1010 hPa
43 %

20 °C
Скопје - Нед, 20.04.2025 19:59
Ние, Движењето за социјална правда „Ленка“, Левичарското движење „Солидарност“ и други левичарски иницијативи, ги поддржуваме случувањата во Босна како и пошироко на Балканот, во сите нивни акции и барања како и во начинот на којшто го изразуваат незадоволството.
Ги осудуваме сите медиуми кои сакаат да фрлат црна дамка на овие пролетни цутови во социјалното будење на обесправените работни и безимотни маси. И апелираме до обичните граѓани да ги игнорираат истите.
Солидаризирајќи се со нашите другари, ја повикуваме работничката класа и безимотните маси од нашата држава да го следат примерот на нивните другари од Босна како и од регионот и да излезат на улиците да им стават крај на овие неправди.
Ако се чувствуваш обесправен! Ако се чувствуваш искористен, излажан, експлоатиран, изманипулиран, ограбен, изрази го својот револт!
ЛД Солидарност и ДСП Ленка, во име на оваа обесправена класа го отфрламе лажниот социјален дијалог и повикуваме на социјална борба. Ја отфрламе егоистичката индивидуалност и себичноста и залагајќи се за заедништво и солидарност, кажуваме не на натпреварот, алчноста и конкурентноста, а да за кооперацијата и самоуправувањето. Застануваме против приватната сопственост залагајќи се за колективна општествена сопственост на средствата за производство како и фер и еднаква распределба на производите создадени во рамките на овие заеднички општествени капацитети.
Конечно и најважно, повикуваме на надминување на етничките разлики и поделби и изградба на класна свест наспроти доминантната национална која мора да ја отфрлиме. Примерот на Босна и Херцеговина докажува дека етничката и националистичка омраза мора да се надминат за да се оствари социјална правда и хумано општество!
БОРБАТА Е ТВОЈА, ПРИКЛУЧИ СЕ!!!
Извор: solidarnostblog.wordpress.com