Меѓународен ден на сеќавање на жртвите на ропство

25.03.2014 11:16
Меѓународен ден на сеќавање на жртвите на ропство

Според одлука на ОН од 2008 година, 25 март во светот се одбележува како Меѓународен ден на сеќавање на жртвите на ропство и прекуокеанското пренесување на робовите. На овој датум, организациите и поединците ширум светот им оддаваат почит на милионите Африканци кои со сила ја напуштиле својата земја и биле одведени во ропство, но потсетуваат и на современите облици на ропство и робовладетелство.

Ропството со векови било општествено сосема прифатлива работа. Робовите претставувале стока во нечија сопственост и немале право да одлучуваат за својата судбина. Со појавата на колонијализмот ропството се влошува, а во XV и XVI век големите европски корпорации масовно тргуваат со робови, затоа што им е потребна работна сила на плантажите во Америка и Африка. Робовите од Африка секојдневно биле префрлувани со бродови на плантажите, каде што работеле во најсурови услови и многу брзо умирале од болест и исцрпеност.

Робовите обично биле припадници на поробените народи, а економскиот императив, односно сфаќањето дека робовскиот труд е поевтин од наемниот бил клучниот аргумент против настојувањата за укинување на ропството кои понекогаш се јавувале низ историјата од религиски, политички или практични (со намера да се избегнат робовските востанија) причини.

На тие настојувања клучен поттик дала индустриската револуција во западните земји, односно развојот на технологијата кој го направил робовскиот труд неефикасен и скап. Дури од XIX век зајакнуваат аболиционистичките движења кои успеваат законски да го забранат ропството во речиси сите западни држави, а во XX век и во сите денешни држави. Големиот пресврт се случил во 1883 година, кога во Британската империја официјално било забрането ропството, што претставувало сигнал и за останатите земји во светот. ОН во 1948 гоина ја донесуваат Декларацијата за човекови права со која се забранува ропството и трговијата со робови.

За жал, иако официјално е забрането веќе со децении, ропството никогаш не е целосно укинато и искоренето. Се смета дека денес милиони луѓе живеат во ропска положба без слобода на движење. Тоа се главно девојки и жени кои се жртви на трговијата со луѓе и лица кои служат како нечии домашни робови. Во некои земји, како Мавританија, ропството сѐ уште неофицијално постои: околу 20% од населението живеат како робови.

Според податоците на Обединетите нации, 700.000 жени, деца и мажи секоја година стануваат жртви на трговија со луѓе, а заработката остварена од трговија со луѓе се проценува и до 60 милијарди долари годишно.

Извор: www.un.org
Слика: John Lautermilch

ОкоБоли главаВицФото