1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Шокантна е веста дека три жени 30 години живееле како робинки во обична куќа во Лондон. Но не би требало да се изненадуваме: трговијата со луѓе е во подем. Според некои проценки, бројот на робови во современото општество далеку го надминува бројот на одведените од Африка пред четири века.
За древниот свет ропството било факт од секојдневието кој се подрабира, кој е од суштинско значење за економијата и општеството во повеќето рани цивилизации. Првите градови во светот во Месопотамија имале робови. Во Талмудот е забележано дека љубоморните браќа го продале Јосиф како роб.
Ропството се развило на темелите на три идеи: коцнептот на приватна сопственост; сфаќањето дека луѓето, како и припитомените животни, го збогатуваат газдинството; и концептот за заедници кои војуваат меѓу себе, а воените заробеници ги користат како робови. Во првобитните африкански заедници робовите биле симбол на моќта, богатството и статусот. Робови станувале воените заробеници, должниците и криминаците, и почесто се користени за домашни работи отколку за продажба.
Португалците од африканскиот брег во 1444 собрале неколку стотици мажи, жени и деца, ги покрстиле по доаѓањето во Португалија и ги продале на јавна лицитација. До 1460 година годишниот увоз на африкански робови пораснал на илјада.
Уследил грабеж на ресурсите по Новиот свет, а тоа значело скок на побарувачката за работна сила во рудниците за злато и сребро, а подоцна и на плантажите. Ловците на робови се свртеле кон Англија и наскоро улиците на Бристол навечер станале опасни за младите и наивните.
Но, робовите од Африка биле поинакви. Биле вешти занаетчии, умееле да припитомуваат диви животни и биле имуни на европските болести. Шпанските власти во 1518 година потпишале договор со кој еден фламански трговец бил овластен да ги снабдува шпанските колонии со 4.000 робови годишно. Во Бразил Португалците дошле до сличен заклучок дека им се неопходни робови од Африка.
Зататнел моторот на трансатлантската трговија со робови. Тоа била најголемата меѓународна работа на тоа време, во кое работата на африканските робови го одржувала новиот глобален финансиски систем. Овој бизнис ќе го промени светот, како и нашето сфаќање за ропството, кое станало синоним за Африка. Пред почетокот на прекуокеанската трговија, ропството немало расна динамика, но со развојот на индустријата се развивало и неговото оправдание на расната идеологија.
Англија во оваа трговија се вклучила подоцна, но станала најголема поробувачка нација на планетата. Ропството донесувало богатство и моќ и во него било вклучено благородништвото, политичарите и угледните луѓе.
Кампањата за завршување на трговијата со робови била прва кампања за човекови права, која ја поставила рамката за сите идни. Пред 180 години, во 1833, англискиот парламент го усвоил законот кој забранува трговија со робови. На индустријата ѝ е зададен тежок удар, но таа наоѓа начини да закрепне.
Кевин Бејлс, водечкиот истражувач на индексот на глобално ропство кој минатиот месец го објави фондацијата „Оди слободно“, пресмета дека денес цената за еден роб (во просек по 60 евра) е на историски минимум. Бејлс го дефинира современото ропство како целосна контрола на едно лице над друго, со употреба на насилство, а со цел економско искористување. Иако ропството секаде е забрането, Бејлс вели дека денес 29,8 милиони луѓе живеат заробено - преку должничко ропство, ропска работа, принудна работа, како сексуални робови или домашни слуги. Бројот далеку ја надминува проценката од околу 12,5 милиони луѓе кои од Африка се одведени во Северна и Јужна Америка и на Карибите - иако долгорочните последици од вековната прекуокеанска трговија со робови се секако неспоредливо поголеми.
Во глобализираниот свет трговијата со робови нагло порасна. Трговците ја транспортираат својата „стока“ од крајот на светот полесно од кога било. Технолошките промени доведоа до пораст на глобално организираниот криминал, додека крајот на студената војна ја ослабна контролата на границите. Според некои проценки, во 2005 година 190 милиони луѓе ги напуштиле своите земји поради регионални судири и масовна економска миграција. Во такви услови е олеснета трговијата со луѓе. Овој бизнис станува популарен меѓу криминалците: мал влог, минимален ризик, висок профит. А за разлика од дрогата или оружјето, луѓето може да се продаваат повеќе пати.
Меѓународнот ден на борба против ропството е прогласен во 2010 година и свеста за современата трговија со робови несомнено расте. Но, останува допрва да се направи уште многу.
Британскиот премиер често повторува дека борбата против трговијата со робови е еден од приоритетите на неговата влада, која во август најави и посебен закон, кој ќе биде претставен во следниот говор на кралицата. Пратеник од опозицијата води неформални истражувања во подготовката на текстот на законот кој би требало да биде готов до крајот на годината. Изгледа дека нешто конечно се придвижува.
Меѓутоа, новите визни рестрикции кои ги воведе министерката за внатрешни работи ги врзуваат мигрантските работници за работодавците, што дополнително ги изложува на ризици на злоупотреба и ги намалува изгледите за пријавување на постоечките злоупотреби, бидејќи тоа води во сигурна депортација и враќање во бедата.
Здруженијата кои водат кампањи против ропството укажуваат на областа која треба да се унапреди: попристапен систем на државните служби за жртви на трговијата со луѓе: пошироки овластувања на државната агенција за лиценцирање на службата за вработување, која го регулира бизнисот на наемниот труд; поголема поддршка за жртвите и зајакнување на независниот надзор. Над сѐ, на идниот закон му е неопходна сигурна буџетска потпора, за службите надлежни за спроведување на законот да ја работат својата работа. Доколку ова изостане, неодамна формираниот „британски ФБИ“ ќе каска зад криминалот.
Додека трите ослободени жени закрепнуваат, остатокот од општеството треба да го надмине шокантното откритие на ропството во соседството и да тргне во борба за уништување на современото ропство.
Извор: The Guardian