Страдалништвото на еден петел

08.01.2015 10:11
Страдалништвото на еден петел

Страдалништвото на еден петел

Кога вечерта на Божиќ, 1944 година, слушнавме тропање на вратата, јас и мајка ми замрзнавме од страв. Имав осумнаесет години и само среќата и вештината на мојот татко ме спасија од војување. Имено, веќе одредено време со мајка ми престојував во осамена куќичка во шумата Хиртген, во близина на белгиско-германската граница. Пред војната, татко ми ја користеше куќичката во деновите од викендите кога одеше на лов. Затоа што сојузничките бомбардери го разорија нашиот град Ахен, татко ми нè пресели мене и мајка ми во шумската куќичка. Тој беше регрутиран во цивилната противпожарна заштита во пограничниот град Моншау, оддалечен шест километри.

- Ќе бидете сигурни во шумата – ми рече кога се разделивме. – Грижи се за мајка ти. Сега, ти си единствената машка глава во семејството.

Девет дена пред Божиќ, 69-годишниот фелдмаршал Герд фон Рундштет, командант на Западниот фронт, тргна во последната, очајничка Арденска офанзива. И, тогаш, додека ѝ приоѓав на вратата, насекаде околу нас беснееше борбата. Знаевме по тоа што постојано оденкнуваа артилериски оружја, гранатите речиси го допираа дрвениот покрив на куќичката, рефлекторите шараа по небото пробивајќи ја ноќната темнина. Илјадници сојузнички и германски војници се бореа и умираа во наша близина.

Срамежливци со оружје

Кога го слушнавме тропањето, мајка ми брзо ги изгасна свеќите и, токму кога сакав да прашам кој тропа, таа стана пред мене и исплашено ја отвори вратата. Надвор, како темни прикази на полјаната окована со снег, стоеја двајца војници со шлемови. Еден од нив со задишан глас ѝ се обрати на мајка ми со јазик што не го разбиравме, покажувајќи со раката кон третиот, кој чудно искривен клечеше на снегот. Пред мене сфати дека пред вратата има американски војници. Нашите непријатели!

Молчеше некое време додека со раката се потпираше на моето рамо или тоа, можеби, беше обид да го заштити своето дете. Војниците беа вооружени и можеа лесно да влезат, но тие стоеја мирно барајќи дозвола со поглед. Оној што клечеше зад нив на снегот, изгледаше дека е ранет, и тоа нималку безопасно.

- Влезете! – најпосле изусти.

Војниците го внесоа ранетиот и, следејќи го движењето на мајка ми со раката, го ставија на мојата постела. Ниеден од нив не разбираше германски. Мајка ми им се обрати на француски. Еден од нив знаеше доволно за да се разберат. Додека се наведнуваше над ранетиот војник, мајка ми, ми се обрати:

- Прстите на двајцата војници се вкочанети од студеното време. Помогни им да ги соблечат шинелите и чизмите, донеси канта снег и истриј им ги стапалата.

Иако, мајка ми и војникот едвај се разбираа на француски, дознавме дека убавото црнокосо момче се вика Џим, а неговиот другар, кој беше висок и слаб, Робин. Ранетиот војник, Хари, спиеше на мојата постела, неговото лице беше бледо како снегот околу куќата. Се изгубиле и три дена лутале во шумата барајќи ги Американците и криејќи се од Германците. Беа неизбричени, но, вака без шинели, едвај изгледаа како пораснати момчиња. Набрзо, мајка ми почна да се однесува со нив како кон срамежливи момчиња.

- Оди, донеси го Херман и шест компири – ми се обрати, додека оние двајца војници ги облекуваа чорапите.

Се зачудив, затоа што тоа беше во потполна спротивност со нашиот план за Божиќ. Херман беше крупен петел – така го викавме затоа што наликуваше на дебелиот Херман Геринг, избраниот наследник на Хитлер, за кого, на мајка ми, не ѝ беше грижа – кого со недели добро го хранеше, надевајќи се дека татко ми ќе успее да дојде барем за Божиќ. Но, од пред неколку часови беше очигледно дека тоа нема да се случи и мајка ми веќе одлучи на Херман да му подариме уште некој ден живот, во случај татко ми сепак да успее да ни се придружи за некој ден, до Нова година. Сега, повторно ја промени одлуката: ќе го заколеме Херман за вечерата на Божиќ.

Насмевката на еден страв

Додека Џим и јас ѝ помагавме на мајка ми околу вечерата, Робин се грижеше за Хари. Ранетиот добил куршум и речиси искрварил до смрт. Веднаш откако се сместија, мајка ми искина еден чаршав на долги ленти и му ја преврза раната.

Наскоро, мисирот на печениот петел ја исполни собата со својот речиси нереален мирис, како војната и сите дотогашни крвави години да беа на некоја друга планета.

Веќе седев на масата кога повторно се слушна тропање. Очекувајќи повторно да видам некои нови Американци, без размислување ја отворив вратата. Не ми остануваше ништо друго. Меѓутоа, пред вратата стоеја четири војници во униформи кои ми беа повеќе од добро познати. Во униформи на германскиот Вермахт.

Се стаписав од страв. Знаев за наредбата дека криењето и помагањето непријателски војници се смета за велепредавство и мора најстрого да се казни. Можат веднаш да нè стрелаат на самото место. И мајка ми беше премногу исплашена. Лицето ѝ беше бледо, но, сепак, излезе пред вратата и мирно рече: - Честит Божиќ! И војниците ѝ посакаа среќа.

- Ја изгубивме својата единица и ќе можеме да ја побараме дури кога ќе се раздени – објасни капларот. – Дали можеме да се загрееме и да се одмориме кај вас?
- Секако! – тивко и исплашено одговори мајка ми. – И, можете да добиете добра вечера.

Германците се насмеаја, чувствувајќи го мирисот на она што се печеше, преку полуотворената врата.

- Но – додаде мајка ми – имаме уште тројца гости кои можеби нема да ги сметате за пријатели – гласот ѝ звучеше построго од кога било. – Божиќ е и тука нема да дозволам никакво пукање.
- Кој е внатре? – праша капларот. – Американците?

Мајка ми ги погледна нивните замрзнати лица и тивко изусти:

- Сите вие можете да ми бидете синови, како и оние внатре. Меѓу нив има и еден ранет кој се бори за живот. Се изгубиле, токму како и вие, гладни се и изморени. Оваа ноќ – му се обрати на капларот со повишен тон – е ноќ пред Божиќ, па затоа да го заборавиме убивањето.

Ров на трпезата

Капларот немо набљудуваше со раширени очи. Две или три секунди владееше тишина. А, потоа, мајка ми ја прекина тишината која беше погласна од неодамнешните звуци на артилеријата:

- Доста беше размислување! – остро удри со рацете. – Ве молам да го оставите оружјето на купот со дрва и да побрзате додека останатите не изеле сè што има на масата.

Потполно збунети, војниците го оставија оружјето на наредените дрва покрај влезната врата – три карабини, еден лесен автомат и две базуки. За тоа време, мајка ми, набрзина му објаснуваше нешто на Џим на француски. Потоа, се зачудив кога тој се заврте кон своите и тие без зборови го оставија своето оружје покрај германското.

Кога Германците и Американците во нашата мала соба речиси се допираа со рамениците, мајка ми се претвори во вистинска љубезна домаќинка што им се радува на гостите. Не престанувајќи да се насмевнува, се трудеше сите да се сместат на масата. Ние имавме само три столици, но, креветот на мајка ми беше долг и таа, покрај Џим и Робин, смести и двајца од новодојдените Германци.

И покрај напнатоста која владееше во просторијата, мајка ми веднаш ја доврши вечерата. Иако, сериозно крупниот петел не беше доволен за девет гладни усти.

- Брзо – ми шепна – донеси уште компири и овес за кашата. Овие момчиња се гладни, а гладниот човек лесно може да се налути.

Додека во оставата земав уште намирници, го слушнав Хари како офка. Кога се вратив во собата, еден од Германците, ставајќи очила, ја прегледуваше неговата рана.

- Вие сте од санитетската единица? – праша мајка ми.
- Не, но студирав медицина до пред неколку месеци во Хајделберг.
Благодарение на студеното време – се трудеше да им објасни на американските војници со добар англиски јазик – неговата рана не е загадена. Тој е во тешка состојба и изгубил многу крв. Потребен му е само одмор и храна – рече, завртувајќи се кон мајка ми.

Низ реката, па во шумата

Напнатоста постепено попушташе. Дури и мене, иако имав 18 години, сите војници ми изгледаа многу млади. Набрзо дознав дека Хајнц и Вили, двајцата од Келн, имале само 16 години и дека биле мобилизирани кога Хитлер, во последниот обид да го спаси она што не можеше да се спаси, им давал оружје в рака дури и на 14 годишни момчиња. Германскиот каплар, кој имаше 23 години, беше најстариот меѓу нив. Од торбата извлече шише црно вино кое го сочувал којзнае како, а Хајнц во својата најде тврд р’жен леб од којзнае кога. Мајка ми го исече на парчиња, колку да има со месото, а половина од виното одвои за ранетиот. Додека пред почетокот на вечерата мајка ми ја изговараше божиќната молитва, на сите во очите им навираа солзи.

Нашето мало приватно примирје, во близина на жестоките борби на Ардените и околу нив, продолжи сè до утрото.

Хари се разбуди многу рано и јадеше малку супа, која му ја даваше мајка ми со лажица. Беше очигледно дека му е подобро. Мајка ми му направи и пијалок за закрепнување од едно јајце, малку шеќер и вино. Ние, останатите, за појадок добивме овесна каша подготвена само со вода. Откако, колку толку ја задоволивме гладта, од две мотики и најдобиот чаршав на мајка ми, направивме носилка за Хари.

Потоа, германскиот каплар ги упати Американците да тргнат онаму каде што е најдобро, за да ги пронајдат своите:

- Продолжете по должина на оваа рекичка... вашата прва армија таму врши прегрупирање.

Студентот по медицина ги преведе неговите зборови на англиски.

- А, зошто да не тргнеме кон Моншау? – праша Џим.
- Никако! Ние го зазедовме Моншау. Сега повторно е во наши раце.

Потоа, мајка ми им го врати оружјето на сите.

Германските и американските војници се ракуваа, а ние, стоејќи на прагот, гледавме како заминуваат секој на своја страна и исчезнуваат во шумата. Никогаш повеќе не ги видов и не слушнав ништо за нив. Се надевам дека здрави им се вратиле на своите семејства и дека и тие им раскажувале за тоа како заедно го прославиле Божиќ во 1944 година.

Арденската битка официјално беше завршена на 15 јануари 1945 година, месец дена по крвавите борби, со огромни загуби и на сојузничката и на германската страна.

Извор: Политикин забавник

ОкоБоли главаВицФото