За кратката прозна форма

16.06.2016 00:57
За кратката прозна форма

Со својата насоченост кон екстракт, кратката прозна форма е плод на новите времиња. Доколку немате време да изедете толку килограми овошје колку што има потреба вашиот организам, тука се пилулите во кои ги има неопходните витамини, дури и во количини кои се над потребната дневна доза. Сепак, јадете и овошје понекогаш...

Ако сте успеале да ја збиете во дваесетина редови содржината за која на романсиерот би му биле потребни неколку стотини страници, тогаш имате значајна предност пред него: тој никако не може да стигне да напише стотина романи, а вие, пишувајќи кратки прози, можеби ќе дотерате до троцифрен број.

Порано таквите прозни облици ги викале „песни во проза“. Песната, онаа во стих, подразбира извесен степен на повишена емотивност. Во кратката прозна форма степенот на (експлицитно пројавената) емотивност е спуштен понекогаш под нулата: допирот со замрзнатиот метал може да жегне како и допирот со вжештен.

Да се раскаже, колку што е можно пократко, една приказна, да се изнесе неочекуван поглед врз еден факт, или да се прикаже само една необична слика - тоа се, главно, трите можности со кои располага овој прозен облик. Без оглед за што ќе се одлучи, кратката прозна форма има секогаш мошне малку редови за да го реализира својот потфат. Краткоста тука е секако едно тешко ограничување, но и извор на дополнително задоволство - нешто како чувство на оној кој поминал низ иницијација со препречена цел.

Да се биде краток: во најдобрите случаи тоа значи на читателот да му се остави мошне широко поле на можни асоцијации.

За да заживее самостојно, кратката прозна форма мора да содржи во себе една згусната енергија. Парадоксот, апоријата, апсурдот се честопати гориво кое ја обезбедува таа енергија; изненадувањето, иронијата, хуморот се искри кои го предизвикуваат согорувањето.

Извор: Седмата страна на коцката, Магор, Скопје, 2010.
Скулптура на сликата: Јасенко Ѓорѓевиќ

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото