На 28.03.09. режимот на Груевски неприкриено ја покажа својата насилничка природа

29.03.2019 14:36
На 28.03.09. режимот на Груевски неприкриено ја покажа својата насилничка природа

Поминаа десет години од тепањето на главниот скопски плоштад.

Пренесуваме некоку фрагменти од книгата објавена на првата годишница од грдите настани на скопскиот плоштад кои уште тогаш ја разобличија природата на режимот на Груевски. Целата книга е овде.


ВО САМИЦАТА НА СВОЈОТ УМ


„Добредојде во пустината на реалното!“, му вели Морфеус на Нео, во филмот Матрикс, покажувајќи му го уништениот градски пејсаж.

А во тој пејсаж едно маче, т.е. лавче, тркала говедска глава како клопче. „За маче говедската глава е многу“, му вели Нео на Морфеус. „Не е ако мачето е лавче. И не е ако сето ова е халуцинација“.

Всушност, чопор стаорци грабнале некаква глава. На тоа наликува нашата пустина на реалното. Притоа стаорците не знаат дека ја грабнале големата митска македонска глава. Не е клопче. Не е копче. Тристатонска глава. И ја влечат стаорциве главава, избезумено, како мравки шкорпија, обидувајќи се негде да ја пикнат, да ја сместат... На постамент, можеби?! Не е лошо. На плоштад?! Можит.

27.04.09.

 

СПЕКТАКЛУК: БОЛВЈА СВАДБА

Потребен е отпор. Потребни се најразлични форми на отпор. Шега и пародија - да, секако, но и создавање подобра уметност и култура од онаа на кичерските варвари што пустошат корумпирајќи и заплашувајќи. Можам да го разберам дури и игнорирањето на реалноста, на пример, занемарувањето на македонските медиуми, од кои добар дел го слават преродбеничкото лопатарство и груевистичкото устројство-растројство. Сето тоа се трудам да го разберам, зашто и самиот сум фатен во стапицата; животот, умот, вкусот, сензибилноста и суптилноста ни ги изедоа обидите да му се спротиставиме на растројството што постојано ни го продаваат како устројство. Од друга страна - нема друго. Мора да се спротиставиме. Секој според својата мерка. Самите треба да бидеме токму мерката на она малку што преостанало од цивилизираноста во нашата средина. Формите на тој отпор, повторувам, можат да бидат најразлични, но сите нив ги поврзува минимумот одговорност за градот и државата и минимумот граѓанска с(о)вест.

11.05.09.

 

АРХИТОРТУРА

Замислата за црква, џамија и 22-метарски споменик на Александар на скопскиот плоштад - е кикс-идеја. Произлегува од територијалните кретензии (т.е. сељоберската страст да се завладее со градот на начин да се униформира неговата различност) на нашата гелиптерска владаечка елита која има потреба на голема историска врата да го промовира своето празилук-чувство за спектаклук. (...)

Плоштадот „Македонија“ не се пар наследени семејни хектари од нивата на Никола Груевски. Па, нели тој владееше во дослух со мислењето на народот?! А ваму, за евидентно граѓански и градски проблеми - проширување улици, узурпирање на јавни простори итн. - народот не е битен! Битно е дека на водачот му се сонила црква. Комплет со џамијата и со 22-метарскиот Александар.

11.08.09.

 

ЈУРИШ КОН ЗИМСКИОТ ДВОРЕЦ

Има еден стар цртан филм на Дизни: Mickey Mouse, Donald Duck and Goofy go on a Caravan trip. Пајо, Мики и Шиљо патуваат во својата неверојатна камп приколка. На почетокот ги гледаме како се будат во една совршена куќичка од преградието, во прекрасна градина полна со зеленило. Набрзо се трга заднината, која всушност е фото тапет, и ние сфаќаме дека тие се наоѓаат среде индустрискиот пекол, на депонија.

Се разбира дека аналогијата е провидна: да, токму целам кон пропагандистичките лаги на актуелната македонска власт, на бескрајните фасади што главно излегуваат низ микрофоните, иако дел од нив се отелотворуваат во познатата форма на Потемкинови села (во Макетонија познати како дупки, црни и други, во кои некој некогаш нешто можеби ќе изгради, а можеби и не).

17.09.09.

 

ВО ДУЌАНОТ НА БЕСКРАЈНИТЕ ЗНАМИЊА

1934 година на една минхенска изложба Хитлер застанал пред сликата на еден уважен професор на академија и рекол, подмижувајќи: „Сторете ми ја таа трева зелена, а на она бушаво момче во кошула подобро ќе му стои прописно закопчана есес-униформа. И да ми го зачешлате! Патец сакам да видам!“

Жданов исто така барал колхозните ливади и во доцна есен да бидат исти како во мај. „Затоа Сталин на сите узорни слики на Герасимов секогаш личи на некој трговски помошник во дуќанот на бескрајните црвени знамиња“, коментира маркантниот партизански поет и надреалист Оскар Давичо.

Дури и во раниот и тогаш навистина ригиден југословенски социјализам луѓето се подбиваа со нарачаната уметност. Една елитна модернистичка струја (која ја предводеше Крлежа, а во која спаѓаше и Давичо) раскрсти со соц-реализмот уште на почетокот на педесеттите години на дваесеттиот век. Истиот бран на некакво естетско ослободување тогаш ја допре и Македонија, се разбира, каде што во познатите полемики меѓу модернистите и реалистите победата ја однесоа посовремените.

Повторувам знаење од средно училиште. Се чини, многумина го заборавиле. Шокантно е што во 2010 година мораме одново да се бориме за творечките и мисловните слободи за кои сме мислеле дека се освоени уште во времето на најтврдите фази на комунизмот!

26.02.10.

 

28 МАРТ 2009

на 28 март 2009, во најсоголена можна форма видовме дека партијата се поистоветила со државата и дека навистина сака да контролира сè: и живо и мртво и насмеано и смуртено и религија и историја и сегашност и споменици и гулаби и кучиња и глутници и локално и централно и опозиција и медиуми и граѓански здруженија и судство... - буквално и тотално сè. (...)

И покрај тоа што сме принудени да живееме во средина во којашто вистината, како во „Кралот Лир“, станала „пциште што мора да се прибере во дувлото" - токму вистинското согледување на сегашниов политички ќорсокак конечно ќе ја оконча бескрајната транзиција.

28.03.10.


Слики: Свирачиња
Извор: Никола Гелевски -
Архитортура и Гробализација; Темплум, март 2009