Вкрстување на перспективите

12.03.2010 12:53
vkrstuvanje-taxt-naslovna.jpg

Филмот „Таксист“, ремек делото на Мартин Скорсезе од 1976 година, во одредена смисла е филм за градот. За лошиот и валкан град кој во очите на психотичниот Тревис (Роберт де Ниро) станува стапица, отуѓен простор од кој нема бегање. Веќе во првиот кадар се соочуваме со ноќта, а испарувањата од уличната канализација го освојуваат целиот екран. Низ густите испарувања одеднаш се појавува возило и потоа екранот пак е прекриен со чад. Тие испарувања што доаѓаат од подземјето на градот, нè предупредуваат на хтонски опасните слоеви и на самиот град и на поединецот изгубен во него. Маглата што го голта кадарот ни сугерира дека се наоѓаме во еден поместен простор што крие закани. Поблиска метафоризација и очовечување на тој нејасен и валкан простор добиваме кога камерата ги зумира очите на Тревис. За да го разбереме магливиот простор на градот ќе мораме да влеземе во магливиот ум на Тревис.

Ми се чини дека политичките планери на проектот „Скопје 2014“ страдаат од синдромот на Тревис Бигл: страв од градот. Градот е (ментално) ѓубриште кое треба да се исчисти и поедностави, а „неморалното“ треба да се „нормализира“ (т.е. “морализира“). Во нашиот случај, неморалната отвореност на Скопје треба да се нацификува. Модерниот и интернационален град треба да се претвори во антички и во етнички. Се разбира дека таквиот проект „не е со сите“ и затоа го споредувам со „Таксист“, брилијантната филмска студија за отуѓеноста и лудилото.

Токму како што нашите скриени политички планери не успеваат да ги искомуницираат своите налудничави идеи (три години по почетокот на проектот никој всушност не знае што точно содржи Тројанскиот коњ наречен „Скопје 2014“), исто така и Тревис не знае да комуницира во градот; сите негови обиди за човечка размена се безуспешни: со службеникот во такси станицата, со работничката во порно киното, со Бетси и Ајрис...

И баш го гледам политичкиот планер на Скопје 2014. Седи крај маса во својата соба и чкрта нешто во својата тетратка. Црта споменици и грми против предавниците, курвите и општиот неморал. Зад него се наоѓа прозорец со решетки. Пропаѓа и последната шанса да излезе од својот ум, да се отвори кон надворешниот свет. Тревис (т.е. политичкиот планер на Скопје, тајната кафкијанска фигура што ни ја зацртува стварноста) е заробен во својот стан, во својот ум.


Тој налудничав и агресивен планер ни ја зацрта антиквизацијата („Скопје 2014“ е само дел од „антикварниот“ процес). А новокомпонираните архитекти на турбофолк македонизмот насилно ја спроведуваат врз граѓаните како да сме бели глувци во нивните забегани ментални лавиринти. Тоа ме потсетува на еден друг морничав и вистинит настан. Во баварскиот град Ерланген 1991 година една бремена жена е жртва во сообраќајна несреќа. Лекарите констатираат „мозочна смрт“, но едновремено се обидуваат до крај да ја доведат бременоста на мртвата жена врзана за машините за вештачко одржување. Новинарите, на згрозување на свештениците, бомбастично го споредуваат очекувањето на плодот од утробата на мртвата жена со „нов Адвент“. Вознемирената јавност отвора низа етички дилеми. На крајот, детето на мртвата жена сепак се раѓа мртво.

Претерувам, се разбира, во споредбите. Признавам и дека експресивноста (па и екстремноста) на примериве може да заструга врз нечии главно анестезирани сетила, деновиве. Но, токму затоа претерувам! Ако некогашниот тоталитаризам спроведуваше „цензура“ сега се соочуваме со своевидна „сензура“, како што вели Бернар Ноел - со одземање на смислата. А тоа лишување од смислата не е само кривотворење, пресоблекување или искривување на „реалноста“ околу нас, туку станува збор за понуда на празнина исполнета со слики и претстави кои доаѓаат на местото на мислите и оставаат впечаток на полнотија.

Естетиката што ни се нуди како наше „идентитетско разрешување на конфликтите“ всушност отвора цели нови („тревисовски“) бездни при обидот како нација и држава да се лоцираме во просторот и времето. Продавајќи ни евтини национални фетиши (јарболи, знамиња, споменици, фанфари итн.) некогашната цензура власта ја заменува со сензура, со многу пософистицирано умртвување на отпорот на луѓето (не џабе власта среде главниот скопски плоштад постави лизгалиште, истовремено одземајќи им го јавниот простор на луѓето; се оневозможува каков било отпор, какво било јавно собирање или протестирање против узурпацијата на јавниот простор). Бескрајно евтината „национална естетика“ на сегашнава власт всушност е анестетика (или козметика). А на македонските граѓани, како бегство од морничавата стварност (сите јавни служби и услуги - болници, училишта, патишта итн. - живеат во колапс) им се нудат дупки, слики и претстави.
(Последниве години Цирих е необичен пример на град кој се развива - удолу! Во длабочината на земјата, под површината, се градат импресивни градски објекти. Можеби тоа е добра идеја да го решиме проблемот - кој станува општ, државен, па и регионален - на ентузијастичните над-Македонци што постојано копаат сè подлабоко, за да го откријат најстариот македоноидски фосил на планетава... Можеби треба, со помош на национален самопридонес и меѓународни кредити, да им купиме на ентузијастиве солидно парче простор, надвор од населените места, но строго во посветен антички простор, за таму да копаат и градат велелепни антички творби - под земја?! Само раат да го остават Скопје.)

Имам уште една причина за овие преплети меѓу политичкиот и естетскиот говор кон кои прибегнувам. Француската теоретичарка Жоел Заск во својата книга „Демократијата и уметноста“ вели дека уметничките, естетските и демократските критериуми се слични. Активностите поврзани со уметноста претставуваат карактеристики што го симболизираат демократскиот живот; и обратно, клучните идеи во историјата на либералната демократија мошне се корисни при продлабочувањето на уметничката практика и естетските судови.

Исто така, идеалот на созревањето, еманципацијата и индивидуацијата се заеднички и за уметноста и за демократијата.

Политиката често кај уметничките практики ги открива точките каде што тие од креативни преминуваат во конформистички; уметноста, пак, на политиката и’ го покажува моментот кога таа од слуга станува господар, дури и џелат. Ако треба да исчекориме од политиката за да можеме да ја оцениме и насочиме, сугерира Жоел Заск, тогаш исто така треба да се излезе и од уметноста, за да ја поттикнеме. Вкрстувањето на перспективите е своевидно вежбање на слободата.

„Глобус“, 09.03.10.

Слични содржини

Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото