрешниот порив на уметниците ги движи општествените промени; дека уметноста отвора нови и непознати предели за нас, изгубените граѓани што пливаат во водите на едно ново уредување. Уметноста тогаш ни покажуваше дека не сме осамени и заборавени, дека тоа што го мислиме и чувствуваме е дел од нашата стварност и дека уметноста е тука да не утеши и да ни даде визија за понатаму. Уметноста им даваше облик на нашите недостатоци и нè засмејуваше и нè растажуваше до солзи. Во исто време уметноста ја прифаќавме и како критичар за времето во кое таа се создаваше и таа го имаше почесното место кое никој не се осмелуваше да ѝ го одземе. Уметноста еволуираше со секоја општествена промена и често беше или чекор пред неа или чекор зад неа. Слободата пак на уметникот-творец, беше неприкосновена - колку послободен толку повозвишен, зашто уметноста не познава ограничувања и таа не смее да подлежи на цензура. „Светло сиво“ е пример за слободата на филмскиот уметнички израз кој, за жал, до ден денес остана осамен, а најболно од сè – без свој следбеник. Не во смисла на добар или лош филм, туку во смисла на уметничка храброст во разоткривањето на човечката душа. Не дека со него ја добивме формулата за подобар живот, но како уметници, добивме можност и бевме спремни да ја постелиме сопствената душа на увид на јавноста, без цена и калкулација. За што уметноста впрочем и постои.

Продавањето на душата на ѓаволот е честа тема во многу уметнички дела. Борбата или да се сочува сопственото јас, по цена на осуда и тешка сиромаштија, или да се падне пред ѓаволот и да се влезе во стадото на гревот? Во филмот на младите студенти, „Светло Сиво“, оваа дилема беше проследена со порака и за причините и за последиците од договорот со ѓаволот. Тогаш уметниците-студенти ја почувствуваа новата шарена и богата трпеза на транзицијата и ја посочија како најголема опасност за човекот. Наивноста на „Светло сиво“ беше неговата доблест. Tалентите, тукушто испилени од Факултетот за драмски уметности покажаа дека уметникот мора да биде бескомпромисен во сите општествени превирања и да го следи чукањето на општественото срце како лекарот - срцето на пациентот. Mојата сегашна професија како наставник ме обврзува да укажувам на кој начин уметникот-творец треба и мора да се сочува себе си. Зашто ако се изневери себе си, не е веќе уметник, туку слуга на ѓаволот. Не сум ни помислувала дека моите денешни лекции ќе извираат многу повеќе од моето животно искуство, одошто од моето професионално. Се чувствувам како да сум окупирана од непријател што нè сардисал, не со пушки, туку со „Американски сон“. Непријател што ги подлажува и купува младите сонувачи на големи успеси, на пари, на идеали, на насловни страници – со шарени огледалца. Огледалца за еден лажен сон, уште пред да ја доучат азбуката на уметноста и животот. Но азбуки не се потребни во овој „Американски сон“. Во него се може преку ноќ и преку трупа, газ прекуглава!

Смртоносен е фактот дека дури и големи таленти, непријатели на ѓаволот и потписници на висока уметност, се веднат да ја бакнат неговата рака. Порано тие се броеја на прсти, а денес создаваат нов тренд на раскошен опстанок постигнат со невидена леснотија – инстант „Aмерикански сон“! Веројатно тие отсекогаш и сакале овој грандиозен сон да го остварат токму овде, без потреба од „црнчење“. Легално, со потпис и кротка насмевка, во името на сопствениот успех и партија – учат и се согласуваат преку ноќ да мразат - посилно и поуверливо од сите холивудски ѕвезди заедно! Тоа се моделите на нашата младина што ги надминуваат и своите учители во мразењето. Mладите наци-феудалци се пуштаат меѓу народот како боен отров. Тие мразат идеално, ентузијастички и без трошка сомнеж, зашто омразата во нив е всадувана со многу љубов, омразата како надомест за сопственото анонимно, безимено и ништожно минато. Да се мрази уметноста, образованието, традицијата и чистотата по која некогаш бевме препознатливи, е исто како да си ја мразиш сопствената мајка! Да бидеш „хејтер“ (збор со широка употреба кај младите) е денес –„ин“. Тоа чувство само по себе никне во прегратките на младата македонската диктатура и убива сè што мириса на љубов и спомен, на наша историја и традиција. И во една ваква реалност не можеш, ако си барем малку при разум, да продолжиш да функционираш како ништо да не се случува. За мене е самоубиство да не реагираш, од куртоазија или домашно воспитување, на дивјаштвото на младите недоносени хејтери или да си ја гледаш само својата работа, зашто би можел и неа да ја изгубиш ако се буниш. Чувствувам лична одговорност пред моите студенти за ваквата состојба и нема да дозволам својата креативност и визија да ја базираат врз омраза! Тие се втурнати во вителот на деветтиот круг на Пеколот, без нивна волја. Но има и меѓу новите генерации, уметници што во себе носат достоинствен инает, пркос и самосвест и веднаш го препознаваат лошиот пример во оние што ја продаваат душата на ѓаволот. Тоа што ми дава надеж е дека тие не престануваат да го сонуваат својот сон. Нивниот сон е за сега недопрен и чист. Тие копнеат да ни ја вратат изгубената надеж и да нè казнат зашто им ја одзедовме силата, а им го оставивме чувството за неа, создавајќи една нова генерација на Болни Дојчини. Моја задача е да им укажам дека тргнале по вистинскиот пат и да ги охрабрам да продолжат да сонуваат и никогаш да не се изневерат себе си. Моја задача како педагог и уметник е да ги препознавам цвеќињата меѓу пирејот и да ги негувам. Ова го правев и порано, но не така фатално и без здив како денес, оти сметав дека таков и треба да бидеш, ако си решил да правиш уметност.

Во оваа земја на пиреј, ниеден експерт за остварување на „Aмерикански соништа“ не сака и нема да го препознае цвеќето. Леглото на мрзеливи секретарки, полуписмени политичари, фалшиви уметници, легализирани мафиози, станува претесно. Потребни се само рецепти за одгледување на новонакотените хејтери. Власта продолжува да остварува „Aмерикански соништа“, со народни пари, трудејќи се од петни жили да создаде поголем Лас Вегас- од Лас Вегас . Да се спротивставиш на ова лудило денес веќе не е голем предизвик. Но голем е предизвикот да се спротивставиш на лудилото - со знаење и љубов, со ум, доблест и визија за ново, подобро и поправедно општество. Овој предизвик е поголем за уметникот од оној како да му одолее на ѓаволот! Но најголем предизвик, за сиромашните, напатените, понижуваните, невино осудуваните и до смрт преплашени луѓе на ова наше кревко општетство ќе биде да покажат со прст, смело, без двоумење и страв кон голотијата на нашиот ѓавол и да го скинат засекогаш парчето хартија за договор со него. Зашто инаку, сите ќе нè однесе ѓаволот!

Слики: The Royal Art Lodge

ОкоБоли главаВицФото