Независна комисија ќе гледа на испиеното кафе на Заев и Груевски

06.06.2013 13:03
Независна комисија ќе гледа на испиеното кафе на Заев и Груевски

Скопје, 6 јуни 2013

Владејачката ДПМНЕ и најголемата опозициска партија СДСМ се договориле да се состави комисија од независни експерти која треба да гледа во шолјите од кафето кое денес го испија премиерот и новиот лидер на опозицијата, дознаваат Пара вести.

Ваквата одлука уследила откако Зоран Заев и Никола Груевски никако не можеле да се договорат околу значењата исцртани во талогот, кои треба да ја одредат иднината на македонската држава.

Според информациите до кои дојде нашата редакција, премиерот гледал светла иднина за државата на чие чело ќе биде лично тој уште 70 години, додека новиот опозициски лидер во шолјата на премиерот ја видел буквата П која според него значи пропаст.

Дополнителна пречка за договор бил и бројот на желби, затоа што премиерот инсистирал тој да стисне дури пет, додека лидерот на СДСМ само една желба.

Комисијата која ќе заседава и ќе ги воедначи ставовите околу значењето на знаците во кафето ќе биде составена од домашни експерти, но на стискањето на желбите ќе присуствуваат високи странски дипломати.

Во меѓувреме, шолјите од кафе се чуваат под силно полициско обезбедување на локација која од разбирливи причини не смееме да ја откриеме.