Реакција по повод антиработничките одредби за штрајк во образованието

11.09.2014 16:01
Реакција по повод антиработничките одредби за штрајк во образованието

Маските паднаа! Владата на Република Македонија со најновите, експресно изгласани измени на законите што се однесуваат на правото на штрајк во образованието даде најочигледен доказ дека работи против работниците во Македонија. И дека, сакајќи да си обезбеди привид на законито работење, или ги толкува постоечките рестриктивни одредби за штрајкот против работниците (како што се случи при штрајкот на лекарите од Синдикатот на клинички центри) или ги менува законите на штета на работниците, сакајќи да создаде привид дека работи според законите (како во овој случај). Не е правна онаа држава во која власта наменски ги менува законите во своја корист! И не е социјална онаа држава во која власта нема слух за социјалните проблеми на работниците!

Правото на штрајк, кое е гарантирано со Уставот на Република Македонија, и пред овие измени беше премногу рестриктивно регулирано. Толку рестриктивно што се наметнува дилемата: дали намерата е преку законските одредби да се обезбеди остварувањето на ова уставно гарантирано право или да се ограничи што е можно повеќе ова клучно работничко право? Поради исклучително неповолните одредби што се однесуваат на правото на штрајк, потписниците на Синдикалната повелба, меѓу кои е и Левичарското движење „Солидарност“, на Првомајскиот протест оваа година побараа: ослободување на правото на штрајк од законските стеги!

Левичарското движење „Солидарност“ ги повикува работниците од образованието кои се моментално невработени да не служат како монета за поткусурување на Владата против легитимните барања на Синдикатот за образование. Штрајкбрехерството е појава која е за секаква морална осуда. Не дозволувајте за беден надомест за само два, три, пет дена да бидете алатката преку која Владата ќе ги порази вашите класни другари! Нека не ве плаши притисокот на власта пред и за време на штрајкот! Заедно сме силни. Синдикализмот се базира на солидарната работничка акција! Бидете сложни, бидете истрајни и заедно сигурно ќе победиме!

Извор: solidarnostblog.wordpress.com