Божиќна приказна

25.12.2013 14:12
Божиќна приказна

Денес по риечкото Корзо се влечеа неколку колони, стражарите будно внимаваа оние кои чекаат порција риби да не се степаат меѓу себе. Не се ни туркаа, не се ни тепаа, не ни викаа едни на други. Чекореа полека и пристојно пред оние кои ќе им доделат ручек во пластична чинија.

Не застанав во редот зашто не сум сиромашна. Денес. Сите тие сиромашни ме потсетија на мојата покојна мајка која никогаш во животот немаше пари, но тоа исто така не ѝ беше проблем. Не сакаше фустани, чевли, чанти, голема куќа, пет капути. Што сакаше мајка ми? Мир во душата, тоа ѝ требаше.

Мир во душата? Како таа душа може да биде мирна ако немаш за струја, храна, облека, лекови? Само оние на кои им треба малку можат да бидат мирни? Денес сакав да купам чевли на попуст, црвен фустан и три холандски лилјани. Не купив ништо и почувствував немир. Што ми треба мене за среќа? Што ја прави мирна мојата душа? Како би се чувствувала ако денес бев една од тие што чекаат во редот? Несреќно, бидејќи би молела да ме нахранат оние кои ме ограбиле? Среќно, зашто конечно ќе добијам ручек без голема борба?

Не барам многу од животот. Не ми треба ни вила, ни брод, ни скијање на глечер... Ми треба здравјето на моите деца и внуки, ми треба сознанието - бидејќи имам малку пари - дека ни со многу пари не се решаваат сите проблеми. Еден од најмоќните Хрвати во моментов ја обиколува Земјината топка во лов на здравје. Тешко дека ќе го улови. Се надевам дека нема да го улови. Многу сакам да не го улови.

Влечкањето од доктор до доктор сигурно страшно го фрустрира. Имаш дворци, милијарди, авиони и хеликоптери, а смртта те зграпчила за врат. Смислата на животот ти е ловот по пари, а потоа се соочуваш со фактот дека си смртен подеднакво колку и сите риечани кои денес се тресеа од страв дека можеби нема да дојдат до својата порција риби. Колку им е тешко на луѓето на кои никој не им рекол дека умираат и на оние кои имаат приватен авион. Мајка ми знаеше дека е смртна. Зашто немаше авион?

Што го усреќува човекот денес? Милијардите? А смртта ти се заканува? Или порцијата риби? Ме радува дека еден од најбогатите Хрвати деновиве не спие мирно. Злобна сум? Треба да се жалат болните. И оние кои завиле во црно илјадници луѓе? За што размислува ноќва господинот?

Дали се исплатеа сите оние грабежи, сите зла кои му ги направи на народот? Арогантен е, суров и бесчувствителен. Можеби мисли дека не е, дека само има повеќе смисла за бизнис отколку ние другите? Бизнис? Каква улога игра борбата за уште повеќе пари во главата на човекот кому смртта се смее в лице?

Можеби богаташот, кога смртта му тропа на врата, им завидува на сиромашните кои здрави покорно одат кон јавните кујни? Не знам. Да не ја видев колонана на Корзо, да не видев толку многу сиромашни на едно место, ни богатиот злосторник немаше да ми падне на памет.

Тој го лови здравјето кое нема да го улови, ние ги ловиме пластичните шишиња кои утре сигурно ќе ги боцнеме, празнични денови се. Што е среќа? Што е несреќа?

Извор: rudan.info
Слики: Франческо Бонџорни

ОкоБоли главаВицФото