Но пасаран, забегани!

27.02.2017 16:30
Но пасаран, забегани!

Груевски можеше да направи нешто добро за Македонија пред две години.

Можеше да се повлече, да не ги кочи реформите и да не ја спречува правдата.

Но, Груевски избра нешто друго.

Груевски избра да монтира случај "Пуч" за да ги криминализира тие што имаа докази за неговите криминали.

Груевски и пајташите од неговото злосторничко здружение избраа да ја уништат опремата за прислушкување за да ги сокријат трагите од масовното незаконско прислушкување. Избраа и да продолжат со нелегалното прислушување во 2015 и 2016.

Груевски и злосторничкото дружение на власт избраа да ги тепаат демонстрантите на 5.05.2015 и да пропуштат вооружени терористи во Куманово, за да ја дефокусираат јавноста со крвав конфликт.

Груевски избра да го минира "Договорот од Пржино" кој самиот беше принуден да го потпише. Груевски избра да го минира СЈО и да ја попречува правдата.

Груевски избра да го крши Уставот и да го злоупотреби Уставниот суд за да му даде можност на "Фикусот" да аболицира изборни и други криминалци. Груевски и неговата мафијашка тајфа избраа преку неговиот послушен "Фикус" да се амнестираат себеси, за да ги спречат истрагите за изборен и друг криминал.

Потоа избраа да го заплашуваат народот со мистериозни "самоубиства" на амнестирани сведоци. Избраа и да организираат контра-протести за заштита на својата криминална амнестија. Откако и тоа не им успеа, избраа да одат сами на нерегуларни избори. Откако и во тоа беа спречени, избраа да ги прогонуваат, заплашуваат и казнуваат учесниците на "Шарената револуција".

Откако мнозинството од народот избра промени, Груевски и неговата банда избраа да ја погазат волјата на мнозинството граѓани на Македонија. Избраа да си доделат мандат за премиер, иако немаа парламентарно мнозинство. Избраа да ја прифатат и платформата на ДУИ, ама пак не успеаја да добијат поддршка од 61 пратеник.

Потоа Груевски и неговата криминална банда избраа да продолжат да го хушкаат народот преку нивните пропагандни куртони, за да предизвикаат граѓанска војна.
Груевски и неговите послушници избраа да повикуваат на војна, за "одбрана" на државата која тие самите ја нападнаа, киднапираа и ограбија.

Нивни избор беше да ја држат Република Македонија во заложништво, а не наш. Нашиот избор беше да ја ослободиме без да се пролее и капка крв. Затоа и бевме толку трпеливи.

Ама, ако некој има намера, да се обиде да си ја спаси криминалната кожа со пролевање наша крв, и повикува на насилство, ние немаме друг избор.

Немаме друг избор освен да се одбраниме себеси, да ја одбраниме демократијата, и да ја одбраниме државата Република Македонија која сеуште ја држат во заложништво.

Но пасаран, забегани!

ОкоБоли главаВицФото