Каде е гробот на Колумбо?

11.07.2015 10:27
Каде е гробот на Колумбо?

Секоја година во овој период се одбележува денот на Колумбо во знак на сеќавање на првото патување на Кристофер Колумбо и откривањето на Америка во 1492 година. Во САД, овој ден се слави вториот понеделник од октомври, додека земјите од Јужна и Средна Америка, потоа Италија и Шпанија, го одбележуваат на 12 октомври. Деталите за откривањето на Новиот свет, помалку или повеќе, се познати. Се верува дека Колумбо е роден во Џенова (1451 година) и дека одлучил да се занимава со трговија пловејќи по светските мориња. Позната е и неговата желба да открие нов морски пат до Индија и настојувањето за тој потфат да добие пари од кралските семејства. Верувајќи дека земјата има облик на топка, планот на Колумбо би можел да се сумира во реченицата: „Да се бара истокот преку западот и одејќи на запад да се стигне до земјата каде се раѓаат зачините“.

Најпрвин побарал помош во Португалија каде доживеал бродолом, па пливајќи стигнал до нејзиниот брег и таму останал. Бидејќи не добил помош, продолжил за Шпанија. Кралицата Изабела од Кастиља се согласила да му помогне и во август 1492 година Колумбо тргнал на своето прво патување преку Атлантикот.

Контурите на Новиот свет Колумбо ги здогледал на 12 октомври 1492 година, мислејќи дека навистина стигнал до Индија (така за жителите на американскиот континент во Европа се одомаќинил изразот Индијанци). Измачените морепловци стапнале на тврдо тло на островот Гванахани, кој Колумбо го нарекол Сан Салвадор (Светиот спасител).

Во периодот од 1492 до 1504 година, Колумбо четирипати патувал до Америка и назад. Две години по завршувањето на четвртото патување, во мај 1506 година, умрел во Ваљадолид во Шпанија, во 54 година од животот. Таму е и погребан. Боледувал од артритис, иако некои современи истражувања зборуваат дека причина за смртта би можел да биде и таканаречениот Рајтеров синдром. Последната желба на Колумбо била неговите посмртни остатоци да се пренесат во Новиот свет, вечно да почиваат во „Хиспанија“.

Меѓутоа, се покажало дека не бил само животот на Колумбо исполнет со интересни и необични настани, туку и случувањата по неговата смрт – во врска со неговиот погреб или подобро кажано погреби. На некој начин, тој и по смртта тргнал на пат, кој бил подолг од патот кој повеќето луѓе го поминуваат во текот на целиот живот.

Од Ваљадолид, неговите остатоци, прво во 1509 година, биле пренесени во манастир покрај Севиља. Тогаш не можел да се почитува неговиот последен збор бидејќи во новиот свет не постоела соодветна градба (црква). Кога во 1526 година починал неговиот најстар син Диего (поранешен гувернер на Хиспанија) и тој бил погребан на истото место. Вдовицата на Диего била упорна и под нејзино влијание шпанските власти во 1537 година дозволиле коските на таткото и синот да се пренесат во катедралата во Санто Доминго (денешна Доминиканска Република). Така, Колумбо по петти пат тргнал преку Атлантикот. По налог на снаата на Колумбо, неговите остатоци се закопани под десната страна на олтарот, каде стоеле недопрени два века.

До промена на неговото почивалиште морало да дојде во 1795 година. Шпанија ја изгубила војната со Франција и една од последиците на мировниот договор била преминување на управата на Доминиканската Република од шпански во француски раце. Притоа, Шпанците не сакале нивните драгоцености да му припаднат на друг. Тоа се однесувало и на посмртните остатоци на Кристофер Колумбо. Било одлучено да се преместат на подрачје кое останало под шпанска управа. Пред да го напуштат Санто Доминго, остатоците на Колумбо биле ископани во еден ковчег и биле префрлени на Куба, во катедралата во Хавана.

Меѓутоа, само еден век подоцна, Колумбо повторно морал на пат. Шпанија ја изгубила војната, овојпат од САД, а Куба во 1898 година се ослободила од шпанската управа (и паднала под влијание на Американците). Коските на Кристофер Колумбо тргнале од Хавана преку Атлантикот кон Шпанија – како што четирипати направил големиот морепловец додека бил жив. По повеќе од 350 години коските повторно биле вратени во Севиља, во нејзината најголема катедрала. Така завршило петтото, последно патување на Кристофер. Но, неговите остатоци не го нашле конечниот мир.

Основната причина е еден настан кој се одиграл во меѓувреме, во 1877 година, а кој внел голема конфузија. За време на обновувањето на катедралата во Санто Доминго работниците ги подигнале плочите од подот и го откриле гробот. Бидејќи се наоѓал на левата страна од олтарот, се очекувало да му припаѓаат на синот на Кристофер, Диего. На големо изненадување, на надгробната плоча стоел јасен натпис дека тука почива Кристофер Колумбо! Во оловниот ковчег се најдени остатоци од 41 коска и куршум, кој веројатно останал во некоја рана добиена во младоста.

Тогаш чии биле коските што Шпанците ги пренеле во Хавана? Дали е можно во 1795 година Доминиканците да подметнале туѓи коски наместо коските на Кристофер? Или можеби ги поделиле? Сепак, најочигледен заклучок бил – дека тоа се коските на Диего. До замена на остатоците можело да дојде само со ексхумација, во случај погрешно да е проценето која е десната страна на олтарот (постои разлика ако се гледа во неговиот правец или од него). Оттогаш, Кристофер Колумбо имал два гроба – еден во Шпанија, друг во Доминиканската Република! И главно така останало до денешен ден. Двете земји и понатаму тврдат дека остатоците од Кристофер се наоѓаат во нивната земја. На тој начин, макар и симболично, Колумбо повторно ги поврзал Стариот и Новиот свет.

Во почетокот на 21 век, благодарение на големиот напредок на генетиката, меѓу некои шпански експерти се јавила замислата со помош на ДНК да се утврди вистината. Како во вистинска детективска постапка биле земени примероци од остатоците од три личности: од коските за кои се смета дека се на Кристофер, од неговиот вонбрачен син Ернанд (кој исто така бил погребан во истата катедрала) и од братот на Колумбо (кој исто така се викал Диего). Сите тројца се погребани во Севиља, но единствено остатоците на Ернанд никогаш не биле преместени уште од 1539 година кога бил погребан. Предводникот на истражувањето, професорот Марсиал Кастро, земал примероци и митохондриска ДНК од двајцата браќа. Ваквата ДНК се пренесува само преку мајчина линија, па кај родените браќа морала да биде многу слична. Најпосле, тоа и се покажало, што на Шпанците им дало право да тврдат дека вистинскиот гроб на Кристофер Колумбо се наоѓа во Севиља. Сепак, Кастро изјавил дека за добивање веродостојни докази било неопходно да се испитаат и остатоците од Доминиканската Република.

Меѓутоа, властите во Санто Доминго не ги прифатиле таквите резултати, ниту им дозволиле на Шпанците да ги испитаат остатоците кои се наоѓаат кај нив. Во оваа држава тврдат дека имаат доволно докази дека тие му припаѓаат на Колумбо. Тоа се натписот на надгробната плоча (во чија веродостојност не се сомнева никој) и знаците на напредниот артритис на коските, болест за која се знае дека ја имал Колумбо. Исто така, сметаат дека овие остатоци не треба повеќе да се вознемируваат. Сепак, вистинската причина за нивното одбивање би можела да биде и велелепниот светилник (El Faro a Colón), односно мавзолејот кој му го посветиле на Колумбо. Подигнат е во Санто Доминго за време на одбележувањето пет века од неговото откривање на Америка, а секоја година го посетуваат мноштво туристи.

Извор: http://politikin-zabavnik.rs

ОкоБоли главаВицФото