На Гардијан му се заканува згаснување поради Сноуден

28.03.2014 12:45
На Гардијан му се заканува згаснување поради Сноуден

Британската тајна служба се заканила дека ќе го затвори весникот Гардијан поради објавување документи за американската масовна програма за надзор која до весникот ја достави пребегнатиот американски разузнувач Едвард Сноуден.

„Ни се закануваат дека ќе нѐ затворат. Обвинети сме за загрозување на националната безбедност и животите на луѓето. Тоа нѐ става во многу тешка положба“, рече заменикот на главниот уредник на Гардијан Пол Џонсон на конференцијата „Радио-денови на Европа“ во Даблин.

На главниот уредник на весникот му е кажано: „премиерот, заменикот премиер, шефот на дипломатијата и главниот обвинител имаат проблем поради вас“, вели Џонсон.

Британските и американските функционери различно се поставија по објавувањето на документите за шпионирањето, рече Џонсон.

Во САД поради обелоденувањето на документите за надзор дојде до национална дебата за програмата за шпионирање и заштита на приватноста, додека во Велика Британија официјалните лица само дојдоа до претпоставка дека мерките за национална безбедност ја нарушуваат слободата на печатот.

Според Џонсон, објавувањето на материјалите кои Сноуден ги доставил до Гардијан е веројатно најголемиот предизвик во историјата на овој дневен весник.

„Тоа е најтешката приказна која е некогаш подготвена, вклучувајќи го и Викиликс, бидејќи новинарите и уредниците не можат да зборуваат едни со други, можат да го користат само системот на енкрипција“, вели Џонсон.

Поранешниот соработник на НСА и ЦИА минатото лето на весниците Вашингтон Пост и Гардијан им предаде низа тајни материјали за програмите на американските и британските служби за електронско следење, а потоа побегна од САД, каде е обвинет за кршење на законот за тајност на информациите кои се однесуваат на националната одбрана.

Сноуден има привремен азил во Русија до 1 август 2014 година.

Извор: rt.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото