Солзавецот не е толку страшен

08.02.2014 04:52
Солзавецот не е толку страшен

Сѐ започна ден порано пред владата на Тузланскиот кантон, каде се собраа работниците од четирите поранешни гиганти и по којзнае кој пат бараа од власта помош во врска со приватизацијата на нивните фирми, платите, здравственото осигурување, стажот и друго. Имав можност да ги гледам работниците на истото место речиси секоја недела, некогаш во помали групи, некогаш во поголем број, а некогаш дури и во шатори.

Осамна шести

Политичарите со години ги игнорираа нивните молби и, како што тоа и инаку го прават, ја префрлаа топката на другите нивоа на власта и правосудството. Меѓутоа, тој ден на работнциите им се придружија граѓаните на Тузла, меѓу кои имаше многу млади.

Сила која може да донесе промени!

Откако премиерот Чаушевиќ и неговите колеги по којзнае кој пат ги одбија и откако пропадна нивниот влез во зградата на Кантонот, ситуацијата ескалираше и дојде до брутално насилство на тузланските специјалци над граѓаните. Епилогот првиот ден беше многу скршени прозорци и запалени контејнери, и апсење на водачот на синдикатот на работниците Алдин Ширановиќ, еден од основачите на неформалната група граѓани на социјалната мрежа Фејсбук.

А потоа осамна шести февруари.

Граѓаните на Тузла, изреволтирани од бруталното насилство на полицијата, уште поодлучни дојдоа пред зградата на владата, барајќи оставка од премиерот и министрите, но и пуштање на слобода на уапсениот Ширановиќ, за кој порталите пренесоа дека е брутално претепан во притвор. Граѓаните пред зградата на владата почнаа да пристигнуваат напладне и на прв поглед беше јасно дека ќе нѐ има уште повеќе.

На паркингот пред и зад зградата на владата немаше возила, а зградата, како што подоцна ќе се испостави, беше празна.

Политичарите одлучија овој пат да не ја работат својата работа од дома. Набрзо насобраните граѓани почнаа да извикуваат пароли за поддршка на уапсените и навреди упатени кон премиерот и полицијата.

Откако сфатија дека никој нема да им се обрати и да ги исполни нивните барања, повторно почнаа да летаат камења. Паѓаше стакло од прозорците, а полицијата со своите штитови мирно стоеше чувајќи го влезот од зградата на владата.

По бројните реакции на граѓаните и медиумите на нивното насилство од претходниот ден, многумина очекуваа дека полицијата денес ќе биде потолерантна и ќе има повеќе трпение со граѓаните. Меѓутоа, набрзо од нив стигна демант во облик на солзавец. Уследи жесток налет на демонстрантите, па специјалците беа приморани да се повлечат во и зад зградата. Набрзо потоа ги испукаа првите солзавци. Меѓутоа, демонстрантите брзо се снајдоа и првите испукани солзавци беа вратени на страната која ги испука, така што на сериозните полициски лица можевме да видиме и по некоја машка солза.

Улични борби

Настана голема збрка и хаос, бегање и бркање со специјалните единици меѓу зградите и по споредните улици. Полициските сили веруваа дека насобраните ќе се распрснат како и претходниот ден, но демонстрантите брзо се прегрупираа и повторно се вратија на раскрсницата пред зградата на владата на Тузланскиот кантон.

Меѓу демонстрантите имаше и многу полицајци во цивилка, меѓу народот познати како кучиња, кои при повторното собирање фрлаа солзавец меѓу насобраните. Повторно можевме да видиме прекумерна употреба на сила. Повеќе специјалци тепаа еден младич кој лежеше на земја.

Ниту после повеќечасовните улични борби полицијата не успеа до крај да ги разбие демонстрантите, така што, додека го привршувам овој текст, околу зградата на владата и понатаму се наоѓаат групи кои чекаат нивните барања да бидат исполнети.

Порака до политичарите

Мислам дека сѐ уште е рано да се зборува што постигнаа граѓаните на Тузла и БиХ со овие протести, со оглед на тоа дека тие сѐ уште траат и дека повторно се закажани собири.

Но, со сигурност можам да кажам дека ова е важна порака до нашите политичари дека граѓаните од мојот град повеќе нема да ја толерираат нивната неработа и дека повеќе нема да наседнуваат на спиновите и префрлањето на топката. Во последните неколку години се случија толку прекомпозиции на власта, што ни професионалните политички аналитичари не можат со сигурност да кажат кој е денес власт, а кој опозиција. Само ќе додадам дека нас, обичните граѓани, тоа повеќе и не нѐ интересира. Сите тие седат во владата заедно, така што во нашите очи сите се одговорни!

На крајот, само знам дека сум горд на мојот град, моите сограѓани и соседи, кои повторно докажаа дека се спремни да застанат во одбрана на работниците и човековите права. Деновиве е баш убаво да се биде Тузланец. А на останатите граѓани на Босна и Херцеговина им порачувам: Get up stand up, stand up for your right!

Солзавецот не е толку страшен...

Извор: balkans.aljazeera.net

ОкоБоли главаВицФото