За едни безопасна традиција, за други опасен расизам: црниот слуга на Свети Никола

30.12.2014 14:30
За едни безопасна традиција, за други опасен расизам: црниот слуга на Свети Никола

Црн Петар преживеа уште една празнична сезона. Zwarte Piet, како што го нарекуват во Холандија, е дел од тамошната празнична традиција. Тој доаѓа во пар со Свети Никола и е негов покорен слуга кој ги развеселува децата и им ги дели традиционалните слатки.

Причината поради која можеби повеќе не треба да биде дел од празничната прослава е тоа што тој црн младич кој го следи белиот светец е прикажан како глупав, потчинет, а понекогаш и опасен. Неговата црна кожа, црвените усни, густата виткана коса и карактерните особини кои му се припишуваат јасно се доведуваат во врска со расните стереотипи. Тоа значи дека можеме да го гледаме ликот на Црн Петар како расистички „производ“.

И додека голем број деца уживаат во неговата забава, додека речиси 90% од Холанѓаните го сметаат за безопасна традиција, некои се прашуваат како тој влијае на идентитетот на младите црномурести Холанѓани. Квинси Гарио, уметник и активист кој се залага за укинување на Црн Петар, тоа го коментира вака: „Кога луѓето ќе ми кажат дека Црн Петар е безопасен и дека децата го сакаат, ги прашувам: кои деца? Зашто тоа сигурно не се децата кои по училиште трчааат дома и се обидуваат да ја истругаат кожата од своите тела бидејќи на училиште уште еднаш ги исмејувале дека се валкан Црн Петар.“

Расправите за тоа дали Црн Петар е безопасна традиција или опасен заостанат елемент од колонијалните времиња траат со години. За Црн Петар расправал и уставниот суд, а истражување за овој лик спроведуваат и Обединетите анации. Но, конечната одлука сè уште не е донесена. Така Црн Петар ја преживеа и оваа празнична сезона, а со него и културната пракса која има свои корени од времето кога Холандија била важен актер во трговијата со робови, пракса која озаконетата расна нееднаквост од едно време денес ја репродуцира на културно ниво.

Ова е интересна приказна за еден лик од културната традиција која сè уште живее и ни покажува дека таа не мора да биде толку безопасна како што изгледа на прв поглед. Можеби ќе нè натера да размислиме кои класни, расни, родови и други општествени асиметрии евентуално се кријат зад традиционалните празнични обичаи кои ги практикуваме деновиве.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото