Замрзни ме за вечност!

03.12.2015 11:47
Замрзни ме за вечност!

Ретко која личност има желба да живее вечно. Повеќето би се сложиле дека бесмртноста е всушност многу болна бидејќи ќе биде неизбежно бесмртниот да ги надживее сите пријатели и да ги погреба своите сакани.

Но, повеќето веројатно би ја прифатиле идејата да живеат малку подолго. Токму таквата идеја мотивирала група луѓе да инвестираат во „долг студен сон“. Не, тоа не е некаков еуфемизам за смртта – мислиме буквално. Во зградата на фондацијата Alcor Life Extension, во американската сојузна држава Аризона, се наоѓаат 138 тела на луѓе кои дозволиле по смртта да бидат замрзнати со намера еден ден да ги „стопат“ кога медицината и технологијата доволно ќе напредуваат за нивните тела донекаде да се подмладат.

Пред мислите да ви залутаат на онаа сцена од филмот „Разбивач“ со Силвестер Сталоне во кој тој, сосема гол, отслужува затворска казна замрзнат во парче мраз, ова не е таков случај. Такво нешто не постои, односно, невозможно е. Имено, криониката, како што службено се нарекува тој процес, не го замрзнува целото тело во санта мраз која еден ден со помош на ласер малку ќе се истопи и – магија! – повторно сте живи.

Ледените кристали

Крионичкото замрзнување изгледа сосема поинаку во практиката, а наводно е и реверзибилно. Кога службено ќе се констатира смртта на личноста која сака да биде замрзната, крионичката компанија тргнува по телото и го транспортира до своето складиште. Притоа, се води борба со времето, бидејќи крвта во телото почнува да коагулира веднаш по смртта, а тоа никако не им одговара на крионичарите. За што подобро да се зачува телото додека да биде складирано, во него се вбризгува коктел од различни хемикалии кои го спречуваат коагулирањето на крвта и оштетувањето на мозокот, а телото буквално се прекрива со вреќички мраз. Во крионичката фабрика телото повторно се разладува до температура над точката на замрзнување на водата, а од телото се отстранува крвта која се заменува со средство за заштита и конзервирање на органите. Во вените се вбризгува средство чија задача е да го запре создавањето ледени кристали во органите, а потоа телото се лади на -130 целзиусови степени. Потоа, телото се подготвува во резервоар со течен кислород и дополнително се лади на -196 степени. Целокупниот процес во просек трае неколку часови, а чини околу 100 000 долари.

Досега за замрзнување се одлучиле неколку стотици луѓе ширум светот, но тешко е да се утврди точниот број бидејќи повеќето бараат тоа да се направи во строга тајност. Но, едно е сигурно, легендата дека на постапка за замрзнување бил подложен таткото на анимираните филмови Волт Дизни е потполно лажна. Тој е кремиран и закопан во меморијалниот парк Форест Лаун во Глендејл, Калифорнија.

Меѓутоа, криониката станува сè попопуларен метод меѓу богатите кои се надеваат дека технологијата еден ден доволно ќе напредува за да ги оживее. Освен во Аризона, приближно 135 луѓе се замрзнати во Крионичкиот институт во близина на Детроит. Како што потврди за англискиот Гардијан директорот на компанијата, Денис Ковалски, кај нив се наоѓаат тела на луѓе од Велика Британија, Канада, Австралија и Германија. Се разбира, има најмногу Американци. Меѓу нив се луѓе од различни бранши – на пример, професори, готвачи, секретарки и студенти, а наводно има и замрзнати домашни миленичиња. Освен нив, веројатно најпознатата личност која е замрзната во Крионичкиот институт е основачот на криониката, физичарот Роберт Етингер.

Неговото тело е замрзнато веднаш по смртта, во 2011 година. Почина на возраст од 92 години од природна смрт, од старост, а сместен е во просторот помеѓу мајка му и двете сопруги. Таа година, тој стана 106 човек чие тело е сместено во институтот, кој самиот го основа во 1976 година.

Живот по смртта

За криониката Етингер го инспирирале научно-фантастичните книги и длабоката вера во напредокот на технологијата заради што почнал да верува во живот по смртта. Убеден дека некогаш ќе почне да се работи на замрзнување и оживување на покојниците, одлучил да стане пионер во таа научна област бидејќи сметал дека не се прави многу за тоа прашање. Книгата „Можност за бесмртност“, која е своевиден вовед во криониката, ја напишал во 1964 година.

Првата личност која била подложена на замрзнување по смртта бил 73 годишниот психолог Џејмс Бедфорд во 1967 година, а три години подоцна ширум САД биле отворени првите крионички претпријатија. Првото тело кое успешно го замрзнале во институтот била мајката на Роберт, Реа, која починала во 1977 година. Денес, установи за замрзнување на покојниците постојат во Аризона, Калифорнија и Русија. Подготовката за замрзнување и складирање на телата во резервоар се наплатува околу 23 000 долари.

Некои научници се критички насочени кон криониката и постапката за замрзнување. Голем број од нив посочуваат на проблемот за создавање ледени кристали во клетките од телото на ниски температури, што изгледа логично со оглед на тоа дека телото е изладено на температура под -5 степени, на која замрзнува водата во телото.

Со оглед дека мразот има помала густина, потребен му е поголем простор, па ледените кристали ќе ги пробијат клеточните мембрани на телото предизвикувајќи сериозни оштетувања.

Извор: Globus, 06.11.2015
 

ОкоБоли главаВицФото