Отворањето на дискурзивно-едукативната програма „Совршениот уметник“

12.05.2017 02:41
Отворањето на дискурзивно-едукативната програма „Совршениот уметник“

На 13 мај  (сабота) во Кино Култура, со почеток во 13:30 часот, ќе биде отворена дискурзивно-едукативната програма СОВРШЕНИОТ УМЕТНИК која започнува со дискусијата насловена „Отворени образовни курикулуми – критички единки и колективи“.

Оваа програма, која за прв пат се случува оваа година, е дел од биеналната награда ДЕНЕС, која од 2003 година се доделува на млад визуелен уметник до 35 години.

Идејата на оваа дискусија се можностите на соработка помеѓу едукативните институции и граѓанскиот сектор кои ќе водат кон проширување на капацитетите, иницијативноста и мотивацијата на младите уметници во земјава.

Гости во дискусијата се: Јана Јакимовска (доц. м-р, Ликовна академија при УГД Штип), Љуљзиме Лека-Мулаку (проф, Факултет за уметности – Фигуративна уметност, ДУТ), Слободанка Стевчевска (доц. м-р, Студиска програма сликарство, ФЛУ, УКИМ, Скопје) и Ладислав Цветковски (вонр. проф. м-р, Студиска програма графика, ФЛУ, УКИМ, Скопје) а модератори се Ивана Васева и Филип Јовановски.

Програмата „Совршениот уметник“ е составена од четири модули кои ќе се одвиваат во периодот од мај до почетокот на јули оваа година, а подразбира серија на работилници, дискусии и предавања кои преку практично но и теоретско делување со фокус на дијалог, размена на искуства и дебата треба да придонесат да се воспостави општествена инклузија на младите уметници, но и нивната непосредна околина и да се понудат можности за зајакнување на едукативниот систем во земјава, посебно во визуелната уметничка дисциплина.

На 13 и 14 мај ќе се одржи првиот модул на оваа програма насловен „Fine Line Between Life and Art (…Draw Your Future)“ кој се однесува на развојот, подемот и важноста на социјално ангажираната уметност во интернационални рамки (како еден широк и обединувачки термин кој се однесува на повеќе различни практики кои ја вклучуваат социјалната компонента) со повеќе учесници кои се пријавија на јавниот конкурс.

Оваа програма е курирана од Ивана Васева и иницирана како една од програмските целини на организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/ Скопје во партнерство со Фондација Фридрих Еберт – Канцеларија Скопјe и Центарот за современи уметности – Скопје. Тргнувајќи од самиот концепт на организацијата ФРУ која инкорпорира знаења кои се споделуваат, разменуваат и взаемно надоградуваат, а не се студираат или научуваат, оваа програма произлегува од потребата за едно консолидирано, посветено и артикулирано место за значења од областа на современата визуелна уметност.

Деталната програма можете да ја преземете на линкот подолу.

ПрилогГолемина
Преземи1.11 MB