Русија - европски панголин

03.04.2014 11:18
Русија - европски панголин

Сите Руси главно се мошне кавгаџиски луѓе кои меѓусебно се напаѓаат како кучиња, користејќи жестоки, груби зборови... Ништо почесто не им излегува од устата од изразите како што се „курвин син“, „кучкин син“, „кур“, „да ја ебам мајка ти“, кон што уште додаваат „в гроб“, и слични скандалозни зборови. Вака не се однесуваат само возрасните и постарите луѓе туку и малите деца кои уште не знаат ни за Бога, ни за мајка, ни за татко, а веќе зборуваат „еби се“ дури и на своите родители, како што и родителите истото тоа им го зборуваат на своите деца.

Адам Олеариус, 1646 година (наведено во: Ентони Крос, Русија во западните очи, 1971)

 

Деновиве одново се зајакнати политичките и културните расправи за односот помеѓу Русија и Европа. Русија одново, како во последниве пет-шест столетија, во западната имагинација се прикажува како страшниот и заканувачки Друг. Овојпат не навлегувајќи во објективните културно-политички-историски разлики меѓу Европа и Русија, а уште помалку допирајќи ги реалните проблеми и „заостанувања“ на евро-азискиот џин, ќе се задржам на сликата за Русија во западното око. Односот меѓу Европа и Русија има и пошироки глобални импликации, и културни и политички, особено значајни за Балканот, кој е уште едно европско невралгично лиминално подрачје. Се разбира, тука во голема мера е засегната и Република Македонија, акупунктурната точка на Европа.

Мери Даглас во славната антрополошка студија „Чисто и опасно“ ја разгледува таксономската практика на африканскиот народ Леле врз примерот на нивната категоризација на панголинот (понекаде познат и како мравојад со крлушт):

Лелите го опишуваат панголинот така што непогрешиво ги гледаат неговите необични својства. Тие велат: „Во нашите шуми живее животно со тело и опаш на риба, покриени со крлушти. Има четири нозе и се качува по дрва“.

Тие на панголинот гледаат како на животно кое има особини што просто не одат заедно и затоа ги загрозуваат самите начела на класификаторскиот систем на Лелите. А бидејќи таксономијата (класификацијата) е во сржта на светогледот и на идентитетот и на Лелите и на сите други луѓе, станува збор за крајно сериозно прашање. Мери Даглас вели:

Тие никогаш не би рекле: „Ги избегнуваме животните со аномалии зашто тие ги подриваат категориите на нашето поимање на светот, а со тоа во нас будат чувства на несигурност и страв“. Наместо тоа, тие за секое од тие животни што треба да се избегнуваат развиваат сериозни теории за нејзиното природно потекло.

Од тие причини панголинот се замислува како чудовиште, а некои го сметаат и за тотем на култот на плодноста. Како што би рекол Ивер Б. Нојман (норвешки културно-политички теоретичар од чија книга Употребата на Другиот; ’Истокот’ при формирањето на европскиот идентитет ги земам податоците за текстов): Во последниве 500 години би можело да се тврди дека Русија е европскиот панголин.

Опасноста се наоѓа на границите, вели Мери Даглас. Една друга теоретичарка, Ен Нортон (во книгата Размислувања за политичкиот идентитет), укажува дека идентитетите се најтранспарентни кога се нагласено повеќезначни и дека најплодното место за нивно проучување е она на коешто тие се обидуваат да се раздвојат од сопствените „лиминари“ (израз на Нортон). Затоа случајот на Русија, како граничен, е формативен за Европа. Затоа Европа, отсликувајќи ги сопствените граници и форми, во Русија гледа опасност. Русија историски, во која било територијална форма, под кое било име и претставување, е главниот лиминар на Европа. Несигурноста при дефинирањето на Русија во голема мера зборува не само за „нејасниот“ руски идентитет, туку и за нејасниот европски идентитет, идентитетот на оној којшто класификува.

Кога Пол-Анри Сак еднаш го прашале чие дете е Европската економска заедница (EEC), тој одговорил дека таткото е Сталин, бидејќи стравот од Советскиот Сојуз бил главниот поттик да се согледа предноста на здружувањето во однос на самостојното дејствување. Првиот генерален секретар на НАТО, лордот Исмеј, беше на истата линија кога велеше: работата на НАТО е да ги држи Американците внатре, Русите надвор, а Германците под контрола.

Затоа Ивер. Б. Нојман тврди дека претставувањето на Европа цврсто е врзано за идејата на руското друго (врзана е и за исламското друго и за некои други другости, но тоа веќе е друга тема). Бидејќи исклучувањето е неопходна состојка на самото интегрирање, дефинирањето на другиот е аспект на себесогледувањето. Затоа Русија, меѓу другото, служи за поголема интеграција на европското „себство“.

Слики: Paco Pomet

Слични содржини

Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото