1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 10:42
«Улиците се наши четки,
Плоштадите – наши палети.»
Мајаковски
Секој авторитарен режим, по инерција на својот централистички и репресивен карактер, води кон редукција на природата на улицата (сфатена како метонимија на јавниот простор) на она што би можело да се нарече – доколку градот се спореди со јазичниот систем – фатичка функција, која Роман Јакобсон ја објаснува како функција која служи единствено за одржување на каналот на комуникација, лишена од каква било експресивна, апелативна или поетска обоеност. Аплициран врз комплексната слика на градот, овој процес (на амплификација на фатичката функција и мортификација на останатите функции на улицата) се отсликува како трансформација на улицата во комуникациски сервис на етаблираните позиции на моќ. Се потиснува експресијата на независна волја и какво било обраќање кон структурните центри и се ограничува творечкиот пристап кој сака да ја редефинира природата на јавниот простор, а преку неа и морфологијата на урбаниот/ социјалниот/ политичкиот систем. Со други зборови, улицата за автократот е само ходник од еден до друг салон во неговиот замок. За ситните човечулци, пак, таа претставува сива лента за превезување на нивните тела од домот до работното место и назад, со попатни станици за инфузија на интелектуални седативи и дозирани сензации.
Токму затоа секоја демонстрација на нестандардно разбирање на улицата (преку протест, односно колективна експресија на волја, обраќање кон институциите на моќ, творечка манифестација на алтернативни социјални структури) ќе биде разбрана од центрите на моќ како хаварија на каналите за стерилна комуникација во воспоставената институционална мрежа. Сосема очекувано, тие ќе ги применат сите хигиенски средства (законите, технологијата, полицијата) за да нѐ отстранат нас, бактериите, од монотониот промет на информации. Антиципирајќи ја нивната хигиенска стратегија, ние треба да развиваме механизми на резистентност и, додека ја еродираме хегемонијата на авторитарниот систем, да градиме јасна визија за институционализација на нов, еманципаторен систем на социјална и економско-политичка интеракција. Систем во кој распределбата на моќ и одговорност ќе биде радикално преосмислена, без џебови на акумулирана економско-политичка моќ која би генерирала потенцијал за корупција, па дури и за рехабилитација на авторитарната политичка пракса. Исто така, не треба да очекуваме транзицијата кон ваквиот систем да се случи стихијно или под раководство на структури кои се цврсто вкоренети во етаблираната политичка култура.
По долгогодишното систематско разнебитување на јавните простори и атрофијата на културата на улична демонстрација/демократија, не зачудува ентузијазмот за прослава на спонтаната народна средба, ослободена од униформата, фолклорниот (етно-религиски) императив или партискиот јарем. Радикалната интервенција во воспоставената култура на изолирана и контролирана индивидуална инцијативност и инструментализирани колективни средби очекувано ја шокира свеста на протестирачот и ја активира потребата за празнично обележување на новиот слободарски амбиент. Но токму празничната наивност е тројанскиот коњ за колективниот револуционерен порив против репресивните и експлоататорски структури на моќ. Центрифугалните сили на празничниот вител го одвлекуваат протестниот фокус од развивањето организирана стратегија за експанзија на новата политичка интеракција воспоставена на улицата. Едноставно, кога протестот станува карневал се случува перверзија на револуционерниот дух што го отвора гардот за силен удар на реакционерните сили.
Карневализацијата на протестот и банализацијата на револуционерниот вокабулар ја компромитира суштината на практикување улична демократија. Ултимативната цел на уличниот протест треба да биде воспоставување симболички и политички идентитет на народното движење што соодветстувува на материјалните интереси и општествената визија на широкиот потиснат социјален слој — наместо наметнување идеолошки разводнет и јалов, но маркетиншки примамлив симболички идентитет.
Вандализацијата со бои на физичкиот простор устроен според интересите на корумпираната политичка власт е инвентивна тактика за сигнализирање на револтот кон децениското архитектонско насилство на власта врз градот. Сепак, кога шаренилото прераснува во симбол на т.н. револуција, се дегенерира сериозноста на политичкиот потфат што го има актуелното протестно движење. Истовремено се растоварува неговиот социјален капитал, што е евидентно преку неуспехот на протестот да резонира со најпотиснатите од авторитарниот режим: сиромашните, безработните, најзагрозените работници, оние кои знаат дека немаат доволно „школо“ или „грб“ за да ќарат заштита и поддршка од клиентелистичките структури.
Во таа смисла, ако сме сериозни во намерата да го артикулираме револуционерниот потенцијал на широките народни маси, тогаш бојата на револуцијата треба да биде само тангентно прашање, а не најекспониран аспект на револуционерниот дискурс. Сепак, ако оваа револуција треба да понесе накаква боја, верувам дека таа треба да биде црвена, но не едноставно во нејзиното знаме, амблем или епитет, туку во нејзиниот политички ракурс. Имено, револуцијата која извира од крвта проплукана под чизмата на оваа авторитарна власт има директна врска со универзалната борба против капитализмот, империјализмот и фашизмот, црвената борба. Таа револуција би требало да има 3 основни обележја:
1. Борба за социјална правда. Воспоставувањето и одржувањето на политичка авторитарност и репресија е во суштина надградба на економската експлоатација. Оттаму, како јадрени позиции на новата политичка визија треба да се постават: симултаното унапредување на работничките и граѓанските права, сузбивањето на економско-политичкиот елитизам, борбата за класно освестување и укинување на класните разлики, експанзијата на јавен, универзално достапен и колективно управуван политичко-економски простор и укинувањето на репресијата по која било основа.
2. Класна обединетост. Наспроти фантазмагоричните поделби по етничка, религиска, родова и сексуална основа, новата еманципаторна политичка логика треба да ја препознае и да ѝ се спротивстави на единствената поделба која етаблираните политички елити не ја артикулираат, а претставува основа за одржување на нивната дискурзивна доминација и манипулација: класната раслоеност на народот. Во контекст на енормен јаз меѓу сиромашните и богатите и концентрација на огромна политичка и економска моќ во рацете на мала група поединци, апсурдно е да се очекува носители на политичката интервенција во интерес на потиснатите да бидат оние кои ги потиснуваат.
3. Интернационализам. Со оглед на постоењето на слични движења ширум светот и наднационалниот карактер на одредени аспекти на политичката криза, потребно е симболичко и практично приклучување кон општочовечкиот фронт за економско-политичка еманципација. Поддршката од меѓунарнодната заедница е клучна, но за истата да има вистинска тежина треба да биде изразена од конвергентните задгранични движења и од платформите и институциите што доследно го претставуваат народниот глас во одредени земји, наместо од светските политичко-економски врвови.
Во средновековната култура, непосредно по карневалите следувал строг пост. Карневализацијата на народниот револт во овој момент може да стане увертира во уште еден долг политички пост за народот, во текот на кој, трпејќи го секојдневното изгладнување, ќе биде слободен единствено да го медитира подоброто општество. Наместо тоа, улиците и плоштадите треба да ги прогласиме за наши домови, аталјеа, собранија, простори на афирмација на другарски и слободни меѓучовечки односи. Тие треба да останат наши четки и палети, но со нив да ги создаваме контурите на новото општество, а не да ги шараме рамките на старото.
Извор: momugra.wordpress.com
Фотографии: Ванчо Џамбаски